За нас:
„Луѓето кои се доволно луди да мислат дека можат да го променат светот се оние кои го прават тоа.“ – Стив Џобс
И ние сакаме да го промениме светот на подобро, макар тоа значело светот на еден млад човек. Ние сме ГРИТ – младинска организација која е основана во Пробиштип и првенствено дејствува на територијата на општина Пробиштип, но спроведува и учествува во активности на национално и меѓународно ниво. Постоиме од ноември 2020 година и од тогаш активно работиме на креирање на нови можности за неформално и информално учење на младите од Пробиштип и пошироко. Нашата мисија е да создадеме простор каде младите ќе можат да растат и да се развиваат себеси и нивните заедници.
Некои од нашите постигнувања:
Од април 2021 година ГРИТ е дел од НМСМ како придружна членка
Во ГРИТ досега имаме ангажирано 3 практикантки
Бевме партнери во 3 меѓународни размени и 1 обука на кои испративме повеќе од 20 млади луѓе учесници
Спроведовме еден проект за претприемништво во партнерство со КРИК, на кој учествуваа повеќе од 60 млади луѓе од Пробиштип, Кратово и Штип
Имаме активни 6 волонтери
Од јануари 2023 година ГРИТ управува со младинскиот центар во општина Пробиштип.
Во моментов ГРИТ има два активни проекти IN!Academy и ГРИТ Велнес Ќоше.
Дознајте повеќе за нашите активности на Facebook или Instagram.
Приклучи се на нашиот тим:
Поради зголемениот обем на работа потребно ни е засилување на тимот со амбициозна личност која може да работи во динамична средина опкружена со млади луѓе.
Што би сакале да видиме кај тебе:
Верба во она што го работиме, чувство дека си дел од организацијата и да се застапуваш за нашите цели и идеја;
Да играш тимски. Ние и младите луѓе сме организацијата. Често имаме различни ставови и различни размислувања, но секогаш наоѓаме заеднички решенија и еднакво придонесуваме за ГРИТ и младите. Секој на свој начин.
Желба да напредуваш и да се надоградуваш. Ние растеме заедно со организацијата, и се водиме со идејата дека колку повеќе работиш толку повеќе работа ќе имаш.
Доза на лудост. „Луѓето кои се доволно луди да мислат дека можат да го променат светот се оние кои го прават тоа.“ – Стив Џобс. Носи ни позитивно луди идеи за унапредување на положбата на младите и заедно ќе се обидеме да ги оствариме!
Проактивност! – Немаме шефови, имаме тим. Не чекај на друг да ти каже што треба да направиш, преземи иницијатива.
Сакај си го местото во кое живееш! – Ние веруваме дека да останеш во Пробиштип и да растеш и напредуваш тука е возможно. Биди промената која сакаш да ја видиш во него.
Твоите работни задачи:
Управување со текот на имплементацијата на активностите на проектите во организацијата;
Одржување на јасна, едноставна, ефикасна и навремена комуникација со тимот, партнерите, донаторите, таргет групите и волонтерите;
Целосно и навремено имплементирање на проектните и програмските активности и работење на постигнување на предвидените цели на програмата за работа на организацијата;
Давање иницијативи и мапирање нови донатори за проекти поврзани со целите и активностите на организацијата;
Пишување проекти;
Учествување и ја претставување на организацијата на конференции, обуки, семинари, состаноци и активности за потребите на организацијата во државата и странство
Промовирање на проектите, проектните цели, вредностите на организацијата;
Помош при имплементација на активности во младинскиот центар.
Извршување други слични задачи во согласност со потребите на организацијата.
Квалификации:
Развиени комуникациски вештини (пишување, говор)
Задолжително одлично познавање на англиски јазик (пишан, говорен)
Познавање и добро управување со Windows, MS Office, Internet, Google Drive, Apps и слични алатки
Претходно работно искуство на иста или слична позиција (ќе се смета за предност)
Способност за самостојна и тимска работа и комуникација со партнери и донатори
Способност за работа под притисок и крајни рокови
Креативност, иноватовност и out-of-the-box размислување
Учество во Еразмус+ размени и обуки (ќе се смета за предност)
Искуство со пишување на проекти (ќе се смета за предност)
Ние нудиме:
Позитивна работна средина и опкруженост и работа со млади луѓе
Работа во мал тим
Работно време од 12:00 – 20:00 часот понеделник до петок (можност за флексибилни часови, и работа за време на викенд по потреба (со замена за слободни денови во текот на работната недела))
Можност за личен и професионален развој работејќи на ЕУ проекти
Работен ангажман од 13 месеци (со можност за продолжување)
Пробен период од 1 месец со платен надомест врз основа на договор на дело.
Бруто 21 000 денари (хонорарен ангажман)
Работна позиција е за во Пробиштип
Ти звучи како баш да е за тебе?
Доколку не се пронајде во сите точки погоре ништо страшно! Те охрабруваме да аплицираш и да ни ги кажеш твоите силни и слаби страни! Дај си шанса на себе, никој не е идеален, важна ни е и твојата мотивација и подготвеност да се впуштиш во нешто вакво! Ако си студент/ка и тоа е океј, аплицирај!
Испрати ни твоја кратка биографија и мотивација (најмногу една страна). Испрати ни ги на [email protected] со наслов „Оглас – Проектен/а Координатор/ка – Име и Презиме“ (пр. Оглас – Проектен/а Координатор/ка – Петре Петков) најдоцна до 10.01.2023 (вторник) 23:59. Сите кандидати ќе бидат известени во рок од 5 дена за понатамошните чекори.
Работната позиција е во Пробиштип. Нема можност за работа од далечина. Доколку пријавените се од некој од соседните градови или населени места и бидат избрани патните трошоци ги покриваат сами.