Обука за младински застапници – KIDSTAKEOVER 2020

Младински образовен форум (МОФ) во рамки на проектот „World Children’s Day 2020 Kids Take Over – Reimagine Education“, поддржан од УНИЦЕФ, отвора повик за 24 (дваесет и четири) учесници на викенд-обука за младинско учество и квалитет на образование за млади. Викенд-обуката за младински застапници ќе се одржи online на платформата ZOOM со почеток на 13-ти ноември (петок) и ќе трае до 15-ти ноември (недела).

Со знаењата и вештините стекнати на оваа обука, младинските застапници ќе имаат прилика да ги претставуваат младите и младинските гледишта и ставови на  владин состанок на високо ниво на кој ќе присуствува Претседател на Владата на Република Северна Македонија г. Зоран Заев, Министерката за образование и наука г-а Мила Царовска, Министерката за труд и социјална политика г-а Јагода Шахпаска и други министерства,  вклучувајќи го шефот на делегацијата на Европската унија и претставничката на УНИЦЕФ. Средбата ќе се одржи на на 20-ти ноември 2020 година (петок), по повод Светскиот ден на детето.

Дел од избраните теми на кои младинските претставници ќе разговараат со високите претставници оваа година се: Квалитетно образование, Намалување на разликите во пристапот до дигитално образование, Ментално здравје и булинг во образованието, Градење вештини наспроти паметење на факти, Еко-училишта, Еднаквост и инклузивно образование.

Програмата на тренингот е составена од куси теоретски предавања од областа на квалитетно образование и работа во групи со менторство од младинските тренери на МОФ. Учесниците ќе имаат прилика да научат и да дискутираат за мапирање на институциите кои работат со младински прашања, квалитетно учење и ментално здравје и врсничко насилство во училиштата, но и да изградат свои случаи кои ќе ги презентираат во Владата на Република Северна Македонија на 20-ти ноември 2020 година. Ученички права, квалитет на образование и аргументирано изразување се дел од темите на кои учесниците ќе изградат вештини и знаења.

Сите заинтересирани млади на возраст од 14 до 18 години може да се пријават најдоцна до 11-ти ноември (среда) на пладне со испраќање на порака на адресата obuki@mof.org.mk со назнака KIDSTAKEOVER 2020.

Пораката треба да ги содржи следните информации:

Име и презиме

Телефон за контакт

Електронска пошта

Град и училиште

Возраст

На самиот тренинг ќе имате прилика да работите во групи на препораки за подобрување на животот и квалитетот на образование на младите во Северна Македонија. Во не повеќе од 2 параграфи наведете според вас, кој е најголемиот проблем со кои младите се соочуваат во нивното образование и на кој начин сметате дека истиот може да се надмине?

Рокот за пријавување истекува во среда, 11-ти ноември 2020, на пладне (12:00 часот).

Сподели на

Share on facebook
Share on twitter
Share on email
Share on whatsapp