#ПреосмислиИднина: Отворен повик за учество во младински консултации

Во февруари 2021 година, претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ започнаа нова иницијатива „Преосмисли ја иднината“ со цел на децата и младите да им се даде простор да се вклучат во дефинирање на визијата што ја сакаат за својата иднина и за идните генерации.

Во првата фаза од младинските консултации, младите на возраст од 12 до 19 години беа поканети да учествуваат во онлајн-анкета и да ги споделат своите гледишта за промените што би сакале да ги видат, за она што ги мотивира и за она што најмногу ги загрижува. Анкетата претставуваше и можност да испратат порака до носителите на одлуки и да ја споделат својата визија за земјата 10 години отсега. Учествуваа вкупно 527 млади.

„Младите треба да имаат пристап до поквалитетно образование и можности за вработување врз основа на знаење и компетентност.“ –  Женско, 16 години

Резултатите од анкетата, односно темите кои преовладуваат и претставуваат најголем предизвик за младите денес, ги дефинираат следните фази од иницијативата и темите кои ќе се обработуваат на тематските работилници. Целта е работилниците да бидат засновани врз потребите и интересите на младите. Врз основа на добиените одговори, ќе се фокусираме на 3 клучни области: квалитетно образование, квалитет на живот, животна средина и урбанистичко планирање.

„Ја замислувам нашата земја како еко-држава со електрични возила, современи училишта, спортски терени и безгрижни жители.“ – Машко, 13 години

Ги покануваме сите деца и млади на возраст од 12 до 19 години да учествуваат во тематски работилници, заедно да дискутираме околу главните теми посочени во анкетата, промените што би сакале да ги видат и можни решенија. Главните наоди и идеи од работилниците ќе бидат претставени на завршен настан на високо ниво.

Младите заинтересирани да учествуваат на работилниците се поканети да го пополнат формуларот за пријавување на следниот линк, да ја споделат својата мотивација за учество, да се подготват да зборуваат за предизвиците и да ги споделат своите идеи и визии за иднината. Работилниците ќе бидат организирани за две старосни групи со следниот распоред:

(12 – 15 години)

  • Животна средина и урбанистичко планирање: 21 јуни 2021 година
  • Квалитетно образование: 23 јуни 2021 година
  • Квалитет на живот: 25 јуни 2021 година

(16 – 19 години)

  • Животна средина и урбанистичко планирање: 28 јуни 2021 година
  • Квалитетно образование: 30 јуни 2021 година
  • Квалитет на живот: 2 јули 2021 година

Апликацијата е отворена до 16 јуни 2021 година (23:59 ч.).

Младинските консултации ќе се одржат преку интернет, на платформата ЗУМ. За повеќе информации, контактирајте на [email protected].

Избраните пријавени ќе добијат детални информации за агендата до 18 јуни 2021 година.

Придружи ни се! #ПреосмислиЈаИднината 

Сподели на

Share on facebook
Share on twitter
Share on email
Share on whatsapp