ПОВИК ЗА МЕНТОРИ ЗА СРЕДНОШКОЛСКИ ТИМОВИ

LEAD во рамки на програмата UPSHIFT има потреба од ангажирање на 5 ментори кои ќе помогнат во реализација на 5 иновативни социјални иницијативи поврзани со прилагодување кон климатските промени во секторот ВОДА.

USHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.

Првиот циклус ќе биде реализиран од март до јули 2022 и ќе биде посветен за развој на социјални иновации за прилагодување кон климатските промени во сектор ВОДА. Целосниот повик е достапен на следниот ЛИНК. Повикот на албански јазик е достапен на следниот ЛИНК.

Преку програмата UPSHIFT, ќе бидат селектирани 10 финалисти, од кои ќе бидат избрани 5 победнички решенија кои ќе добијат поддршка за реализација на решението од 120000 денари.

ИНФОРМАЦИИ ЗА МЕНТОРСКИОТ АНГАЖМАН

Ангажманот на менторите ќе биде во насока на помагање на средношколските тимови за:

1. Структурирање на решението поврзано со водата и негово претставување за време на UPSHIFT Bootcamp od 14 до 16 април во Струга;
2. Реализација на 5те социјални иницијативи во период од мај до јули. Секој ментор ќе работи со по една група на реализација на иницијативата на групата;

Работните задачи на менторите ќе опфаќаат:

1. Присуство на UPSHIFT Bootcamp од 14-16 април во Струга. Секој избран ментор ќе биде назначен на 2 средношколски тима (секој тим ќе биде составен од 5 члена) со кои ќе работи на подготвување на решението и негово претставување (pitching) пред жири комисијата;
2. Организацијата и реализирање на најмалку 6 менторски состаноци во периодот од мај до јули 2022 за имплементација на социјалните иновации. Секој ментор ќе биде назначен за еден победнички средношколски тим;
3. Редовно комуницирање со еден победнички тим и навремен фидбек за тимот во периодот од мај до јули 2022;
4. Редовно известување на програмскиот координатор на UPSHIFT за текот и функционирањето на средношколскиот тим;
5. Изработка на финален извештај за периодот на менторирање.

Се очекува менторот да има 6 работни денови во вториот период на менторирање од мај до јули.

ПРОФИЛ НА МЕНТОРОТ

1. Минимум 2 години искуство во работа со и менторирање на млади луѓе;
2. Минимум 3 години искуство во реализација на проекти поврзани со социјални промени и иновации;
3. Ке се смета за предност доколку апликантот има академска позадина или искуство во делот на климатски промени, животна средина и одржливост;
4. Ќе се смета за предност доколку апликантот има искуство во бизнис развој;
5. Силни вештини за фасилитирање на групи и процеси

АПЛИЦИРАЊЕ СЕЛЕКЦИЈА И НАДОМЕСТ

Аплицирањето за менторскиот ангажман се врши електронски со испраќање на кратка биографија и мотивациско писмо на следната e-mail адреса: [email protected], со назнака „UpShift Апликација за ментор“. Рокот за аплицирање е до 30.03.2022.

По завршување на рокот за аплиција ќе бидат селектирани вкупно 5 ментори. Програмскиот тим може да одлучи да спроведе интеревјуа со дел од кандидатите.

Предвидениот надомест за целокупниот ангажман е 47 664 денари во бруто износ.

ОД ШТО СЕ СОСТОИ ПРОГРАМАТА?

ФАЗА 1 – ДЕФИНИРАЊЕ НА ПРОБЛЕМ/ПРЕДИЗВИК, СО МОЖНО ПРЕДЛОГ РЕШЕНИЕ И АПЛИЦИРАЊЕ (МАРТ)

ФАЗА 2 – UPSHIFT BOOTCAMP (14-16 АПРИЛ, СТРУГА)

Преку Design Thinking методологијата 10 избрани финалисти ќе развијат решенија врз основа на проблемите/предизвиците на 3 дневен настан со помош на назначени ментори. На самиот настан се презентираат сите решенија и се избираат 5 победнички решенија кои се наградени со 120 000 денари за имплементација на решението.

ФАЗА 3 – ПРОМОЦИЈА И АКТИВНОСТИ ВО ЗАЕДНИЦАТА (МАЈ)

5те победнички тима посетуваат еднодневна обука за застапување, а дополнително се претставуваат и на еднодневен настан за дополнителна поддршка од заедницата и прибирање на средства.

