ВТОРА РАБОТИЛНИЦА ЗА ПРОМОЦИЈА НА ИЗВЕШТАЈ ОД ИСТРАЖУВАЊЕ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ: „ПОТПРИ СЕ НА МЛАДИТЕ“

Џуниор Ачивмент Македонија Ве поканува да ја проследите втората работилница за промоција на извештајот од спроведеното теренско истражување која што се организира во рамките на проектот „Потпри се на младите“, а која што ќе се одржи на 17-ти октомври со почеток во 11:00 часот, во База Бар, село Теарце, општина Теарце.  

На работилницата ќе имате можност подетално да се запознаете со резултатите од теренското истражување кое што беше спроведено во рамките на проектот во периодот мај-јули 2022 година во кое што беа опфатени младите од четири плански региони: Североисточен, Пелагониски, Полошки и Југозападен, како и претставници на општините, приватниот бизнс сектор, земјоделските стопанства и останатите чинители во локалната заедница. Работилницата е предвидена да трае 2 часа, а истата треба да ја отвори дискусијата околу презентираните резултати, предлози и иницијативи за унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница со фокус на младите и жените.  

Проектот „Потпри се на младите“ има за цел да го подобри животот на младите во руралните општини преку поддршка на локални младински иницијативи низ обуки, менторирање и финансиска помош преку грантови за спроведување на истите, а дел од тие иницијативи ќе произлезат токму од овој извештај. Проектот предвидува соработка со руралните општини за формирање и поддршка на работата на локалните младински совети.   

Проектот е со времетраење од 1 февруари 2022 г. до 31 јануари 2024 г.. Целна група се младите од руралните општини во Полошкиот, Северисточниот, Пелагонискиот и Југозападниот плански регион во Македонија. Активностите на овој проект се во насока на поттикнување на соработката со локалните младински совети, младински клубови и граѓанските организации. 

Проектот е финансиран од Европската унија, а е спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) во партнерство со Рурална Коалиција, Џуниор Ачивмент Македонија и ЕЛИТ – Здружение на жени менаџери. 

Би ни било чест и задоволство доколку присуствувате на работилницата за Полошкиот плански регион и дадете придонес со Ваши сугестии и предлози. 

ПОВИК ЗА УЧЕСНИЦИ ЕРАЗМУС+ ТРЕНИНГ “EMYS SUSTAINABILITY TRAINING“ ВО ВИЕНА, АВСТРИЈА

Отворен е повик за учесници на Еразмус+ тренинг  “EMYS Sustainability training“ од 06.11-11.11.2022 во Виена, Австрија.

Овој тренинг е дел од проектот Engaging Marginalized Youth for Sustainability (EMYS) чија цел е да се мотивираат и зголемат капацитетите на младите луѓе да станат креатори на промени и да имплементираат иницијативи не само во нивните заедници, туку и на европско ниво.

*можеш да прочиташ повеќе за EMYS проектот на следниов линк.

Со овој тренинг младите, младинските лидери и амбасадори ќе се обучат за методологиите на неформалната едукација, ќе ги подобрат нивните компетенции за фацилитација, застапување и лобирање.

Преку учество на овој тренинг ќе ги зголемиш твоите вештини и ќе и помогнеш на твојата организација да понуди поширок спектар на едукативни понуди прилагодена на потребите и можностите на маргинализираните групи.

Вештини кои ќе ги развиеш за време на тренингот:

  • Техники за фацилитација, застапување и лобирање
  • Генерирање и осмислување идеи
  • Design thinking техники
  • Менаџерски вештини
  • Работа во меѓународни тимови

Профил на учесници:

  • Млади од 18 до 35 години
  • Младински амбасадори, младински работници, младински организации/совети/центри и движења на младинската заедница
  • Одговорни и активни млади
  • Заинтересираност и желба за подобрување на својата заедница
  • Со добро познавање на англискиот јазик

* Храната и сместувањето се покриени од страна на организаторот. Трошоците за превоз се рефундираат во вредност до 300 евра.

Доколку сметаш дека ги исполнуваш условите и си подготвен/а да земеш активно учество во текот на целиот тренинг/проект, пријави се на следниов линк.

Рокот за аплицирање е до 17.10.2022, до 23:59 часот.

За сите дополнителни информации можеш да ни пишеш на [email protected] или да не контактираш на следниов телефонски број 071 779 381.

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО: Училиште за младинско вработување

Имаш чувство дека дипломата не е доволно за да најдеш работа? Аплицираш со CV-ја ама немаш повратни одговори? Сакаш да почнеш да работиш сам за себе ама не знаеш како?

Просечното време за наоѓање работа по завршено образование е дури 31 месец, а само 22% од младите имаат успешна транзиција од училиште кон работа.

Дали сакаш, со наша помош, да се издвоиш од твоите врсници и да станеш повработлив/а?

