ЗАПОЧНА ЛЕТЕН КАМП 2021 ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА СОЈУЗ НА ИЗВИДНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА
Деновиве, на плажата во Извидничкиот центар Охрид освен редовните посетители може да се забележат и разиграни деца и млади кои учествуваат на летниот камп „λ камп 2021“ кој се реализира во периодот од 7 до 15 август, а го организира Сојуз на извидници на Македонија.
По пауза од две години поради Ковид-19 пандемијата, повторно се активира традиционалниот летен камп во кој учество земаат околу 180 извидници од цела Македонија на возраст од 12 до 16 години. По принципот на учење преку работа и забава, деновите и вечерите ги поминуваат во другарување, учество на водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, стреличарство, ориентација, кампување, лидерство и останати извиднички и животни вештини.
Сите активности се одвиваат според Владините протоколи за организација на настани на отворено и внатрешните протоколи на Сојузот за организација на извиднички настани.
За програмата, логистиката и целата организација на кампот се грижат околу 20-тина волонтери кои неуморно работат секој ден, ги развиваат своите организациски вештини и со насмевка на лицето се грижат активностите за помалите да се навремено подготвени.