ФАЗА 4 – ИМПЛЕМЕНТАЦИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ (МАЈ-ЈУЛИ 2022)

Со помош на назначен ментор 5те тима го реализираат замисленото решение и притоа креираат план за понатамошен развој на социјалната иницијатива.

Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.

ПОВИК ЗА СРЕДНОШКОЛЦИ ЗА РАЗВОЈ НА СОЦИЈАЛНИ ИНОВАЦИИ

Кои се предизвиците со кои се соочува твоето училиште и твојата локална средина Каква социјална иновација би предложил/а за прилагодување кон климатските промени во сектор вода? Собери тим од 5 соученици, опиши го проблемот/предизвикот поврзан со водата и аплицирај за награда од 120 000 денари

UpShift е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и зелената одржливост. Преку програмата учениците ќе имаат можност да стекнат:

– Вештини и компетенции за социјални иновации;
– Практична примена на вештините во реализација на социјална иницијатива;
– Посилна врска и одговорност кон локалната заедница

ВОДА – ТЕМАТСКИ ОПИС

Претставувајќи го вториот од четирите класични елементи на природата (воздух, вода, почва и оган), водата и нејзината чистота ќе бидат во фокусот на првиот циклус на програмата UPSHIFT. Дополнително, овој циклус ќе го одбележи 22 март, Светскиот ден на водата.

Според науката, водата е рангирана на второ место по кислородот како неопходна за живот. Поконкретно, чистата вода е важна за многу работи, вклучително и суштински ресурс за човекот, но и обезбедува услови за живот за милиони видови, а е и важен климатски регулатор. Чистата вода и санитарните услови се препознаени и како цел број 6 во рамки на целите за одржлив развој на Обединетите нации.

Сепак, сè уште се соочуваме со многу предизвици поврзани со чистотата на водата, пристапот до чиста вода и преголемо искористување на чистата вода.

Во рамките на овој циклус, од средношколските тимови ќе биде побарано да достават проблеми/предизвици поврзани за користење на потенцијалот на водата за подобрување на животната средина и квалитетот на животот, вклучувајќи:

1. Предизвици/проблеми и решенија насочени кон подобрување на квалитетот на водата;
2. Предизвици/проблеми и решенија насочени кон подобрување на пристапот до чиста вода;
3. Предизвици/проблеми и решенија насочени кон прочистување на водните тела и спречување на загадувањето;
4. Предизвици/проблеми и решенија насочени кон одговорно користење на водата и водните ресурси (реките, езерата);
5. Други предизвици и решенија поврзани со водата и водните ресурси во насока на климатски промени и заштитата на животната средина;

УСЛОВИ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ И СЕЛЕКЦИЈА

Повикот е отворен за сите средношколци на возраст од 14 до 19 години кои се дел од средните училишта во нашата земја. Секој тим мора да биде составен од 5 члена од кои најмногу 3 члена можат да бидат од ист пол. Тимовите силно се охрабруваат да вклучат ученици од маргинализираните групи (ученици од социјално загрозени семејства, ученици со попречености и сл.). Дополнително секој тим треба да назначи еден одговорен наставник.

Два и повеќе тима од исто училиште е возможно да аплицираат само доколку:

– Сите членови на тимот се различни;
– Проблемот/предизвикот кој е идентификуван е различен;
– Одговорниот наставник е различен.

Повеќе за програмата и начинот на аплицирање можете да прочитате на следниов ЛИНК.

ПОВИК ЗА СТУДЕНТИ: EDUCATION TO BUSINESS

Знаеш бизнис во теорија, ама ти фали пракса? Замисли дека те најмува компанија за да пронајдеш бизнис решение? Што ќе направиш доколку се соочиш со бизнис предизвик?

Ако си редовен студент/ка на дипломски или постдипломски студии на било кој универзитет во С. Македонија и те интересира работата на бизнисите или имаш идеи за бизнис, вклучи се во проектот „Education to Business”.

– Работи на реални предизвици во вистински компании
– Стекни знаење и искуства од реномирани ментори од Естонија и Македонија.

Преку проектот и концептот „Education to Business” сакаме да придонесеме за развој на претприемничкото образование и развојот на малите и средните компании во земјата.

