Реактор – Истражување во акција има чест да Ве покани на промоција на последното истражување на тема: „Родово–базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“, која ќе се одржи на 30 март (среда), 2022 година, во просториите на Јавна Соба (Public Room), со почеток во 11.00 часот, со времетраење од два часа.
Со поддршка на Европската унија (ЕУ) и Шведската агенција за меѓународен развој и соработка, како дел од регионалната иницијатива за справување со овој вид на дискриминација во шест земји од Западен Балкан, овој извештај претставува продолжение на првото истражување од ваков вид во Северна Македонија, спроведен од Реактор, кое беше објавено во 2019 година. Извештајот содржи информации и споредба на состојбите поврзани со недостатоците во релевантната законска рамка; застапеноста и природата на родово базираната дискриминација на пазарот на труд; стапката на пријавени случаи и начинот на кој институциите ги третираат таквите случаи; и препораки насочени кон секоја засегната страна.
За време на овој настан, Реактор – Истражување во акција ќе ги презентира клучните наоди и препораки кои произлегуваат од истражувањето, по што ќе следи и дискусија во врска со наодите.
На панелот свое обраќање ќе имаат и, претставник на Делегацијата на Европската Унија (TBC); Светлана Цветковска, Министерство за труд и социјална политика; Кире Василев, Комисија за спречување и заштита од дискриминација; Драгиња Аврамчевска, Државен инспекторат за труд; Кристина Ампева, Гласен Текстилец и Ина Џугуманова, Хелсиншки Комитет за човекови права.
Претставниците на граѓанските организации, јавните институции, и медиумите се поканети да присуствуваат на овој настан. На крајот од панелот, присутните ќе имаат можност да поставуваат прашања.
Би ни била особена чест доколку ја прифатите оваа покана и ни се придружите на оваа промоција. Навистина би ценеле доколку ни го потврдите Вашето учество најдоцна до 29 март, 2022 година.
Агендата за настанот погледнете ја тука.
За сите дополнителни информации, Ви стоиме на располагање на имејл: [email protected].
Со почит,
Реактор – Истражување во акција
Партнери во имплементацијата на овој проект се: Kosovo Women’s Network од Косово, Реактор – Истражување во акција од Северна Македонија, Gender Alliance for Development Centre (GADC) од Албанија, Helsinki Citizens’ Assembly Banja Luka (HCABL) од Босна и Херцеговина (БиХ), Women’s Rights Centre (WRC) од Црна Гора и Kvinna till Kvinna Foundation од Шведска преку нивната канцеларија во Србија.