Конференција: „Грижи се машки – Од свесност до вклученост“

Реактор – истражување во акција и ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување имаат чест да Ве поканат на конференција на тема „Грижи се машки – Од свесност до вклученост: Вклучување на мажите во превенција на родово насилство и работа со сторители со фокус на безбедноста на жртвата“, која ќе се одржи на 9 декември 2021 година (четврток), со почеток во 13 часот, со времетраење од два часа, во хотел „Александар Палас“ во Скопје.

На оваа конференција ќе се дискутира за два сегменти: од една страна, за советувањето и работата со сторители на родово базирано насилство и од друга страна, за аспектот на превенција на родово базираното насилство и поголемо вклучување на мажите во борбата против оваа појава.

Како панелисти, покрај претставници на Реактор – Истражување во акција и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, свое обраќање ќе имаат и претставничка од Здружението за машки и родови прашања Стирија (Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark) од Грац, Австрија, експерти од Европа кои ќе го пренесат нивното искуство од работата за превенција и унапредување на вклученоста на мажите во борбата против родово базирано насилство, како и прeтставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерство за образование и наука кои ќе зборуваат за институционалните напори во оваа насока.

За време на оваа конференција накратко ќе се претстави и проектот „Воспоставување на мулти-професионална превенција на родово засновано насилство, работа со сторители преку пристап фокусиран на безбедноста на жртвите и советување на мажите во Република Северна Македонија“, по што ќе отвориме и дискусија со клучните засегнати страни и институциите.

На оваа панел-дискусија поканети се да присуствуваат претставнички и претставници од граѓански организации, јавни институции, пошироката јавност и медиумите.

За време на настанот е обезбеден превод на македонски, албански и англиски јазик.

 

 

Сподели на