Работилници за филмска писменост

Како се користи филмската монтажа за менување на контекст? Како да се испрати порака преку кадрирањето? Ако си средношколец/ка и сакаш да стекнеш применливи вештини за фотографирање или монтирање, пријави се на двете работилници на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, што ќе се одржат од 5 до 10 октомври во Скопје.

На работилницата „Филмската монтажа како алатка за менување на контекст“ ќе научиш да создаваш различни значења од истиот снимен материјал единствено преку процесот на монтажа. Во тим со други учесници, ќе работиш на многу кратки филмови кои во себе ќе содржат две различно измонтирани верзии на истиот материјал и ситуација. После работилницата, ќе умееш да ги препознаваш суптилно испратените пораки во медиумите и филмовите и како тие влијаат врз публиката, но и да го користиш визуелниот јазик правилно и креативно при снимање и монтирање.

На работилницата „Испраќање порака преку кадрирањето“ ќе научиш да раскажуваш приказна со слики која ќе остави емотивен и интелектуален печат врз гледачот. Со практична работа, ќе развиеш основни универзални вештини за фотографирање и ќе го научиш концептот за визуелно раскажување преку изработка на фотографии кои ќе треба да пренесуваат поинаква порака и емоција.

Пријави се и избери ги работилниците „Фотографија“ или „Филмска монтажа“ со пополнување на ОВАА ПРИЈАВА.

Најдобриот производ од секоја работилница ќе биде награден, а сите учесници ќе добијат сертификати.

 

Работилниците за филмска писменост се организираат од Институтот за комуникациски студии (ИКС) и ИРЕКС во рамките на проектот за медиумска писменост на УСАИД, „Младите размислуваат“.

„Создаваме град, градиме иднина“

Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ има за цел да ја зголеми транспарентноста и партиципативноста во процесот на урбанистичкото планирање на градот, преку серија јавни настани од мултимедијален карактер, чија основна цел е да поттикнат критичко размислување и да иницираат вклучување на локалната заедница во процесот на планирањето на просторот.
Тема на проектот е новиот генералeн урбанистички план за Скопје (ГУП за период од 2023 до 2032 година) кој е најважниот документ за планирањето на иднината на градот. Во рамки на проектот ќе бидат реализирани 3 настани во 3 општини во Скопје. 
Содржина на настаните :
1. Проекција на интерактивен документарен филм кој ќе обработува повеќе локации од важечкиот ГУП (од 2012 до 2022 година) што веќе се предмет на дебата во јавниот дискурс. 
2. Работилница на тема: Што претставува ГУП и зашто е важен? Инволвирање на граѓаните и интеракција за нови идеи и предлози во насока на планирањето на градот.
3. Дебата на тема „Нов ГУП, нова можност за Скопје?“
Тимот кои го изработи документарниот филм и перформаност:
Режија: Андреј Георгиев и Драгана Гунин
Актер: Симона Димковска
Кинематограф: Кристијан Караџовски
Монтажа: Дејан Смилевски и Андреј Ристески
Наратор: Мартин Манев
Проектот „Создаваме град, градиме иднина!“ го реализира Меѓународно здружение на граѓани Културно Ехо-Скопје во соработка со здружението Ситископ -Скопје во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП Центар Јадро, со финансиска поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија.
Поради ограничениот број на присутни за перформансот и работилницата потребно е вашето присуство да го најавите на емаил адресата: [email protected]

Недела на филмски проекции и дискусија

📽 И овој месец организираме недела на филмска проекција!
🤝 Младински образовен форум, во партнерство со УНХЦР Ве кани на филмска недела во Охрид и во Тетово каде ќе имате можност да го гледате филмот Welcome to Norway во режија на норвешкиот режисер Rune Denstad Langlo и каде ќе можете да дискутирате за вашите импресии од истиот. Филмот Welcome to Norway се фокусира на желбата на еден човек да направи сѐ што е во негова моќ за да не ги изгуби работите во кои вложил најмногу: неговиот хотел и неговото семејство. Дали ќе успее во својата намера, ќе заклучите вие самите на дискусијата која ќе следи по завршувањето на филмот.
📍 Филмските проекции ќе се одржат на 13 септември во Тетово во просториите на Центарот за балканска соработка ЛОЈА со почеток од 18:30 часот и во просториите на Касарна Хаб во Охрид на 15 септември со почеток од 19:30 часот. 
🟠 Сите заинтересирани своето присуство треба задолжително да го пријават на овој формулар:  https://forms.gle/8JGzEsxiovzNPBpN6 – најдоцна до вторник (13 септември), 12:00 часот на пладне.
🙌 Ве очекуваме на филмче и на убава дружба!
▶ Оваа активност е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.

