ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Скопје, објавува јавен повик за консултантски услуги за изработка на анализа на трошоци и на ценовник за услугите за превенција и поддршка поврзани со ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје раководени од граѓанските организации вклучени во националниот одговор кон ХИВ, преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, на Владата на Република Северна Македонија.
Вовед: Изминатите 15 години, со меѓународна поддршка на Глобалниот фонд, Министерството за здравство воспостави пракса при којашто мрежа на граѓански организации (вкупно 14) дејствуваат како извршители на мерки и активности на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција меѓу ранливите групи на население, кои имаат суштински придонес во националниот одговор кон ХИВ, односно воспоставување на контролата на епидемијата. Овие мерки и активности се наменети за клучните популации засегнати од ХИВ, кои се надвор од дофатот на јавните установи и се даваат на сексуалните работници, мажите кои имаат секс со мажи, лицата кои користат дрога, луѓето кои живеат со ХИВ и младите лица.
По завршувањето на меѓународната поддршка, а како дел од националните заложби за одржливост на веќе воспоставените програми за ХИВ и за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ), од 2018 година Министерството за здравство целосно го презеде финансирањето на основните услуги за ХИВ и СРЗ кај ранливите групи. Моменталниот модел на финансирање е базиран на проектно финансирање на услугите за ХИВ и СРЗ, којшто се реализира на годишно ниво. На национално ниво, не постои модел на финансирање којшто предвидува плаќање по специфична услуга ниту, пак, ценовник на услугите кои се нудат во постоечките програми за ХИВ.
Како дел од заложбите за програмска и финансиска одржливост на овие програми потребно е на национално ниво да се подготви предлог-модел за финансирање по специфична превентивна услуга, односно да се изработи ценовник за сите услуги кои им се нудат на крајните корисници. Предлог-моделот на финансирање треба да овозможи соодветна и навремена имплементација и буџетирање на програмата за ХИВ во иднина, кои ќе го следат епидемиолошкиот тренд и стратегиските цели за опфат на популациите за да се обезбеди контрола на инфекцијата за ХИВ.
Јавниот повик за изработка на анализа на трошоци и ценовник за услуги за превенција, грижа и поддршка за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје, се однесува на следните превентивни програми:
- Програма за превенција на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции помеѓу мажите што имаат секс со мажи: Програмата вклучува услуги за дистрибуирање на основен пакет на услуга – кондом, лубрикант и едукативен материјал; превентивно советување за ХИВ советување, преку инфо-линија и веб-портал, психосоцијална поддршка, како и стационарни и теренски услуги од теренски работници и едукации за ХИВ во Скопје и други градови. Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа: (1) Теренска дистрибуција на кондом, лубрикант и едукативен материјал (по лице); (2) Стационарно превентивно советување за ХИВ, во живо (по услуга); (3) Онлајн превентивно советување за ХИВ (по услуга); (4) Психосоцијално советување и поддршка (по услуга); (5) Едукација за ХИВ и СРЗ (по едукација или по лице), итн. (Специфичните услуги ќе бидат дополнително дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации вклучени во нудењето на услугите, во текот на спроведувањето на анализата).
- Програма за превенција на ХИВ и други сексуално и крвно преносливи инфекции кај лицата кои инјектираат дроги (ЛИД): Програмата вклучува дистрибуција на основен пакет на услуга во стационарните сервиси за намалување на штети од употреба на дрога – сет од една игла и еден шприц, кондом и едукативен материјал; психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога; советување за намалување на ризично однесување, мотивација за третман или стручна помош во советувалиштето; стационарни и теренски услуги за социјални интервенции, и др. Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа програма: (1) Теренска дистрибуција на игла и шприц, кондом и едукативен материјал (по лице); (2) Дистрибуција на игла и шприц, кондом и едукативен материјал во стационарен сервис (по лице); (3) Стационарно превентивно советување за ХИВ, во живо (по услуга); (4) Психосоцијално советување и поддршка (по услуга); (5) Медицинска услуга за санирање на рани од неправилно инјектирање (по услуга); (6) Едукација за ХИВ (по услуга) итн. (Специфичните услуги ќе бидат дополнително дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации вклучени во нудењето на услугите во текот на спроведувањето на анализата).
