Здружението за социјални иновации „АРНО“ e локален инкубатор кој втора година по ред го спроведува проектот RISE (Regional Incubator for Social Entrepreneurs*)-проект за мотивирани и посветени млади, подготвени да учат и да менуваат работи. Целта на проектот е да поддржи идеи за социјални бизниси, идеи што ќе го направат регионот подобро место. Искуството од минатата година, ни покажа дека „It takes a village to raise a child“ (слоб. превод, потребни сме сите да дадеме поддршка во развојот на идеите на младите) затоа одлучивме и годинава да ги поканиме сите оние кои сакаат да придонесат во проектот да се пријават за менторска и/или експертска улога.
Пријавувањето е отворено и достапно на овој линк до 15-ти ноември, 23:59 часот. Ве молиме имајте предвид дека се работи за про-боно ангажмани (без надомест). RISE Journey e 4 месечна програма во која вие можете да се вклучите како:
- Ментор = Да изберете еден од 9-те тимови и да им бидете советник, поддршка, ветер во крила…Менторството предвидува ангажман од 2-4 часа месечно во текот на 4-те месеци. Заедно со доделениот тим определувате кога ќе бидат вашите средби.
- Експерт = Да споделите своја експертиза и да поминете поединечнo 45 минути (one on one) со секој од 9-те тима, давајќи им конкретни насоки за нивниот социјален бизнис. Се разбира вие определувате кога имате слободно време.
За да изберете тим и полесно се пронајдете во понудата за екпертиза одете на крајот од оваа објава (во Галерија) и кликнете на секоја од сликите. Ќе ги видите кратките описи на тимовите, на македонски и англиски јазик.
По пристигнатите пријави тимот на АРНО ќе креира дата-база и ќе спроведе процес за „спарување“ (matching) на ментори, подготовка на предлог програма и предлози за ваше потенцијално вклучување. Во периодот што следува ќе бидат контактирани сите лица кои одговараат на програмата RISE Journey 2, но нагласуваме бидејќи ова е дата-база, ние би сакале да ги одржиме контактите и да ја имаме вашата поддршка и за други проекти.
Минатогодишната соработка со менторите и експертите беше навистина успешна и оваа година сведочиме на започнување на нови приказни на социјални претпријатија во нашата држава. Преблагодарни сме на сите кои до сега и од сега ќе изразат желба заедно да градиме заедници и креираме мрежи на поддршка. Градењето на вакви заедници не само што (ни) носи задоволство, гради солидарност, нови соработки и идеи, туку и покажува нова култура на соработка и принцип на заедничко работење и гледање во иднината.
RISE Journey е наменски креирана програма која е бесплатна за учество и која ќе им помогне на млaдите да учат, да растат и да направaт промена во своето опкружување. Програмата има за цел да понуди менторска и експертска поддршка, мотивација, инспиративни приказни, дружење и регионални вмрежувања. Повеќе за проектот можете да прочитате на https://www.risewb.org/ иhttps://arno.org.mk/mk/vesti/rise-journey2/
*Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција за развој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).