Настан за презентирање на резултатите произлезени од проектот „Гејмификациски алатки за младинско учење„

Драги млади, младински работници, едукатори, наставници и сродни професии,
Ве каниме на настан за презентирање на резултатите произлезени од проектот „Гејмификациски алатки за младинско учење“ во рамки на Клучна акција 2 од Еразмус+ програмата на Европската унија. 
Настанот започнува во 10:30 часот во просториите на Мултифункционалниот центар Крикни, во населба Црниче.
Целта на проектот е обезбедување поддршка за младинските работници и организации, кога тие ги подготвуваат активностите. Исто така, проектот се фокуира кон поддршка на дигиталното учество и онлајн учење на младите луѓе.
Активностите на проектот беа спроведени низ фази.
1. Спроведување истражувања за потребите на користење алатка за гејмификација за учење на младите. Во оваа фаза, сите организации учеснички спроведоа истражување на национално ниво. Сите партнерски организации го имплементираа истражувањето со млади луѓе, младински работници и организации кои работат во нивната земја.
2. Креирање на дигитална алатка – алатка за гејмификација за учење преку Интернет.
3. Настан за учење/обука/ – Тестирање на дигиталната алатка од страна на учесници од сите партнерски земји во проектот.
4. Последната фаза од овој проект е дистрибуција на интелектуалните резултати до целната група – другите младински организации и младински работници, со цел да ги користат во нивната работа , како и да ги подобрат нивните капацитети.
Проектот „Гejмификација за младинско учење“ ќе има долгорочно влијание во однос на дигиталното учество во младински активности. Очекуваме да укаже на признавање на младинската работа во партнерските земји и да ги зајакне капацитетите на младинските работници.
Експерти од Северна Македонија, Полска, Унгарија и Естонија работеа во изминатиот период креирајќи содржина за 30 игри кои се поставени на различни платформи и ја креираат веб страната каде може да се најдат сите на едно место – www.gamificationtools.eu.
Носител на проектот е EuroFRC од Полска, а партнери се ЦМА Крик од С. Македонија, GYIOT од Унгарија и TNTK од Естонија, а е поддржан од програмата Еразмус+ на Европската Унија.
За повеќе информации можете да не контактирате на [email protected] или на 078 430 475.
 
Ве очекуваме! 🙂

Повик за Координатор на волонтери од програмите Европски младински корпус и Ерасмус-програмите за мобилност

За потребите на секојдневното работење на Центар за младински активизам Цма Крик отвoраме 1 работна позиција: 1 Координатор на волонтери од програмите Европски младински корпус и Ерасмус-програмите за мобилност

Бараме млади и амбициозни личности кои сакаат да се приклучат кон тимот на Крик. Тимот и работата на Крик е динамична, интересна и полна со предизвици и нови случувања. Доколку сакаш динамична работа комбинирана со работа во канцеларија, организирање на настани, обуки, работилници во Македонија и странство, ова е одлична можност за тебе.

Работната позиција вклучува патувања во земјата и странство.

Тип на вработување: договор за вработување на неопределено (по 6 месеци работа)

Вработувањето е со: Полно работно време од 8 часа, од понеделник до петок (понекогаш е можно и работа за време на викенд на одредени настани, обуки, работилници).

Работниот ангажман започнува од 26ти септември 2022 година.

Работниот ангажман вклучува:

-Комуникација со партнерите организации кои ги испраќаат волонтерите како и подготовка на волонтерите пред да пристигнат во Македонија

-Комуникација и координација на работата волонтерите кои волонтираат во Крик преку програмата Ерасмус + (подготовка на неделна програма, следење на работата, организирање на активности).

-Организација, логистика и следење на домувањето на волонтерите и потребите што произлегуваат од тоа (изнајмување на станбен простор по потреба-моментално е постоечки, следење на се што им е на волонтерите потребно од логистички дел)

-Комуникација со партнер организации со кои Крик соработува во Ерасмус+ програмата на праќање на млади лица на Европски образовни програми и мобилност (сендинг процесот)

-Промовирање на отворените места за сендинг програмата, селекција на учесници и нивна поддршка во целиот процес (во процесот на подготовка, додека трае активноста и по враќање во локалните заедници).

Потребни квалификации:

-Универзитетска диплома се смета за предност, но не е задолжителна (пожелно социјална работа, психологија или специјална едукација) или релевантно искуство;

-Компетенции за успешно и професионално спроведување на младински програми;

-Да фацилитира сесии на различни теми за различни целни групи на млади;

-Познавање од проектен менаџмент, навремено завршување на задачите и добра работа во тим;

-Познавање на програмите Ерасмус-дел млади и Европски солидарен корпус. Директна работа со програмите (како дел од организација, а не посета на едукативен настан или волонтирање) се смета за предност, но не е задолжителна.

-Добро развиени комуникациски и фацилитациски способности.

Нудиме:

-Динамична и инспирирачка работна средина

-Тим составен од млади лица

-Флексибилно работно време

-Слободни викенди и празници

-Патувања во Македонија и други држави во Европа

-Обука за потребите на работната позиција

-Обука за програмите Ерасмус и Европски солидарен корпус

-Можности за напредување и развивање на сопствени идеи.

Доколку сте заинтересирани аплицирајте на [email protected] со кратка биографија и мотивационо писмо најдоцна до 20ти септември 2022. Во описот наведете ја позицијата за која аплицирате.