Што добиваш доколку бидеш избран?

🡺 Можност да работиш во интердисциплинарен тим на 4 студенти кој ќе помогне при изработка на решение за работен предизвик со кој што се соочува компанијата (пр. стратегија за маркетинг, стратегија за комуникација, изработка на концепти за бизнисот и веб-страницата, дизајн на нов производ);

🡺 4 дневна обука за бизнис развој;

🡺 Помош од бизнис експерти/ментори кои се дел од естонската меѓународна консултантска компанија CIVITTA;

🡺 5 дневна студиска посета во Естонија за запознавање со бизнис и образовниот еко-систем на земјата со покриени трошоци за патување и сместување;

🡺 За успешно завршен проект менторите и/или претставниците од бизнис заедницата може да ви достават писмена препорака или да ве препорачаат за вработување во соодветна фирма.

Потенцијални придобивки од проектот се:

🡺 Можноста за евентуално вработување во една од фирмите;

🡺 Градење на тим за започнување на сопствен бизнис.

Што ќе биде твојата задача?

Вкупно 16 студенти ќе бидат поделени во 4 различни тимови.

Ти, како еден од 16-те студенти ќе бидеш дел од еден тим, при што секој тим ќе работи на посебен предизвик со кој се соочува компанијата која ја имаш избрано. Во период од 3 месеци и со поддршка на ментор тимот ќе треба да изработи финален продукт во вид на план или извештај според потребите на компанијата.

Тимовите на студенти кои ќе ја комплетираат својата задача ќе имаат можност да ја претстават директно пред менторите за време на студиската посета во Естонија.

Учеството во целиот проект е бесплатно за студентите.

Кои се компаниите и областите?

При аплицирање потребно е да избереш приоритетна опција и втора опција од една од понудените компании.

Компанија 1: БИО ОИЛ

Опис на компанијата:

Био Оил е компанија која произведува висококвалитетни масла и масти за јадење со иновативен механички процес по пат на екструдирање (ладна екстракција) на семето по гравитационо таложење и одвојување на маслото од маста.

Област на компанијата:

Производство на масла и масти.

Опис на проблемот:

Како новоформирана компанија (од крајот на 2021-та година), Био Оил има два премиум продукти кои се произведуваат со суровини од земјата. Едниот од продуктите е масло од афион. Афионот кој потекнува од Македонија се смета за најквалитетен во светот, па поради тоа овој производ има голем маркетингшки потенцијал. Вториот производ е ладно цеденото масло од сончоглед. Семињата во двата случаеви се култивираат во затворен процес согласно високи стандарди и сертификати.

Задачата на тимот студенти е да изготви план, стратегија и начин за пласирање на производите Био Оил на македонскиот пазар, а конкретно кон крајните потрошувачи (бизнис моделот е B2C – business to consumer или на македонски, од бизнис до краен потрошувач). Покрај планот, потребно е да се имплементира дел од маркетинг стратегијата.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Маркетинг и промоција на нови производи, продажба, анализа на навики и психологија на крајни потрошувачи, вештини за раскажување приказни (strorytelling), подготовка на сценарија за снимање видеа, едитирање и изработка на видеа.

Компанија 2: INTERSPACE

Опис на компанијата:

Interspace е компанија со искуство (датира од 1994-та година) која успешно работи на македонскиот пазар како провајдер на телекомуникациски, хостинг и медиа услуги од бизнис класа, кои се доставуваат исклучиво преку системи од највисок квалитет. Примарниот фокус е следење и контрола на строги процедури со цел обезбедување стабилни, сигурни и првокласни телекомуникациски услуги на компании и провајдери, насекаде во светот. Примарните клиенти се правни субјекти (бизниси и државни институции и компании) кои бараат високо-квалитетно и стабилно поврзување со оптичка мрежа.

