Панел дискусија – Мажите и грижата: Грижлив маскулинитет во Северна Македонија

За време на оваа панел дискусија ќе биде презентирана последната студија на Реактор – Истражување во акција, насловена Мажите и грижата (МиГ): Грижлив маскулинитет во Северна Македонија, која се фокусира на состојбите со неплатената работа и грижа и меѓу другото ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, фокусирајќи се на мажите и грижата, како и на политиките за родителско и татковско отсуство.
 
Студијата покажува дека во просек, жените во Република Северна Македонија извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа, а официјалната статистика за Република Северна Македонија според спроведените анкети за користење на времето, ја потврдува стереотипната родова поделба, и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека пак жените посветуваат повеќе време на неплатена работа поврзана со грижа. Кога станува збор за балансирање на одговорностите меѓу родителите, сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на обата родители во грижата и воспитувањето на децата. 
 
Дополнително, доколку неплатената работа поврзана со грижа од страна на жените во Република Северна Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 € , што е 17,18% од бруто домашниот производ (БДП) на Република Северна Македонија за 2019 година. Сето ова не води кон заклучокот дека е неопходно да се препознае вредноста на неплатената грижа и потребата од изнаоѓање соодветни формални решенија за неформалната економија на грижа.
 
На оваа тема ќе дискутираат претставничка од Реактор – Истражување во акција, Светлана Цветковска, раководителка на Сектор за еднакви можности, Министерство за труд и социјална политика, Харалд Фугер, аташе за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите, Австриска Амбасада во Скопје, Ели Скамбор, директорка на Институт за мажи и родови прашања (Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark) од Австрија, Марк Гартнер, постар истражувач, Институт за мажи и родови прашања (Verein für Männer- und Geschlechterthemen Steiermark) од Австрија, и Бојан Јовановски, извршен директор, ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување.
Доколку сакате да присуствувате, потврдете го Вашето учество преку регистрација на следниот линк: https://us06web.zoom.us/webinar/register/WN_jg6PKXc2Q5KD-5MproOIvQ најдоцна до 3 ноември, 2021 година.
 

Сподели на