Прекугранична соработка: повик за учество во академија за социјална економија

АРНО објавува ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА АКАДЕМИЈА ЗА СОЦИЈАЛНА ЕКОНОМИЈА за постоечки и идни социјални претпријатија кои работат во скопскиот и североисточниот регион во Северна Македонија и Пчињската и Јабланичка област во Србија. 

Програмата на Академијата за социјална економија е насочена кон обезбедување поддршка на социјалните претпријатија во Србија и Северна Македонија преку обука, менторство, награди во опрема и услуги, и вмрежување, истовремено отворајќи простор за прекугранична соработка меѓу двете земји. Програмата се спроведува во партнерство на здруженијата “АРНО” од Северна Македонија, Оптимист од Република Србија и Tраг фондација (координатор) и се спроведува во рамките на проектот Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија  , финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија  (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020).

Програмата е наменета за постоечки и идни социјалните претпријатија (регистрирани или во процес на основање). Во рамките на програмата ќе бидат избрани до 12 социјални претпријатија (до 4 развиени и до 8 во почетната фаза на развој или основање) кои работат одговорно и имаат за цел да постигнат социјални или еколошки влијанија. Услов за аплицирање на програмата е тие да работат во Пчињска и Јабланичка област во Србија и скопскиот и североисточниот регион во Северна Македонија. (Република Србија: Пчињска област (Врање, Владичин Хан, Сурдулица, Босилеград, Трговиште, Бујановац, Прешево) и Јабланичка област (Лесковац, Власотинце, Лебане, Бојник, Медвеѓа, Црна Трава).Република Северна Македонија: Североисточен регион (Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане) и Скопски регион (Скопје, Арачиново, Илинден, Петровец, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Чучер-Сандево).

Следниве видови на поддршка ќе бидат достапни за избраните социјални претпријатија:
● Групна обука која вклучува до три модули на интерактивни работилници со консултанти и искусни социјални претприемачи кои ќе бидат организирани за две групи: едната група се состои од најмногу 4 развиени социјални претпријатија, а другата група до 8 социјални претпријатија и/или идеи во почетна фаза на развој.
● Менторска (индивидуална) поддршка од консултанти и солидарни претприемачи со цел да се подобри бизнисот во областите кои, преку анализа на мапирање на потребите, се покажуваат како клучни за понатамошниот раст и развој на секое солидарно претпријатие. Менторската поддршка ќе се спроведува од октомври 2022 до март 2023 година;
● Награди во опрема и услуги: претприемачките идеи со најголем потенцијал за понатамошен развој ќе можат да аплицираат за поддршка при набавка на опрема, производствени материјали, производи и услуги кои им се потребни за понатамошен развој во рамките на програмата, по завршување на обуката. Вкупно ќе бидат доделени до 5 награди во опрема и услуги со вкупна вредност од 15.000 евра, при што поединечните награди се движат во вредност од 2.000 за претприемачки идеи во развој, до 5.000 евра за развиени претпријатија. Спроведувањето на оваа активност ќе започне во јануари 2023 година.
● Промоција и вмрежување: социјалните претпријатија ќе имаат можност, преку обука и организирање на три бизнис форуми и/или изложбени саеми, да ги претстават своите производи и услуги на пошироката јавност од Србија и Северна Македонија и да развијат соработка со други претпријатија. Исто така, овие настани ќе служат за поврзување на локалните, регионалните и прекуграничните актери на социјалната економија и отворен простор за потенцијални партнерства, вмрежување и размена на идеи за тоа како локалните пристапи и решенија може да се применат во другите локални заедници. Од октомври 2022 година до март 2023 година.

За аплицирање потребено е целосно да се пополнат формуларот и изјавата за апликанти и да се испратат на [email protected] Краен рок за поднесување на апликацијата е 10 октомври 2022 година до полноќ (23:59 часот).

Целосниот повик можете да го најдете овде.

Работилница за промоција на извештај од истражување во рамките на проектот: “Потпри се на младите“

Џуниор Ачивмент Македонија Ве поканува да ја проследите првата работилница за промоција на извештајот од спроведеното теренско истражување која што се организира во рамките на проектот „Потпри се на младите“,  која ќе се одржи на 06-ти октомври со почеток во 15:00 часот, во Етно Село Тимчевски.  

На работилницата ќе имате можност подетално да се запознаете со резултатите од теренското истражување кое што беше спроведено во рамките на проектот во периодот мај-јули 2022 година во кое што беа опфатени младите од четири плански региони: Североисточен, Пелагониски, Полошки и Југозападен, како и претставници на општините, приватниот бизнс сектор, земјоделските стопанства и останатите чинители во локалната заедница.

Работилницата е предвидена да трае 2 часа, а истата треба да ја отвори дискусијата околу презентираните резултати, предлози и иницијативи за унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница со фокус на младите и жените.  

Проектот „Потпри се на младите“ има за цел да го подобри животот на младите во руралните општини преку поддршка на локални младински иницијативи низ обуки, менторирање и финансиска помош преку грантови за спроведување на истите, а дел од тие иницијативи ќе произлезат токму од овој извештај. Проектот предвидува соработка со руралните општини за формирање и поддршка на работата на локалните младински совети.   

Проектот е со времетраење од 1 февруари 2022 г. до 31 јануари 2024 г.. Целна група се младите од руралните општини во Полошкиот, Северисточниот, Пелагонискиот и Југозападниот плански регион во Македонија. Активностите на овој проект се во насока на поттикнување на соработката со локалните младински совети, младински клубови и граѓанските организации. 

Проектот е финансиран од Европската унија, а е спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) во партнерство со Рурална Коалиција, Џуниор Ачивмент Македонија и ЕЛИТ – Здружение на жени менаџери. 

Би ни било чест и задоволство доколку присуствувате на работилницата за Североисточниот плански регион и дадете придонес со Ваши сугестии и предлози.