Област на компанијата:

Интернет услуги (телекомуникации)

Опис на проблемот:

Компанијата има план да развие тренинг центар во сопствените простории од околу 500м2 во Аеродром. Освен за интерни обуки и надградба на вработените, тренинг центарот планираат да го даваат на располагање на компании кои имаат потреба од современ центар за обуки со најнова технологија, како што се компјутери, видео пренос (streaming), итн. За таа цел потребно е да се направи бизнис план за потребите на овој тренинг центар која ќе вклучува и визуелизација на просторот. Бизнис планот би вклучил анализа на пазарот и конкуренцијата, предложено пазарно позиционирање, дефинирање технологија и опрема која е потребна за центарот, препораки за брендирање и промоција, и рамка за приходи и расходи на бизнис центарот.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Изработка на бизнис план, проекција на приходи и расходи, истражување на пазар и конкуренција, архитект или внатрешен дизајнер кој може да го визуелизира просторот, графички дизајнер или искуство со подготовка на визуелни извештаи, презентации и/или маркетинг материјали, и слично.

Компанија 3: ГЕВИНО

Опис на компанијата:

Гевино е релативно млада компанија (основана 2017-та година) која се пробива на пазарот со пласирање на вино. Компанија се профилира како компанија за вино достапно за сите крајни потрошувачи во Македонија. Виното е достапно како во стаклена, така и во пластична амбалажа. Поддржана е со грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и веќе има продажба на своите производи во дел од Тинекс продавницте во Скопје и поголемиот број на мали продавнички низ главниот град. Целат да се прошират низ македонскиот пазар, особено кај крајните потрошувачи (бизнис моделот е B2C – Business to consumer или на македонски јазик, бизнис до потрошувачи).

Област на компанијата:

Полупроизводство и трговија со вино.

Опис на проблемот:

Иако македонскиот пазар на вино има голема конкуренција, навиките на потрошувачите покажуваат дека има простор за раст. Предизвикот на Гевино е како да понуди нов/и продукт/и насочени кон крајните потрошувачи за да ја зајакне продажбата на домашниот пазар. Новиот производ, односно продукт, треба да се истакнува од другите понуди на пазарот.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Концепт, дизајн и изработка на производ, графички дизајн за физички производи, склоност кон естетика и уметност, анализа на навиките и претпочитувањата на крајните потрошувачи, спроведување на дело на дел од маркетинг стратегијата.

Компанија 4: ФИКСИГО

Опис на компанијата:

Фиксиго е стартап компанија, основана во 2021-та година, поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и е во процес на изработка на самоодржлива платформа за помош на земјоделците. Платформата е енергетски самоодржлива, поради тоа што произведува енергија со помош на фотоволтаични (сончеви) панели и батерија. Карактеристиката на безжичност или мобилност означува дека може да се премести на различно место доколку на пример на друго место условите за мерење се попогодни. Платформата врши локално мерење на 9 почвени параметри во реално време, односно мониторинг и контрола на податоци што се собираат во една заедничка база на податоци каде се врши анализа на истите.

Област на компанијата:

Автоматика, Интернет на нештата (IoT – Internet of Things).

Опис на проблемот:

Во оваа фаза на бизнисот, целната група се средни и големи компании кои се бават со производство на грозје за вино. Иако компанијата веќе има соработка со еден од најголемите производители на вино во Македонија, предизвикот е да се пристапи кон повеќе компании од среден и голем обем. Поради потешката пристапност до целниот пазар од другите стандардни пристапи и стандардни канали, предизвикот е како најефективно да се пласира производот на пазарот преку креирање на успешна стратегија за комуникација и стратегија за маркетинг која ќе покаже резултати.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Познавање од агрономија (особено лозарство), комуникација, графички дизајн и маркетинг, истражување, бизнис план, и програмирање.

Како ќе се одвива процесот?

Март: Повик и избор повик на 16 студенти од универзитетите од С. Македонија кои ќе формираат 4 тима, по еден тим за секоја компанија врз основа на предизвиците.

Aприл: Студентите добиваат 4-дневна обука за бизнис развој каде што детално ќе работат на предизвиците од компании.

Април-јуни: Студентите развиваат финален план/продукт за предизвикот во назначената компанија. На студентите им се назначува ментор со кој го подобруваат развиениот план/продукт.

Септември: 5 дневна студиска посета во Естонија.

Како се аплицира?

Аплицирањето се врши електронски, со пополнување на електронската апликациска форма на СЛЕДНИОВ ЛИНК.

Рокот за аплицирање е отворен до 6 март 2022 година.

Критериуми за избор

Заинтересираните кандидати ќе бидат избрани според следните критериуми:

1. Поврзаност на студиите со компанијата/предизвикот за кој се аплицира – 10 поени;
2. Посетени обуки и стекнати вештини поврзани со компанијата/предизвикот за кој се аплицира – 10 поени;
3. Мотивација за учество во проектот – 10 поени;
4. Познавање на англискиот јазик – 5 поени.

