Имаш чувство дека дипломата не е доволно за да најдеш работа? Аплицираш со CV-ја ама немаш повратни одговори? Сакаш да почнеш да работиш сам за себе ама не знаеш како?
Просечното време за наоѓање работа по завршено образование е дури 31 месец, а само 22% од младите имаат успешна транзиција од училиште кон работа.
Дали сакаш, со наша помош, да се издвоиш од твоите врсници и да станеш повработлив/а?
Училиште за младинско вработување претставува програма која ќе им овозможи на младите од Кавадарци, Штип и Битола да стекнат вештини за барање работа, вработување и самовработување, како и можност да стекнат практично работно искуство, со цел да ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот и да бидат повработливи.
ЗА КОГО Е НАМЕНЕТА ПРОГРАМАТА?
Програмата е наменета за 45 млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, жители на трите града, без разлика на нивниот образовен и работен статус.
ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?
Програмата „Училиште за младинско работување“ е поделена во два дела:
1. Обуки за стекнување работни вештини
Младите вклучени во програмата ќе имаат можност да земат учество во вкупно 6 обуки поделени во 3 модули, со кои ќе стекнат вештини за вработување и работа и тоа:
Модул 1: Личен и кариерен развој- Преку првиот модул, ќе стекенете вештини за стекнување на вештини (learning how to learn), како да поставувате лични и кариерни цели, но и како да барате можности и креирате можности за континуиран личен и професионален развој. Дополнително, преку модулот, со поддршка на тренерот, ќе изработите индивидуален, долгорочен план за личен и професионален развој.
Модул 2: Вештини за вработување и работа- Во рамки на вториот модул, ќе стекнете практични вештини кои ќе ви помогнат полесно да најдете работа, како што се: користење на можности за барање работа и вработување, подготовка на кратка биографија и мотивациско писмо за вработување и подготовка за интервју. Дополнително, преку овој модул ќе ги зајакнете своите вештини за лична и деловна комуникација, презентација и јавно говорење, како и деловна култура за однесување на работно место, кои се применливи на секоја работна позиција, без разлика на кариерната ориентација.
Модул 3: Вмрежување и freelancing како алтернативен модел на самовработување- На третиот модул, ќе стекнете вештини за вмрежување како најдоминантен начин за наоѓање работа во нашата зема, како и вештини за стекнување и негување на деловни контакти. Преку овој модул исто така ќе се запознаете со моделот на freelancing како значително застапен и ефикасен модел за алтернативно самовработување, заработка и стекнување на работно искуство.
Целата програма е базирана на неформални методи! Што значи тоа? Нема да има професор што ќе ви зборува 45 мин. Нема да мора да памeтите факти. Нема да мора да учите на памет. Нема да чекате едвај да заврши. НЕМА НИКОЈ ДА ВИ ГО ТЕСТИРА СТЕКНАТОТО ЗНАЕЊЕ. Ќе користиме „искуствено учење”, симулации, дискусии, вежби, тимски предизвици.
Програмата ќе се спроведе во периодот од 15.11.2022 до 15.12.2022 година во вашиот град, од страна на искусни обучувачи на темите.
2. Можност за примена на наученото и доразвивање на компетенциите преку едномесечна практична работа (пракса или job shadowing) во компанија или организација
Дел од учесниците ќе имаат можност да добијат едномесечна пракса или job shadowing (еден вид на учење на работно место) во компанија или организација од нивниот град, со цел да го применат и усовршат стекнатото знаење преку обуки, да добијат работно искуство кое ќе можат да го стават во своето CV и да стекнат нови вештини.
Изборот на учесниците кои ќе добијат пракса ќе се врши врз основа на нивната активност, вклученост и напредок во текот на обуките. При изборот на учесниците предност ќе се даде на млади кои не се во процес на образование, вработување или обука, како и на млади кои немаат претходно работно искуство.
КАКО ДА СТАНЕШ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА „УЧИЛИШТЕ ЗА МЛАДИНСКО ВРАБОТУВАЊЕ“?
Доколку ги исполнуваш горенаведените критериуми, пријави се за учество на програмата најдоца до 31.10.2022 со пополнување на апликациската форма достапна на ОВОЈ ЛИНК. По завршувањето на рокот за пријавување, очекувај да бидеш контактиран/а од нашиот тим.
ЗОШТО ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА „УЧИЛИШТЕ ЗА МЛАДИНСКО ВРАБОТУВАЊЕ“?
Секој млад човек по завршувањето на формалниот образовен циклус треба да стекне вештини кои ќе му овозможат да напредува во животот. За жал, нашиот образовен систем има ограничувања во оваа насока.
Училиште за младинско вработување кај младите гради вештини, кои не се дел од формалното образование, со цел побрзо да влезат или подобро да се позиционираат на пазарот на трудот.
Преку вклучување во Училиште за младинско вработување ќе имаш можност:
- Да стекнеш знаења и вештини кои не се стекнуваат на училиште или факултет;
- Да станеш повработлив/а и подобро да се позиционираш на пазарот на трудот;
- Да стекнеш поголема свесност за потребите на пазарот на трудот;
- Да го подобриш тимскиот дух и способностите за работа во тим.
КОИ СМЕ НИЕ? Ние сме организација која верува дека сите имаме неостварен потенцијал. Соочени со образовен систем кој што не учи да помниме информации, а не да учиме вештини, по завршувањето сме неспремни и несвесни за нашиот потенцијал, нашата вработливост и нашиот придонес во општеството.
Затоа во 2016 го основавме Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) како граѓанска организација, која има за цел да ги гради вештините и способностите на младите, да ги поттикне да вложуваат во личниот и професионалниот развој и да придонесуваат за подобро општество.
Проектот „Училиште за младинско вработување“ се имплементира во рамки на проектот „ Западен Балкан и Турција за вработување на младите“ Проектот го спроведуваат пет младински организации: Фондација Ана и Владе Дивац (Србија), Здружение Прима (Црна Гора), Младинска алијанса – Крушево (Северна Македонија), Партнери Албанија – за промени и развој (Албанија) и Фондација за волонтери на заедницата (Турција). Проектот е поддржан од Европската комисија, како дел од нејзините напори за континуирано надградување на односите на јавните власти со младите.