КОНКУРС ЗА МЛАДИ МУЗИЧКИ УМЕТНИЦИ

Агенцијата за млади и спорт објавува Конкурс за Млади музички уметници со кој ги повикува младите автори да поднесат свои авторски дела.

Целта на овој конкурс е анимирање, промоција и стимулирање преку награди на младите музички уметници. Годинава конкурсот се одвива во рамките на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. 

Сите заинтересирани, можат да земат учество во старосна категорија од 15 до 29 години. Комисијата ќе ги разгледа сите пристигнати апликации, но ќе ги земе во предвид за награди и објавување само делата што одговараат на условите на Конкурсот. При одлучувањето, комисијата ќе ги оценува: талентот, оригиналноста, идејата и вкупниот впечаток што го остава делото. Општи услови за аплицирање на Конкурсот Млади музички уметници 2021 Конкурсот за Млади музички уметници 2021 се одвива во рамките на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, национална иницијатива поведена по повод 100-годишнината од раѓањето на овој истакнат македонски писател и филолог, која се реализира под покровителство на Претседателот на државата и со поддршка на Претседателот на Владата. 

По повод Годината во чест на Блаже Конески, Агенцијата за млади и спорт ги повикува младите автори да поднесат свои музички творби инспирирани од творештвото на Блаже Конески, согласно со утврдените критериуми, кои ги содржат следниве точки: 1. Да се на возраст од 15 до 29 години; 2. Да пријават една сопствена необјавена и неизведена композиција. Нема да бидат прифатени аранжмани; 3. Пријавената композицијата да содржи стихови од Блаже Конески и да не биде подолга од 4 минути. Конкурсот е отворен за двa музички жанра – класична музика и популарна музика. Под категоријата класична музика се подразбира дело создадаено за вокален солист и придружба по избор: хармонски инструмент (пијано, гитара, хармоника и харфа) или камерен ансамбл. Под категоријата популарна музика се подразбира новосоздадена композиција за вокален солист и инструментална придружба со жанровска специфика рок, поп, етно, џез и друго. Делата со кои аплицираат авторите треба да кореспондираат со современите уметнички практики, и да имаат изразен индивидуален и креативни ракопис.

Награди
На конкурсот, кој годинава се реализира за првпат, по повод Годината во чест на Блаже Конески, ќе бидат доделени
две награди и тоа:
Награда за најдобро дело во жанрот класична музика во висина од 25.000 денари;
Награда за најдобро дело во жанрот популарна музика во висина од 25.000 денари.

За делата во кои учествуваат повеќе автори, наградниот фонд се дели подеднакво меѓу сите автори. Покрај паричниот надомест, за наградените музички творби ќе бидат обезбедени авторските права за користење на песните на Блаже Конески, со што ќе биде овозможено нивно емитување преку класичните и интернетски медиуми, а наградените автори ќе бидат поканети да учествуваат и на дел од културните манифестации организирани во рамките на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“. Забелешка: авторите на музичките творби кои нема да бидат наградени немаат право да ги емитуваат истите преку било кој јавен медиум, без претходно да ги обезбедат авторските права за користење на песните на Блаже Конески, за што треба да се обратат до Македонската авторска агенција ([email protected]; телефони за контакт : 02 3114 655, 02 3115 762, 02 3114 776) Агенцијата за млади и спорт ги охрабрува сите млади автори на возраст од 15 до 29 години, кои компонираат и интерпретираат музика, да ги достават своите дела на конкурсот. Истите ќе бидат оценувани од страна на стручна комисија. 

Секој кандидат (индивидуален или групен) своето дело треба да го достави снимено на USB со прилог демо снимка, во затворен плик. 

Надворешноста на пликот не смее да содржи никакви ознаки за испраќачот, а во средината треба да биде назначена точната адреса на Агенцијата за млади и спорт. Во пликот треба да има уште еден затворен и запечатен плик кој ги содржи податоците за авторот (име, презиме, возраст, контакт телефон и електронска адреса, како и копија од документ за лична идентификација, која по завршување на конкурсот ќе биде уништена согласно Законот за заштита на личните податоци). 

На горниот лев агол од овој плик треба да стои ознаката „Не отворај”. Адресата на која треба да се испратат авторските дела е: Агенција за млади и спорт Сектор млади ул. Македонија 38, (Палата „Панко Брашнаров“) 1000 Скопје Делата можат да се достават и лично, во Архивата на Агенцијата за млади и спорт. 

За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на mail: [email protected] или [email protected] секој работен ден од 8.30 до 16.30 часот, или во просториите на Агенцијата за млади и спорт, Сектор млади. Рокот за доставување на делата е 30 дена, сметано од денот на објавување, осносно до 25 март 2021 година. 

Сподели на