Повик за учество на „Академија за социјална економија”

AРНО објавува повик за учество на „Академија за социјална економија” за постоечки и идни социјални претпријатија кои работат во скопскиот и североисточниот регион кај нас и Пчињската и Јабланичка област во Србија. Сите заинтересирани за повикот можат да се пријават преку пополнување на формулар и изјава за учество, најдоцна до 30-ти септември.

Програмата на „Академијата за социјална економија” е насочена кон обезбедување поддршка на социјалните претпријатија преку обука, менторство, финансиска поддршка и вмрежување, истовремено отворајќи простор за прекугранична соработка меѓу двете земји. Програмата се спроведува во партнерство на македонската организација „АРНО” со „Tраг фондација” и „Оптимист” од Република Србија  во рамките на проектот Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија, финансиран од Европската унија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020).

„Самиот слоган на донаторската програма кажува многу- „Добри пријатели, нови можности”. Ете, ние сме среќни што спроведуваме проект што сака да гради истовремено и пријателства, и да помогне на социјалните бизниси. Свесни сме дека во моментов има многу повици, академии и различни поддршки за развој на социјалната економија, но ги повикуваме нашите граѓани да се пријават на Академијата затоа што тука ќе ги втурнеме да размислуваат малку пошироко, за поширок пазар, за една поголема соработка. Земјоделски производи, туризам, кооперативи, ракотворби, се што постои или чека да почне да постои е добредојдено да аплицира!” изјави координаторката  Јасмина Саид од АРНО.

Во рамките на програмата ќе бидат избрани до 12 социјални претпријатија (до 4 развиени и до 8 во почетната фаза на развој или основање) кои работат одговорно и имаат за цел да постигнат позитивни општествени или еколошки влијанија. Избраните социјални претпријатија ќе учествуваат на 3 модули, ќе добијат менторска поддршка, финансиска поддршка од 2000 до 5000 евра (во опрема или услуги), и ќе имаат шанса да бидат дел од настани за промоција и вмрежување (саеми, конференции и сл).

Оглас за работа – АРНО

АРНО е во потрага по нов/а член/ка на тимот кој/а ќе се пронајде во улогата на програмски/а менаџер/ка и ќе даде свој придонес и печат во развојот и имплементација на програми од областа на социјално и зелено претприемништво. Бараме тимски играч (ќе звучи чудно ако пишеме тимск-а играч-ка:)) со: 

  • верба во новите бизнис модели
  • желба секогаш да се направи нешто плус
  • мотивација да се сработи нешто повеќе
  • појдовна точка „еј ова и кај нас може“
  • став „ок, малку е комплицирано, ама може да се реши“
  • претприемнички мајндсет
  • филантропско срце

Информации за огласот:

  • Работно време: 9-17 часот (реалноста е дека понекогаш имаме и обуки и настани и вон ова време, ама компензираме, и да, сме флексибилни со плус-минус) 
  • Неделно часови: 40
  • Службени патувања: да, поради регионалната димензија
  • Надомест: во зависност од искуство
  • Времетраање на проект: 12 месеци, со желби (и голем потенцијал) проектот (и позицијата) да продолжи 
  • Платен пробен период: јули  (со простор за договор)
  • Познавање на странски јазици: напредно ниво на англиски јазик, во пишана и усна коресподенција 
  • Потребно формално образование: високо образование

Општи квалификации:

  • Високо универзитетско образование; 
  • Искуство од областа на претприемништво, социјално/зелено претприемништво, стартапи, идеација, инкубација, натпревари 
  • Покрај менаџирање на програми, искуство и во испорачување на обуки (идеација, инкубација на (зелени/социјални) стартапи)
  • Најмалку 3 години искуство во работа на проекти финансирани од меѓународни донатори;
  • Солидно познавање на сите аспекти при планирањето и имплементирањето проектен циклус (раководење на проектна документација според стандарди, педантно, со time sheets)
  • Капацитет за осмислување и организација на настани (работилници, pitch-увања, прогласувања победници, инфо сесии)
  • Одлично познавање на MS Office,  IT алатки  (ZOOM, slack, календар) 
  • Способност за делегирање задачи, работа со волонтери

Искуство и вештини:

  • Неопходно искуство во имплементација на долгорочни програми и проекти поддржани од меѓународни донатори;
  • Искуство во имплементација на проекти и програми со фокус на претприемнички вештини, стартапи, социјални претпријатија 
  • Неопходно искуство во финасиски менаџмент, креирање и имплементација на буџети за проекти; 
  • Неопходно искуство во организациски менаџмент;
  • Неопходно искуство во иницирање и подготовка на проекти и иницијативи;
  • Професионална етика, навремено и уредно завршување на задачите,  посветеност кон организациските цели и вредности, како и целите на организацијата;
  • Способност за самостојна и тимска работа 
  • Силна мотивација 
  • Желба за работа со различни таргет групи 
  • Способност за работа под притисок и крајни рокови 
  • Креативност

