Младински блог: Младите во улога на градители на демократски општества, а не пасивни набљудувачи

Од младите, односно од нивното учество во општествено демократските процеси, во голема мера зависи дали едно општество ќе биде демократско или не. Имено, младинското учество е суштинска компонента на едно здраво демократско општество.

Од тука клучно значење има постоењето на вистинско, а не декларативно младинско учество.

Проблемите со кои што се соочуваат младите и подобрувањето на нивната положба директно зависи од тоа колку младите се залагаат за решавање на тие проблеми и колку се агилни да учествуваат во сите фази на процесите кои треба да ја подобрат положбата на младите.

Постоењето на соодветна законска регулатива која го овозможува младинското учество не е доволно само по себе. Имено, младите треба да ги искористат законските можности во областа на младинското учество и да покажат капацитет да се вклучат во тие процеси со цел да одлучуваат за себе, да ги креираат приликите по своја мерка и да влијаат во правец на донесување решенија кои ќе ги задоволат вистинските потреби на младите.

Всушност, кој подобро знае што им треба на младите ако не тие самите.

Младите не треба да бидат пасивни набљудувачи на состојбите кои не се поволни за нив, туку треба да бидат агенти за промени, прогресивни промени кои ќе ја подобрат положбата на сите млади.

Државите имаат обврска да креираат овозможувачка средина и да посветат внимание на правата на младите, но младите се тие кои треба да се вклучат во тие процеси, да бидат информирани за своите права и да си ги побараат. Приоритизирањето на правата на младите и нивното учество понатаму ја потенцира и нивната улога и важност во процесите на хармонизација со европските стандарди и демократизација на општеството.

Младите како категорија имаат специфични барања и потреби, кои треба да бидат земени предвид во процесот на креирање политики, со што тие активно ќе се вклучат во тие процеси. Само нивното директно и вистинско учество во процесите на донесување одлуки на локално и на национално ниво ќе придонесе за вистинско подобрување на статусот и на добросостојбата на младите луѓе во државата.

Но, за да можат младите навистински да се вклучат и да остварат вистинско младинско учество неопходна е нивна едукација во оваа област. Мора да ги познаваат формите и начините како да го направат тоа.

Младинското учество може да биде:

-Економско – градење политики за финансиска автономија и стабилен младински стандард

-Политичко – учество во политики на национално и на локално ниво

-Социјално – партиципација во предлагање мерки и решенија за подобар квалитет на живот

-Културно – учество во креирање различни форми на уметност и уметничко изразување

Во Европската повелба младинското учество се дефинира: „Учеството во демократскиот живот на секоја заедница претставува многу повеќе од само да се гласа или да се учествува како кандидат на избори, и покрај тоа што овие елементи се важни. Учеството и активното граѓанство подразбираат да се има право, средства, простор, можност и онаму каде што е потребно, поддршка за да може да се учествува и да се влијае врз одлуките и да се учествува во дејства и активности за да се придонесе кон градење подобро општество.“

Значи младите се тие кои треба да го градат општеството. Младите се тие кои треба да бидат градители на демократски општества

А за тоа е потребна активна, а не пасивна улога. Не треба да бидат набљудувачи, а уште помалку декорација.

За таа цел треба да се земе во предвид скалата на учество од Роџерт Харт, која ги прикажува осумте степени на младинско учество, кои според условите што се исполнети во секоја локална заедница се разликуваат едни од други. Тие го прикажуваат односот што младите го имаат со институциите, со организациите и со претставниците на политичките партии, но исто така претставуваат и корисна алатка преку која може да се оцени и да се измери на кое скалило е учеството на младите во одредена заедница.

Скалило 8: Заедничко донесување одлуки

Скалило 7: Младите како предводници и иницијатори

Скалило 6: Заедничко донесување одлуки на иницијатива на

возрасните

Скалило 5: Консултирани и информирани млади

Скалило 4: Назначени и информирани млади

Скалило 3: Токенизам – младите како пиони (НЕУЧЕСТВО)

Скалило 2: Младите како декорација (НЕУЧЕСТВО)

Скалило 1: Манипулација на младите (НЕУЧЕСТВО)

И ако првиот чекор е да се утврдат скалилата на кои младите не треба да бидат, тогаш вториот чекор е да се донесе одлука за формата на вистинско младинско учество.

Во тој контекст постојат повеќе начини на кои младите можат да учествуваат во донесувањето одлуки за прашања што се важни за нив.

Најчести форми на младинско учество во современите европски општества се: волонтерска работа, учество во разни форми на неформално образование, врсничка едукација – вклучување на младите во едукација на своите врсници; младински совети, парламенти, форуми и други структури – традиционален начин на учество во процесот на донесување одлуки во рамки на меѓународни, национални, регионални или локални власти, училишта, клубови, невладини организации итн.Тука исто така скаѓа и коменаџмент-системи што постојат во некои институции каде што одлуките се носат заедно, на еднаква основа со претставниците на младите луѓе и претставниците на властите, како и консултации кои се користат во процесот на донесување одлуки со цел да се идентификуваат проблемите кои ги засегаат младите и да се дадат предлози.

Оттука, јасно е дека пред младиот човек стои широка лепеза на форми преку кои тој може да биде активен учесник во општествените процеси и градител на своја подобра иднина.

Анета Шијакова

Оваа активност е дел од проектот „Заедници инклузивни за млади“, кој го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, во партнерство со Фондација за развој на локалната заедница – Штип, SFERA International Битола и Платформа за младинско јакнење ЈЕП – Гостивар, со финансиска поддршка од Европската Унија. Главната цел на проектот е подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот.

Сподели на