Нов повик за ученици „Предизвик за млади истражувачи#4 – зелени проекти”

Министерството за образование и наука (МОН) и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) го објавија повикот “Предизвик за млади истражувачи #4 – зелени проекти”, чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Предизвикот се спроведува по четврти пат и е дел од концептот кој го развива ФИТР – “Фонд за млади умови”. Досега, преку трите објавени повици, биле поддржани 90 училишни проекти во кои учествувале повеќе од 500 ученици и наставници од Северна Македонија.

Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, кои можат да аплицираат со истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, организирани во тимови од пет до десет ученици предводени од еден до двајца ментори. Процесот на истражување треба да се основа на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.

 „Учениците основци и средношколци, студентите, младите истражувачи и научници сега се навистина во фокусот на институционалните заложби и тоа е видливо, токму преку обезбедувањето на повеќе финансиски средства и бројни можности какви што порано не биле достапни, а една од нив, како мерка од стимулативен карактер е токму овој Предизвик за млади истражувачи“, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Вкупниот фонд за овој предизвик изнесува 3 милиони денари, а максималниот буџет за поединечен предлог проект треба да изнесува до 200.000 денари. За наставниците кои ќе ги водат ученичките тимови, ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, наменети за набавка на дигитална опрема применлива во наставниот процес.

Предност ќе имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со попреченост, деца од различни возрасти и слично, и се поднесени од училишта од рурални средини.

Од МОН велат дека предлог проектите кои ќе пристигнат во рамки на повикот ќе се оценуваат според квалитетот, применливост на резултатите од истражувањето, усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик и капацитет на проектниот тим.

Со цел да ги поддржи тимовите во процесот на подготовка на предлог-проектите, Фондот ќе организира повеќе инфо-настани. Предизвикот е отворен до 20.04.2021 година. Сите дополнителни информации, можат да се добијат на следниов ЛИНК.

Сподели на

Share on facebook
Share on twitter
Share on email
Share on whatsapp