Предност ќе имаат кандидат(к)ите со:

  • Претприемнички мајндсет 
  • Докажани успеси и постигнувања, видливи резултати во полето на работење со (социјални/зелени) претпријатија 
  • Докажани успеси и постигнувања, видливи резултати во работењето со млади, со тимови, инкубациски програми, натпревари 
  • Претходно работно искуство со проекти финансирани од ЕУ програмите ќе се смета за предност.
  • Визија за долгорочно ангажирање и придонес во АРНО

Опис на работната позиција:

  • Поддршка на АРНО за координација на активностите во делот на социјално/зелено претприемништво и јакнење на капацитети на младите,  имплементација на активности кои допринесуваат кон постигнување на оваа стратешка цел на организацијата. Види: проект RISE (првенствено), Inn@SE, S.E.E.D, комплементарни Еразмус +  проекти.
  • Работната позиција нуди можност за допрецизирање на улоги/обврски кои подразбираат и менаџирање на натпревар за зелени идеи, Балканска зелена акедемија (опционално) 
  • Задолжен/а за целосна и навремена имплементација на проектните и програмските активности и за постигнување на предвидените цели на програмата за работа на организацијата;
  • Координација на административните и оперативните текови во согласност со дефинираните организациски цели и стратегии;
  • Учество во подготовка на релевантни проектни апликации и обезбедување на фондови за надградување на проектите;
  • Одржување и градење партнерства со релевантни национални и меѓународни чинители;
  • Учество и претставување на организацијата на конференции, обуки и други настани во и надвор од земјата;
  • Промоција на проектите, проектните цели, вредностите на организацијата 
  • Извршување други слични задачи во согласност со потребите на организацијата.

Начин на пријава: 

  • Испраќање на CV (со истакнати релевантни искуства за позицијата) и кратко мотивационо писмо, најдоцна до 14.06.2021 на [email protected] 

Само кандидат/к/ите кои ќе ја поминат првата фаза на разгледување на пријавите ќе бидат контактирани и повикани на интервју. 

АРНО е организација која нуди еднакви можности за вработување, обезбедува инклузивна средина, промовира и почитува различности. Доколку ги имате соодветните квалификации и имаме исти вредности, аплицирајте! (или препорачајте на соодветни кандидати). 

Работилници за идеи за социјални бизниси

АРНО во соработка со Јунус центарот за социјални бизниси на Економски факултет – Скопје при Универзитет „Св.Кирил и Методиј“, објавува повик за 20 студенти за  учество на 3 работилници за развој на идеи за социјални бизниси. Условот за учество е да се присуствува на сите 3 работилници (А, Б, В). Работилниците ќе се одвиваат онлајн на платформата ZOOM.
Работен јазик: македонски

Работилница А: 01-ви јуни, 17-19ч
Работилница Б: 02-ри јуни, 17-20ч
Работилница В: 03-ти јуни, 17-20ч

Формуларот за пријави е отворен, пишете ни ја искрено вашата мотивација. Пријавувањето е отворено до 27-ми мај, до 14 часот.Избраните учесници ќе бидат известени на 29-ти мај, најдоцна до 14 часот.

АРНО е национален инкубатор кој во рамки на проектот RISE (Regional Incubator for Social Enterprises) спроведува програма која им овозможува  на младите луѓе да развијат идеи за социјални бизниси.  Младите претприемачи имаат можност да учат, растат и развиваат свои бизнис идеи преку работилници, програми за мобилност и финансиска поддршка, во исто време помагајќи им на локалните заедници да ги решаваат проблемите.

Овие работилници се наменски и се спроведуваат со цел да ги подготват младите кои сакаат да аплицираат на следниот повик за учество во RISE програмата (август/септември 2021, дополнително ќе се потврди).

На првата работилницата Ирина и Ивона од АРНО ќе дадат вовед во темата, ексклузивно претставување на програмата, апликацијата, искуствата, и други backstage информации за проектот.
Втората работилница ја води проф. д-р Стојан Дебарлиев Економски Факултет – Скопје, раководител на Јунус центар за социјални бизниси и е фокусирана на пронаоѓање на решение за проблем, работа во тимови, разработка на идеи, бизнис моделирање.
Третата работилница е посветена на доработка на идеи преку креативен процес, design thinking методологија со мастер креативецот Никола Војнов.

Често поставувани прашања:
– Дали може да дојдам само на 2-та и 3-та работилница?
Не, работилниците се осмислени да ги покријат сите чекори од апликацијата и се логично поставени.

