ЛЕТЕН КАМП НА СОЈУЗ НА ИЗВИДНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА

ЗАПОЧНА ЛЕТЕН КАМП 2021 ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СОЈУЗ НА ИЗВИДНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА

Деновиве, на плажата во Извидничкиот центар Охрид освен редовните посетители може да се забележат и разиграни деца и млади кои учествуваат на летниот камп „λ камп 2021“ кој се реализира во периодот од 7 до 15 август, а го организира Сојуз на извидници на Македонија.

По пауза од две години поради Ковид-19 пандемијата, повторно се активира традиционалниот летен камп во кој учество земаат околу 180 извидници од цела Македонија на возраст од 12 до 16 години. По принципот на учење преку работа и забава, деновите и вечерите ги поминуваат во другарување, учество на водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, стреличарство, ориентација, кампување, лидерство и останати извиднички и животни вештини.

Сите активности се одвиваат според Владините протоколи за организација на настани на отворено и внатрешните протоколи на Сојузот за организација на извиднички настани. 

За програмата, логистиката и целата организација на кампот се грижат околу 20-тина волонтери кои неуморно работат секој ден, ги развиваат своите организациски вештини и со насмевка на лицето се грижат активностите за помалите да се навремено подготвени.

За потсетување, извидничкото движење претставува најголема светска организација за неформално образование која брои преку 60 милиони членови и неговата мисија е да придонесе во интелектуалниот, психичкиот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата и младите.

Од Сојузот порачуваат – секој кој сака да се приклучи на извидничкото движење, тоа може да го направи во текот на месец септември, кога одредите ширум Македонија ќе ги започнат уписите на нови членови.

Дотогаш, повеќе информации, фотографии и новости од извидниците може да најдете на Фејсбук (https://www.facebook.com/scoutsmacedonia) и Инстаграм (@scoutsmacedonia) профилите на Сојузот.

Создаваме подобар свет!

Сподели на