- Програма за превенција на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции помеѓу сексуални работници/-чки (СР). Оваа програма опфаќа дистрибуција на основен пакет на услуга – кондом, лубрикант и едукативен материјал во теренски и стационарни програми; психосоцијална поддршка, врсничка поддршка и едукации и други активности; Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа програма: (1) Теренска дистрибуција на кондом, лубрикант и едукативен материјал (по лице); (2) Дистрибуција на кондом, лубрикант и едукативен материјал во стационарен сервис (по лице); (3) Стационарно превентивно советување за ХИВ, во живо (по услуга); (4) Психосоцијално советување и поддршка (по услуга); (3) Едукација за превенција на ХИВ и СПИ (по едукација или лице), итн. (Специфичните услуги за програмата за сексуални работници ќе бидат дополнително дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации и организациите на заедниците вклучени во нудењето на услугите, во текот на спроведувањето на анализата).
- Програма за позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај луѓето кои живеат со ХИВ и нивни партнери. Оваа програма вклучува услуги за поддршка во на луѓето со ХИВ и нивните партнери и семејства (врсничко советување, социотерапевтски групи, обуки за позитивна превенција, придружба и помош во пристапот до здравствени услуги и до терапија, помош во домашни или болнички услови, дистрибуција на кондоми и информативно-едукативни материјали, психосоцијална поддршка итн. Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа програма: (1) Дистрибуција на кондом, лубрикант и едукативен материјал во стационарен сервис (по лице); (2) Стационарно превентивно советување за ХИВ, во живо (по услуга); (3) Врсничко советување и поддршка (по услуга); (4) Едукација за позитивна превенција (по едукација или лице); (5) Социотерапевтска групна работа (по група или по лице) итн. (Специфичните услуги за програмата за позитивна превенција и поддршка на луѓето со ХИВ ќе бидат дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации и организациите на заедниците вклучени во нудење на услугите, во текот на спроведувањето на анализата).
- Програма за теренско и стационарно ХИВ тестирање и советување помеѓу клучните популации засегнати од ХИВ. Оваа програма вклучува услуги за скрининг и рана дијагноза на ХИВ кои се нудат во мобилните амбуланти за ХИВ тестирање и стационарните сервиси на граѓанските организации, кои вклучуваат пред-тест советување, тестирање за ХИВ со брз тест и пост-тест советување, како и дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативно-информативни материјали; Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа програма: (1) Пред-тест советување, правење на тест за ХИВ и читање резултати, пост-тест советување преку мобилен сервис (по услуга); (2) Пред-тест советување, правење на тест за ХИВ и читање резултати, пост-тест советување во стационарен сервис (по услуга); (3) Теренска дистрибуција на кондом, лубрикант и едукативен материјал (по лице) итн. (Специфичните услуги за програмата за ХИВ тестирање и советување ќе бидат дополнително дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации и организациите на заедниците вклучени во нудењето на услугите, во текот на спроведувањето на анализата).
- Програма за дијагноза и третман на сексуално преносливи инфекции (СПИ) и унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје помеѓу луѓето од клучните популации, млади, Ромки и жени од рурални средини во рамки на младинските сервиси и мобилната гинеколошка амбуланта за СРЗ. Во оваа програма се вклучени гинеколошки прегледи и советувања (дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија и контрацепција, вагинален и ЕХО преглед и сл.); дерматовенеролошки прегледи (крио терапија, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија); дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативно-информативни материјали, психоцијално советување и поддршка итн. Ценовникот треба да вклучи трошоци за следните услуги за оваа програма: (1) Советување, правење на тест за СПИ и читање на резултати (за хламидија, гонореја, трихомонас) (2) Лекување и третман на СПИ (хламидија, гонореја, сифилис, трихомонас); (3) Земање на ПАП тест и читање резултати (4) Ултразвучен гинеколошки преглед; (5) Советување за контрацепција со инсертирана спирала (6) Сoветување за контрацeцепија со дадена итна контрацeпија (6) Едукација за ХИВ и СРЗ (по едукација или по лице) итн. Специфичните услуги за програмата за дијагноза и третман на СПИ и СРЗ ќе бидат дополнително дефинирани во консултативen процес со граѓанските организации и организациите на заедниците вклучени во нудењето на услугите, во текот на спроведувањето на анализата).