-Дали мора да сум студент на УКИМ, дали е важно од која година и од кој факултет?
Да, ова е партнерство на АРНО и Јунус центарот за социјални бизниси, и во име на нашата прва соработка сакаме да пружиме шанса на студентите, за другите млади кои се заинтересирани ќе отворивме дополнителна пријава за покажување интерес. И не, не е битно од кој факултет која година, важно е да си студент на УКИМ.

– Дали треба да имам некаква идеја?
Не, само желба да размислиш, да бидеш проактивен/а, да работиш во група,  и да присуствуваш на 3-те работилници.

RISE има за цел да го збогати екосистемот на социјално претприемништво на Западен Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развијат иновативни општествени решенија, со што ќе придонесат за помирување и соработка во регионот.

Проектот RISE е развиен и мониториран од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО), ГРУПА СОС Пулс, Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), Францускиот институт и Француско-германската канцеларија за млади (ОФАЈ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО, Balkan Green Foundation, Nesto vise, Smart Kolektiv, IEC Tehnopolis и Yunus Social Business. Проектот RISE е кофинансиран од Француската агенција заразвој (АФД) и Регионалната канцеларија за младинска соработка (РИКО).Повеќе информации за проектот: https://www.risewb.org/

Повик за натпревар ЗЕЛЕНИ ИДЕИ 2021

Здружението за социјални иновации „АРНО“ вчера, 06.04.2021, го отвори повикот за натпреварот ЗЕЛЕНИ ИДЕИ 2021, кој ќе биде отворен до 12 мај 2021 година.

 

Сите граѓаните кои сметаат дека имаат идеја за зелен, одржлив бизнис можат да аплицираат на натпреварот „Зелени идеи“, а повеќе информации за самиот натпревар, критериумите и аплицирањето може да најдете на www.zeleniidei.mk .

 

Сите заинтересирани за аплицирање на натпреварот „Зелени идеи 2021“ може да пријават за учество на работилници на кои ќе можат да добијат соодветна обука за пополнување на апликацијата и на КАНВАС БИЗНИС МОДЕЛОТ.

 

1. Првата работилница ќе се одржи онлајн на 13.04.2021 (вторник) (10-14ч).

Заинтересираните кандидати за првата работилница можат да се пријават преку пополнување на формуларот на овој линкнајдоцна до 12-ти април 2021, 10:00 часот.

 

2. Втората работилница ќе се одржи онлајн  на 14.04.2021 (среда(10-14ч).

Заинтересираните кандидати за втората работилница можат да се пријават преку пополнување на формуларот на овој линкнајдоцна до 13-ти април 2021, 10:00 часот.

 

3. Третата работилница ќе се одржи онлајн на 17.04.2021 (10-14ч).

Заинтересираните кандидати за првата работилница можат да се пријават преку пополнување на формуларот на овој линкнајдоцна до 16-ти април 2021, 10:00 часот. 

 

4. Четвртата работилница ќе се одржи онлајн на 04.05.2021 (вторник) (10-14ч). (дополнително ќе се соопштат деталите за четвртата работилница)

 

Повеќе информации за работилниците, може да најдете ОВДЕ

Промотивен настан -зелени идеи 2021

Здружението за социјални иноваци „АРНО“ кани на промотивен настан за натпреварот „ЗЕЛЕНИ ИДЕИ 2021“ кој го организира седми пат по ред. Натпреварот е објавен на веб страница zeleniidei.mk и е отворен до 12-ти мај
Промотивниот настан ќе се одржи на 06-ти април (вторник) 2021, во 12 часот (онлјан). Настанот е јавен и бесплатен, и не е потребна регистрација. Настанот ќе биде пренесуван во живо на фејсбук страницата на АРНО.
АГЕНДА:
– Добредојде, контекст, новини за натпреварот – Ирина Јаневска, АРНО
– Магијата на зелената економија- Кристиан Шопов, еко-магионичар и поранешен регионален победник
– Формулар за аплицирање и работилници: што, како, кога, каде – Ивона Крстевска, АРНО
– Совети за зелени бизниси од сертифицирани консултанти– Влатко Данилов, Management Consulting Association “MCA-2000”
– Поддршка за зелена економија- ФИТР, Македонија 2025
– Предизвиците и гордостите на WISE group, Софија Дацева минатогодишна регионална победничка
– Време за одговори на прашањата од оние кои го следат преносот во живо
– Повик за пријава за бесплатни садливи картички и совети како се расте цвеќе од хартија со семе.
Го очекуваме вашето присуство.
Слободно споделете ја оваа информација со потенцијални апликанти и поддржете го развојот на зеленото и социјално претприемништво.
Благодариме ❤