Фондација Метаморфозис со задоволство ги поканува младите, родителите, наставниците, претставниците на граѓанските организации и сите други кои сакаат да дознаат нешто повеќе и да дискутираат за приватноста на децата да бидат дел од настанот што ќе се одржи на 28.09.2023 година, во Europe House во Скопје, со почеток во 11 часот.
Учесниците на овој настан ќе имаат можност одблизу да се запознаат со значењето на правото на приватност за децата, правилата кои наставниците, родителите и воспитувачите треба да ги следат при обработка на лични податоци на децата, како и процесот на градење култура на заштита на приватноста на децата. Покрај тоа, учесниците ќе можат и да ги споделат своите ставови и искуства поврзани со правото на приватност на најмладите. Агендата за настанот можете да ја најдете на овој линк.
Овој настан се организира во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Фондација Метаморфозис и Здружение Конект. Учеството на настанот не се наплаќа, но бројот на учесници е ограничен и сите што сакаат да бидат дел од настанот треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк: Линк за пријава
За учесниците кои доаѓаат надвор од Скопје, патните трошоци за учество на настанот ќе бидат покриени од страна на Фондација Метаморфозис. За да може да се рефундираат средствата, ќе биде потребно да ги доставите оригиналните сметки и билети од патувањето.
*Известување за приватност: Ве известуваме дека во текот на настанот ќе бидат направени фотографии кои ќе служат за целите на проектно известување и промоција. Овие фотографии ќе бидат споделени со донаторот, а дел од нив ќе бидат објавени на веб-страниците и социјалните мрежи на имплементаторите на проектот.