ПОВИК ЗА МЛАДИНСКИ ТРЕНЕРИ ВО КЛУБОВИТЕ НА МЛАДИНСКИ ОБРАЗОВЕН ФОРУМ (МОФ)

Младински образовен форум отвора Повик за нови предавачи во младинските клубови за Дебата, Учиме право, Активизам и Новинарство!

Ако си млад/а ентузијаст/ка на возраст од 15 до 29 години, кој/а сака да работи и едуцира млади луѓе, ова е  одлична можност за тебе!

Нашата цел е да ги поттикнеме и охрабриме младите да се активираат во нивните заедници, преку развивање на нивните вештини за критичко размислување, аргументирано и креативно изразување, правна едукација и новинарство.

За младинските клубови на МОФ:

Дебата: Дебатните клубови имаат за цел да развијат способности за критичко размислување, аргументирано говорење и ефективна комуникација кај средношколците. Преку дебатните клубови, младите го зголемуваат своето учество во општествените случувања и придонесуваат кон создавање отворено општество засновано на демократски вредности и толеранција, каде се промовираат и практикуваат критичката мисла и слободното аргументирано изразување. Дебатните клубови се фокусирани на изучување на компетитивна дебата, јавно говорење и медиумска писменост.

Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Претходно искуство со средношколска и/или студентска дебата;
  • Развиени говорни и презентациски вештини на македонски и англиски јазик;
  • Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини.

    Дебатните клубови за учебната 2024/2025 година, ќе бидат отворени во следните општини: Скопје, Теарце, Тетово, Велес, Делчево, Струмица, Штип, Гевгелија, Струга, Битола, Кратово, Дебар, Прилеп, Гостивар, Кавадарци, Македонска Каменица, Пробиштип, Свети Николе, Неготино, Кочани и Пехчево.
     

    Клубовите за дебата и медиумска писменост се поддржани од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Учиме право: Учиме право клубовите се насочени кон правна едукација и запознавање на младите со основите на демократијата и правниот систем, владеење на правото и остварување и заштита на човековите, граѓанските и политичките права и слободи. Во рамки на програмата Учиме право, оваа учебна година ќе функционираат почетни клубови во повеќе градови во државата. Содржината на клубовите е поделена на четири дела: надлежностите на државните институции, човековите слободи и права, граѓанско право и кривично право.

Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Да поседуваат развиени говорни и презентациски вештини;
  • Способност за работа во тим и со млади луѓе во мултиетнички средини;
  • Како предност ќе се смета доколку се запишани најмалку во втора година од студиите на Правен факултет, дипломирани правници или студенти на мастер студии по право. 

    Клубовите Учиме право за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Скопје, Тетово, Струга и Прилеп.

Младински активизам: Артивистичките клубови се места за слободно и креативно изразување на младите, охрабрувајќи ги самите да преземаат и предводат активности кои ќе ја подобрат моменталната состојба во нивните заедници. Членовите на клубовите посетуваат предавања на кои учат за различните форми на активизмот, младинско организирање, демократија, како и работилници за креативни активистички алатки. Содржините кои младите членови ги создаваат имаат за цел да поттикнат размислување и дејствување на конкретни општествени теми од нивен интерес, придонесувајќи за помагање на локалната заедница преку младински активизам.

Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Да имаат основни познавања во следните области: нови медиуми, култура, уметност и активизам;
  • Да поседуваат одлични комуникациски вештини, со познавање на говорен и пишан англиски јазик;
  • Способност за работа во тим.

Клубовите Активизам за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Скопје, Делчево, Гевгелија, Струга, Дебар, Гостивар, Македонска Каменица, Неготино и Кочани.

Клубовите за Активизам се поддржани од Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности.

Новинарски клубови: Новинарските клубови на МОФ се фокусирани на развивање на вештините за новинарство и медиумска писменост кај младите. Членовите на новинарските клубови учат како да спроведуваат истражувања, да креираат новинарски содржини и да ги разбираат и анализираат медиумските пораки. Овие клубови ги подготвуваат младите за одговорно и критичко консумирање и создавање на медиумски содржини, кои имаат цел да ја информираат јавноста. 

Потенцијалните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:

  • Студенти по новинарство на додипломски или магистерски студии;
  • Млади новинари вработени/ангажирани во медиум;
  • Способност за креирање и уредување новинарски содржини.

Клубовите Активизам за учебната 24/25 година, ќе бидат отворени во следните општини: Скопје, Гевгелија, Струга, Гостивар, Битола, Кавадарци и Кочани.

Новинарските клубови се поддржани од Националната фондација за демократија (НЕД).

Обврските на предавачите се:

  • Одржување редовни неделни предавања во младинските клубови;
  • Редовна комуникација со програмскиот координатор и асистент и асистент-предавачот на клубот;
  • Изработка на извештај за средбите на клубот;
  • Успешно и навремено планирање, спроведување и координирање на активностите на клубовите;
  • Реализирање на активности во склоп на програмата во која спаѓаат и младинските клубови;
  • Задолжително присуство на координативни состаноци;
  • Задолжително присуство на Тренинг за тренери кој ќе се одржи од 27 до 29 септември 2024 година. (Тренингот ќе им помогне на пријавените предавачи да добијат генерална претстава за ангажманот, обврските, методологијата и начинот на реализирање на предавањата во рамки на младинските клубовите).

Услови за пријавување:

  • Млади на возраст од 15 до 29 години;
  • Една година активно членство во МОФ;
  • Одлични комуникациски и презентациски вештини;
  • Способност за работа во тим;
  • Познавање на англиски јазик;
  • Можност за работа за време на викенди.

Начин на пријавување:

Заинтересираните кандидати можат да се пријават со пополнување на Апликацијата за предавач достапна на следниот линк, најдоцна до недела, 10ти септември 2024 година, (23:59).

За сите дополнителни прашања поврзани со повикот, обратете се на следните мејл адреси:  [email protected] и [email protected].

Сподели на