Здружението за култура и заеднички вредности „КРИК 094 “ – Гостивар го објави конкурсот за млади поети, во рамки на проектот „Млади поетски пера-Стиховите градат мостови“, информираат од ова здружение.
Право на учество имаат поети на возраст од 16 до 35 години, кои пишуваат поезија на македонски, албански или на турски јазик. На конкурсот се учествува со испраќање на една поетска творба на мајчин јазик. Темата е слободна.
Младите автори треба да ги испратат творбите на е-маил [email protected] најдоцна до 5 август. Заедно со творбата, авторите треба да испратат и свои податоци: име и презиме, возраст, адреса на живеење и телефонски број за контакт.
Најдобрите поетски творби кои ќе ги избере стручна комисија, ќе бидат преведени на трите јазици (македонски, албански и на турски јазик) и објавени во заедничка тријазична збирка. Избраните автори ќе добијат примерок од збирката и пофалница, информираат организаторите.