ПОВИК ЗА УЧЕСНИЦИ ШКОЛА ЗА ЕВРОПСКИ ПОЛИТИКИ

За Школата за европска политика:

Школата за европска политика е традиционална активност за градење на капацитетите и вмрежување која ЕВРОТИНК ја одржува на годишно ниво. Целта на настанот е да придонесе кон подобро разбирање на процесот на евроинтеграции помеѓу претставниците на граѓанските организации, медиумите и други чинители.

За кого е наменета:

Школата е отворена за претставници на граѓански организации, претставници на институции, новинари и медиумски работници, студенти и млади професионалци кои пројавуваат интерес за областите опфатени во поглавјето 24: правда, слобода и безбедност.

Период и начин на имплементација:

Школата за европски политики ќе биде реализирана во текот на февруари, со вкупно 9 сесии од по 90 минути. Учесниците ќе треба да одвојат околу 5 часа во текот на еден работен ден неделно за учество на школата.

Школата за европски политики годинава за првпат ќе го има своето online издание. Школата ќе биде во целост имплементирана преку платформата zoom.

Деталите ќе бидат дополнително споделени со селектираните учесници.

Опфат и придобивки:

Учесниците на школата ќе имаат можност да ги надградат своите знаења на теми како евроинтегративен процес низ призмата на Поглавје 24, миграција и азил, улогата на граѓанските организации во борбата против организираниот криминал, финансиски криминал и перење на пари, радкализација и поларизација. Како предавачи на Школата ќе бидат ангажирани еминентни меѓународни и национални експерти, со специфични портфолија за секоја од засебните сесии.

Сите учесници ќе добијат материјали со специфична литература која ќе ги подготви за поефикасно вклучување во сесиите и ќе им овозможи имплементација на стекнатите знаења во својата работа. Сите учесници кои ќе остварат учество на најмалку 80% од вкупното врметраење на Школата ќе добијат сертификати за успешно завршување на истата.

Начин на пријавување и селекција:

Сите заинтересирани учесници треба да ја пополнат апликацијата достапна на линкот подолу не подоцна од 28 јануари до 17:00 ч:

https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdJ-pyrGYZpWswmuVi3u1-X6Np-eF9XBZXCTRw9S9zS1HO5dA/viewform

ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии ќе ги селектира и извести избраните учесници најдоцна до 1 февруари 2021г.

Овогодинешното издание на Школата за европски политики се спроведува во рамки на  проектот „Нетрасиран пат: Граѓански ангажман во образованието, истражувањето и мониторингот поврзан со Поглавје 24” спроведен од ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии, а финансиски поддржан од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД и Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград. Изразените гледишта не ги одразуваат секогаш гледиштата на Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, Балканскиот фонд за демократија и Германскиот Маршалов фонд на САД или нивните партнери.

Сподели на