Училиште за младинско вработување претставува програма која ќе им овозможи на младите од Кавадарци, Штип и Битола да стекнат вештини за барање работа, вработување и самовработување, како и можност да стекнат практично работно искуство, со цел да ја подобрат својата позиција на пазарот на трудот и да бидат повработливи.

ЗА КОГО Е НАМЕНЕТА ПРОГРАМАТА?

Програмата е наменета за 45 млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, жители на трите града, без разлика на нивниот образовен и работен статус.

ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?

Програмата „Училиште за младинско работување“ е поделена во два дела:

1. Обуки за стекнување работни вештини

Младите вклучени во програмата ќе имаат можност да земат учество во вкупно 6 обуки поделени во 3 модули, со кои ќе стекнат вештини за вработување и работа и тоа:

Модул 1: Личен и кариерен развој- Преку првиот модул, ќе стекенете вештини за стекнување на вештини (learning how to learn), како да поставувате лични и кариерни цели, но и како да барате можности и креирате можности за континуиран личен и професионален развој. Дополнително, преку модулот, со поддршка на тренерот, ќе изработите индивидуален, долгорочен план за личен и професионален развој.

Модул 2: Вештини за вработување и работа- Во рамки на вториот модул, ќе стекнете практични вештини кои ќе ви помогнат полесно да најдете работа, како што се: користење на можности за барање работа и вработување, подготовка на кратка биографија и мотивациско писмо за вработување и подготовка за интервју. Дополнително, преку овој модул ќе ги зајакнете своите вештини за лична и деловна комуникација, презентација и јавно говорење, како и деловна култура за однесување на работно место, кои се применливи на секоја работна позиција, без разлика на кариерната ориентација.

Модул 3: Вмрежување и freelancing како алтернативен модел на самовработување- На третиот модул, ќе стекнете вештини за вмрежување како најдоминантен начин за наоѓање работа во нашата зема, како и вештини за стекнување и негување на деловни контакти. Преку овој модул исто така ќе се запознаете со моделот на freelancing како значително застапен и ефикасен модел за алтернативно самовработување, заработка и стекнување на работно искуство.

Целата програма е базирана на неформални методи! Што значи тоа? Нема да има професор што ќе ви зборува 45 мин. Нема да мора да памeтите факти. Нема да мора да учите на памет. Нема да чекате едвај да заврши. НЕМА НИКОЈ ДА ВИ ГО ТЕСТИРА СТЕКНАТОТО ЗНАЕЊЕ. Ќе користиме „искуствено учење”, симулации, дискусии, вежби, тимски предизвици.

Програмата ќе се спроведе во периодот од 15.11.2022 до 15.12.2022 година во вашиот град, од страна на искусни обучувачи на темите.

2. Можност за примена на наученото и доразвивање на компетенциите преку едномесечна практична работа (пракса или job shadowing) во компанија или организација

Дел од учесниците ќе имаат можност да добијат едномесечна пракса или job shadowing (еден вид на учење на работно место) во компанија или организација од нивниот град, со цел да го применат и усовршат стекнатото знаење преку обуки, да добијат работно искуство кое ќе можат да го стават во своето CV и да стекнат нови вештини.

Изборот на учесниците кои ќе добијат пракса ќе се врши врз основа на нивната активност, вклученост и напредок во текот на обуките. При изборот на учесниците предност ќе се даде на млади кои не се во процес на образование, вработување или обука, како и на млади кои немаат претходно работно искуство.

КАКО ДА СТАНЕШ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА „УЧИЛИШТЕ ЗА МЛАДИНСКО ВРАБОТУВАЊЕ“?

Доколку ги исполнуваш горенаведените критериуми, пријави се за учество на програмата најдоца до 31.10.2022 со пополнување на апликациската форма достапна на ОВОЈ ЛИНК. По завршувањето на рокот за пријавување, очекувај да бидеш контактиран/а од нашиот тим.

ЗОШТО ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА „УЧИЛИШТЕ ЗА МЛАДИНСКО ВРАБОТУВАЊЕ“?

Секој млад човек по завршувањето на формалниот образовен циклус треба да стекне вештини кои ќе му овозможат да напредува во животот. За жал, нашиот образовен систем има ограничувања во оваа насока.

Училиште за младинско вработување кај младите гради вештини, кои не се дел од формалното образование, со цел побрзо да влезат или подобро да се позиционираат на пазарот на трудот.

Преку вклучување во Училиште за младинско вработување ќе имаш можност:

  • Да стекнеш знаења и вештини кои не се стекнуваат на училиште или факултет;
  • Да станеш повработлив/а и подобро да се позиционираш на пазарот на трудот;
  • Да стекнеш поголема свесност за потребите на пазарот на трудот;
  • Да го подобриш тимскиот дух и способностите за работа во тим.

