ПОВИК ЗА ОБУКИ ЗА ГРАДЕЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ГРАЃАНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

За проектот

Балкански млади: поврзување на едукацијата, способностите и партнерскиот потенцијал во регионалните практики за вработување е меѓународен проект кој се спроведува во Белгија, Црна Гора, Турција Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Северна Македонија. Главната цел на проектот е да придонесе за младински претприемачки можности и да ги зајакне перспективите за вработување на младите од Западен Балкан. Проектот започна да се имплементира во март 2020 година, а ќе трае до февруари 2023 година.

За обуките за градење на капацитети

Во склоп на овој проект, Национален младински совет на Македонија отвара повик за граѓански организации кои имаат потреба од градење на капацитетите во три области: застапување, обезбедување на фондови (fundraising) и креирање политики.

Предвидените дати за обуките се следниве:

  • Обука за застапување – 29.03.2021, 30.03.2021 и 31.03.2021

Програмата за обуката за застапување ќе обезбеди приказ на успешни и неуспешни кампањи за застапување, видови и начини на застапување, дефинирање засегнати страни, целни групи и нивно мапирање. Дополнително, во склоп на обуката ќе се опфатат и алатки за застапување базирано на докази. Во текот на обуката ќе се работи низ практични примери, а секој од учесниците ќе изработи план за застапување на тема која самостојно ќе ја изберат и утврдат.

  • Обука за обезбедување фондови (fundraising) – 29.03.2021, 30.03.2021 и 31.03.2021

Програмата за обуката за обезбедување на фондови ќе биде фокусирана на 4 главни начини за прибирање на фондови и тоа: традиционални донатори, создавање на сопствени услуги и продукти, користење на општествена одговорност и употреба на crowdfunding моделот. Идејата преку овој пристап е да се подигне свесноста кај граѓанските организации за различните можности за финансирање а и да ги поттикне да ги применат знаењата во пракса и да креираат сопствени модели. Како дополнителен клучен дел ќе биде опфатено промовирање и маркетинг како неопходен дел од прибирање на средствата.

  • Обука за креирање на политики – 24.03.2021, 25.03.2021 и 26.03.2021

Програмата за обуката за креирање политики ќе се фокусира на потребата, важноста и процесите на креирање јавни политики и улогата на граѓанските организации, преку различни методолошки пристапи. Дополнително, програмата ќе понуди анализа и мапирање на чинители како и видови на стратегии при процесите на креирање на политики. Клучен дел ќе биде и градењето на партнерства и стратешки коалиции како и подобрување на соработката помеѓу граѓаните и носителите на одлуки во процесот на креирање јавни политики. Секој учесник ќе има можност да изработи акционен план, мобилизација на ресурси како и план за следење и оценување на истиот.

 

Обуките ќе се реализираат електронски, преку платформата ZOOM. Работниот јазик на обуките ќе биде македонски јазик. Обуките ќе траат по 4 часа на ден.

Обуките се наменети за граѓански организации кои работат во некое од следниве полиња:

  • Млади
  • Претприемништво
  • Вработување
  • Соработка и работа со бизнис секторот


Начин на аплицирање

Сите заинтересирани организации може да аплицираат преку следниов линк, најдоцна до 22.03.2021 година, до 23:59 часот. По завршувањето на рокот за аплицирање, избраните организации ќе бидат контактирани со повеќе детали. При голем број на апликации, предност ќе се даде на мали организации и организации од рурални средини.

Сподели на