Анализата се изработува во рамките на проектот „Одржливост на сервисите за клучните популации во регионот на Источна Европа и Централна Азија“, финансиран од Алијансата за јавно здравје – Украина, кој го спроведува конзорциумот на здруженија „Заедно посилни“, ХЕРА и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Очекуваниот резултат е развиена методологија за анализа на трошоците и ценовник за горенаведените услуги.
Ангажираниот консултант ќе треба:
- Да подготви методологија за анализа на трошоци и да развие ценовник за услуги за ХИВ превенција кај клучни популации согласно дадените превентивни цели;
- Да идентификува добри пракси на национално финансирање на услуги за ХИВ превенција и поддршка кај клучни популации засегнати од ХИВ на глобално ниво;
- Да ја координира комуникацијата со чинителите (граѓански организации корисници на средствата за ХИВ превенција, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување) со цел собирање на податоци согласно методологијата (квантитативни и квалитативни);
- Да изработи ценовник за секоја програма во однос на ХИВ превенција кај клучните популации;
- Да ги анализира податоците, да собере повратна информација од соработниците за нацрт-ценовникот на услуги;
- Да направи преглед на постојните документи, закони и подзаконски акти поврзани со здравствени услуги;
- Да идентификува добри пракси на финансирање на превентиви услуги за ХИВ и СРЗ наменети за клучните популации за ХИВ на глобално ниво;
- Да соработува со сите чинители (граѓански организации, државни институции и меѓународни организации вклучени во следење на националниот одговор кон ХИВ) во текот на подготовката на методологијата со цел да се усогласат препораките;
- Да направи интервјуа со претставници на граѓанските организации за нивните пракси на обезбедување услуги;
- Да направи интервјуа со претставници на релевантни државни институции одговорни за буџетирање на здравствени услуги.
Продукти за испорака:
- Методологија за развивање на ценовник на услуги за секоја превентивна цел за ХИВ превенција кај маргинализирани групи;
- Извештај од анализата која се состои од: (1) Извршно резиме, (2) Методологија, (3) Анализа и резултати од наодите (ценовници на услуги по превентивни цели), (4) Најмалку 2 модели/добри пракси на државно финансирање на граѓански организации за ХИВ превенција кај клучни популации на глобално ниво и (5) Заклучоци;
- Презентација на предлог-методологијата и анализата на трошоците за услугите на работилница за верификација на првичните наоди од анализата пред претставници на граѓанскиот сектор и Националната комисија за ХИВ;
- Презентација на анализата и финалните наоди пред клучните институции и организации вклучени во планирање, спроведување и мониторинг на националниот одговор кон ХИВ.
За оваа консултанстка услуга се превидени 35 денови и вкупно бруто сума од 227.500,00 денари.
Рокови за испорака:
- До 10 август 2021 година да се изработи предлог-методологија за пресметка на цена на наведените специјализирани услуги на граѓанските организации;
- До 20 ноември 2021 година да се изработи финална анализа на трошоците и ценовник по услуги за 6 категории на специјализирани програми за превенција, грижа и поддршка за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје.
Јавниот повик е отворен за сите заинтересирани кандидат(к)и до 30 јули 2021 година.
Сите заинтересирани кандидат(к)и треба да ги достават следните документи:
- Кратка биографија
- Предлог-методологија
- Референтна листа на претходни слични ангажмани
Документите со назнака/предмет на пораката Јавен повик за избор на консултант кандидат(к)ите можат да ги достават електронски на [email protected]
При изборот на консултант ќе се земат предвид следните општи услови:
- Високо образование, со повеќегодишно искуство во истражување од областа на здравствената економија и во подготовка на пакети за плаќање на здравствени и социјални услуги;
- Добро познавање на англискиот јазик;
- Одлични аналитички, истражувачки вештини и вештини за пишување на извештаи, како и интерперсонални вештини.
Предност ќе имаат кандидат(к)ите со:
- Стекната магистерска или докторска титула;
- Познавање на националните политики за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје и/или
- Искуство во спроведување економски проценки од областа на здравството и социјалната заштита за ранливи групи на население.
ХЕРА гарантира дека при изборот сите кандидат(к)и ќе имаат еднакви услови без оглед на етничката припадност, родовото изразување, сексуалната ориентација, возраста, брачниот и родителскиот статус, расата, попреченоста или која било друга основа.