КОИ СМЕ НИЕ? Ние сме организација која верува дека сите имаме неостварен потенцијал. Соочени со образовен систем кој што не учи да помниме информации, а не да учиме вештини, по завршувањето сме неспремни и несвесни за нашиот потенцијал, нашата вработливост и нашиот придонес во општеството.

Затоа во 2016 го основавме Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД) како граѓанска организација, која има за цел да ги гради вештините и способностите на младите, да ги поттикне да вложуваат во личниот и професионалниот развој и да придонесуваат за подобро општество.

Проектот „Училиште за младинско вработување“ се имплементира во рамки на проектот „ Западен Балкан и Турција за вработување на младите“ Проектот го спроведуваат пет младински организации: Фондација Ана и Владе Дивац (Србија), Здружение Прима (Црна Гора), Младинска алијанса – Крушево (Северна Македонија), Партнери Албанија – за промени и развој (Албанија) и Фондација за волонтери на заедницата (Турција). Проектот е поддржан од Европската комисија, како дел од нејзините напори за континуирано надградување на односите на јавните власти со младите.

12-01-01-01.png

Обука за заштита на лични податоци за претставници на граѓански организации

🗣 Со задоволство ги покануваме претставниците на граѓанските организации да бидат дел од четиридневна онлајн обука за заштита на лични податоци што ја организираме во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. 
👩🏻‍🏫 Оваа обука ќе им помогне на организациите да го усогласат нивното работење со Законот за заштита на лични податоци, но и да ја подигнат свеста за заштита на личните податоци кај нивните целни групи и да се застапуваат за поголема заштита на личните податоци на граѓаните од страна на институциите и другите контролори на лични податоци.
💻 Обуката ќе се спроведе на платформата Zoom и ќе биде организирана во 4 сесии кои ќе се одржат на: 18-ти; 20-ти, 25-ти и 27-ми октомври, со почеток во 11 часот.
📋 Агендата за сите 4 дена може да ја најдете на овој линк 👇🏻
🔗 https://tinyurl.com/obuka-agenda
👨🏻‍💻 Учеството на обуката е бесплатно, а за сите учесници што успешно ќе ја поминат, следува сертификат. Бројот на учесници е ограничен и ги замолуваме сите што сакаат да бидат дел од обуката да го пополнат формуларот на овој линк 👇🏻
🔗 https://tinyurl.com/formular-obuka
🙌🏻 Ги очекуваме вашите пријави.

Јавен конкурс за млади луѓе на тема „Безбедност, солидарност и соработка“

 „Безбедност, солидарност и соработка“

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет, распишува конкурс на тема од областа на безбедноста, солидарноста и соработката за млади од 15 до 29 години. Прашањето на која младите треба да одговорат на креативен начин е „Што значи безбедноста, солидарноста и соработката за вас? Можете да одговорите на прашањето со тоа што ќе ни кажете кои теми ви се поважни како млад човек и што најмногу ве засега или ве интересира кога станува збор за безбедноста, солидарноста и соработката, а воедно можете да се изразите на различни креативни начини, вклучително но не ограничено на:

  • Видео содржина (YouTube видео, TikTok, Reels, Podcasts…)
  • Креативна графичка содржина (дизајн, стрип, илустрација…)
  • Фотографија
  • Сликарство или цртање
  • Есеј

Повикот за аплицирање е отворен за сите млади луѓе на возраст од 15 до 29 години, граѓани на Република Северна Македонија и содржината треба да одговори на прашањето „Што значи безбедноста, солидарноста и соработката за вас?”

Комисија составена од претставници на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Националниот младински совет ќе ги оценуваат поднесените содржини. Комисијата ќе ги награди трите најдобри содржини со следните награди:

  • Прво место  Активна камера Go Pro Hero 9 Action Camera
  • Второ место – Паметен часовник Гармин Vivoactive 4 
  • Трето место  Слушалки JBL Bluetooth Earbuds

Конкурсот е отворен од 12 октомври до 15 ноември 2022 година.

Креативната содржина треба да се достави преку е-пошта на [email protected] и [email protected] вклучувајќи име, презиме, датум на раѓање, телефонски број, е-маил адреса и градот од каде што доаѓате  со наслов: ЈАВЕН КОНКУРС НА ТЕМА БЕЗБЕДНОСТ, СОЛИДАРНОСТ И СОРАБОТКА. Можете да ги прикачите вашите креативни содржини на услугата за споделување датотеки (WeTransfer, Dropbox, Google Drive…) и испратете ни ја линкот во вашиот маил. Ве молиме чувајте ја вашата оригинална работа.

Забелешка: Со учество на конкурсот, се согласувате вашата содржина да биде јавно прикажана.

За сите дополнителни информации, можете да го контактирате Нусрет Исеини, програмски асистент, на [email protected] или на телефонскиот број 070/359-062; и Марија Башевска, програмска асистентка, на [email protected] или на телефонски број 076/708-990 од Националниот младински совет.