Оглас за проектен координатор/ка и правен советник/советничка

Назив на работно место: Проектен координатор/ка и правен советник/советничка

Краен рок за пријавување: најдоцна до 18 јули 2021 година, 23:59 часот (GMT+1)

Електронска адреса за поднесување на апликацијата: [email protected]

Апликациите задолжително гласат на име „Оглас за проектен координатор/ка и правен советник/советничка“ и сите документи се поднесуваат во pdf. формат

 

ОГЛАС ЗА ПРОЕКТЕН КООРДИНАТОР/КА И ПРАВЕН СОВЕТНИК/СОВЕТНИЧКА

Хелсиншкиот комитет за човекови права објавува оглас за вработување на проектен координатор/ка и правен советник/советничка.

 

Опис и работни задачи:

  • Ја координира работата во областа поврзана со делата од омраза;
  • Учествува во работата поврзана со тематиката за работничките права;
  • Учествува во работата на групата за следење на реформите во правосудството;
  • Учествува во процесите на давање бесплатна правна помош;
  • Го надгледува текот на водењето на постапките во кои е ангажиран;
  • Ги следи сите фактори кои може да влијаат во исходот на случаите како промена на позитивното законодавство, промена на политиките на определени институции и слично;
  • Ја организира и ја надгледува работата на сите области во кои е вклучен и соработува со останатите лица ангажирани во имплементацијата на проектот;
  • Дава иницијативи и мапира нови донатори за проекти поврзани со владеење на правото и кривичната правда;
  • Ги подготвува дописите и соопштенијата до јавноста и презема активности поврзани со медиуми и социјални мрежи, а во врска со неговите/нејзините активности;
  • Одржува комуникација со донаторите и му стои на располагање за било какви информации во врска со имплементација на проектите;
  • Ги изготвува извештаите до донаторите на проектите;
  • Дава насоки за организирање настани, конференции и прес-конференции;
  • Дава правни совети и мислења;
  • Постапува во случаите за кои се води стратешко застапување;
  • Посебно е задолжен/а за пружањето длабинска експертиза во однос на законодавството и практиката во кривичната сфера;
  • Учествува во застапување и комуницира со институции;
  • Учествува во подготовка на месечни и годишни извештаи, анализи и други публикации.

Услови што се бараат за вршење на работата / потребни квалификации:

  • Дипломиран/а правник/чка со завршено четиригодишно високо образование на правни студии (т.н „стара програма”) или дипломиран правник со стекнати 180 кредити согласно ЕКТС;
  • Најмалку пет години работно искуство во правосудството, водењето проекти во областа на правосудството и/или заштитата на човековите права и слободи;
  • Напредно познавање и користење на устен и пишан работен англиски јазик;
  • Напредни организациски и комуникациски вештини.

Како предност ќе се смета:

  • Искуство во областите владеење на правото, правосудство и кривична правда;
  • Искуство во подготвување апликации до Европскиот суд за човекови права;
  • Познавање на уште еден странски јазик;
  • Познавање на уште еден јазик кој се зборува во државата;
  • Развиено чувство за работа со ранливи и маргинализирани заедници.

Рок и потребни документи за аплицирање:

Заинтересираните кандидати за работната позиција потребно е да достават кратка биографија (CV) на македонски јазик и мотивациско писмо. Во кратката биографијa потребно е да бидат наведени референци и контакт податоци од две лица од претходни работни места. Апликациите се доставуваат на следната електронска адреса: [email protected] најдоцна до -18.07.2021 година до 23:59 часот (GMT+1).

Постапка за избор на кандидат/ка:

Комисијата за избор на кандидат/ка ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремените и нецелосните апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе изработи ранг листа од примените апликации во зависност од степенот на исполнување на квалификациите опишани во овој оглас. Најдоцна до 21.07.2021, најквалификуваните кандидат/ки ќе бидат известени дека ги исполнуваат условите за влез во втората фаза на изборот.

Во зависност од добиените апликации и потребите на канцеларијата, Хелсиншкиот комитет го задржува правото да спроведе тестирање како посебна фаза при изборот, за што благовремено ќе ги извести кандидатите. Тестирањето се спроведува писмено преку документ со три прашања, кој кандидатите го пополнуваат и во рок од 90 минути, одговорените прашања ги праќаат електронски на наведената адреса. За полагањето не е потребно физичко присуство во канцелариите на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Последната фаза е усно интервју. Согласно резултатите од интервјуто ќе биде избран кандидат/ка кому ќе му/и биде понудена работната позиција. За сите фази се составува финална ранг листа врз основа на која, доколку избраниот кандидат ја одбие понудената работна позиција, се одлучува за наредниот најдобар избор се додека не се избере соодветен кандидат/ка. Во секој случај, изборот ќе се изврши најдоцна во рок од 45 дена од истекот на крајниот рок за пријавување (18.07.2021).

Договор за вработување:

Со избраниот кандидат/ка Хелсиншкиот комитет ќе склучи договор за вработување на определено време, со пробен период од 3 месеци. Работното време ќе изнесува 40 часа неделно и ќе биде рамномерно распределено во пет работни дена (од понеделник до петок). Почетокот на дневното работно време е од 9.00 до 9.30 часот, додека завршетокот е од 17.00 до 17.30 часот во зависност од пристигнувањето на работното место. Взаемните права и обврски во договорот ќе бидат уредени во согласност со Законот за работните односи. Месечната нето плата е 45.000,00 денари, а таа може да расте во зависност од ангажманот во организацијата. Работното место е во седиштето на Хелсиншкиот комитет за човекови права на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83а во Скопје.

За сите дополнителни информации можете да се обратите на еден од бесплатните телефонски броеви +389 (0)2 3119 073, +389 (0)2 3290 469 и/или +389 (0)72 278 436, а лице за контакт е Сања Барлаковска.

Сподели на