Проектот „Education to Business” е реализиран од страна на Здружението LEAD од Македонија и консултантската компанија CIVITTA од Естонија. Проектот е финансиски поддржан во рамки на програмата Еразмус+.

Обврски на избраните студенти

Доколку апликантот (студентот) е избран се обврзува да:

1. Биде дел од интердисциплинарен тим од (4) студенти. Не повеќе од 2 члена од тимот ќе бидат од истата насока, односно факултет.
2. Ја испорача (заедно со својот тим) договорената задача/производ/извештај до крајот на јуни и да го презентираат пред компанијата. Компанијата и менторите мора да бидат во согласност дека договорената задача е завршена за да истата се смета за завршена.
3. Соработува со менторите од Цивитта и со компанијата во изработка на решението.
4. Биде достапен за образовно/едукативно едно-неделно патување во Естонија. Зависно од условите наметнати од пандемиските околности, датумот на патувањето може да се одложи или одредени членови на групата да не можат да патуваат поради неисполнување на барањата за влез во Естонија. **Секој избран учесник ќе има обврска да провери дали ги задоволува условите за влез во Република Естонија, пред да се планира патувањето. Подетални информации може да се видат ОВДЕ. **
5. Обезбеди пристап до компјутер со интернет врска за работа од далечина.
6. Има пристап до Office (Excel, Word, PowerPoint) алатки. Како алтернатива може да се користат бесплатни алатки како што Libre Office, OpenOffice, Google Docs/Excel/Sheets, Microsoft Office On the Web)

За квалитетна изработката на решенија за секоја од компаниите потребно е секој студент да посвети во просек од 8-10 часа неделно.

Обврски на компаниите

1. Избраните компании мора до крај на проектот да соработуваат со групата студенти.
2. Компаниите се должни да им обезбедат информации и услови за извршување на задачата
3. Бизнис предизвикот/задачата што ќе биде дефинирана од самите компании да може да се сработи во период од 3-4 месеци од интердисциплинарен тим на студенти.

Обврски на менторите

1. Да одвојат најмалку 12 менторски часа за секоја компанија/тим.
2. Да имаат во просек менторски средби еднаш неделно.

Често поставувани прашања?

1. Јас штотуку дипломирав, дали може да се пријавам?

За жал не, овој проект е наменет само за редовни студенти кои се запишани на еден од акредитираните универзитети во С. Македонија.

2. Јас сум вонреден студент, дали може да бидам дел од проектов?

Во оваа фаза, проектот е наменет само за редовни студенти на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија.

3. Јас сум на постдипломски студии, дали може да се пријавам?

Да, секако. Се додека си редовен студент на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија може да се пријавиш.

4. Јас не сум државјанин на С. Македонија, но студирам како редовен студент на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија. Дали може да се пријавам? 

Да, секако. Важно е да знаеш англиски јазик. За странските државјани познавањето на македонскиот јазик ќе се смета за предност.

5. Дали мора да сум студент на еден од факултетите лоцирани во (Име на град во Македонија)?

Не, може од било кој град од С. Македонија да се работи на проектот. Овој проект овозможува соработка користејќи ги онлајн алатките и технологијата. Секако дека студентите кои се во иста географска област и би можеле да имаат средби лице-в-лице би имале потесна соработка.

6. Дали е неопходно да знам англиски јазик?

Не е неопходно, но е мношне корисно, бидејќи може еден од менторите да биде од Естонија со кои ќе се комуницира исклучиво на англиски јазик. Важно е барем еден од членовите од тимот да говори англиски јазик.

7. Дали може да го бирам мојот тим?

Не. Тоа ќе биде задачата на менторот да ги спои тимовите за секоја од компаниите.

ПОВИК ЗА УЧЕСНИЦИ ЗА МЛАДИНСКА РАЗМЕНА: Circular Economy Outstanders (CEO)

Дали верувате дека младите имаат одговорност да се грижат и да ја подобрат животната средина? Дали сте заинтересирани за претприемништво насочено кон намалување на еколошките катастрофи? Сакате да дознаете повеќе за зелената економија?

Тогаш ве покануваме да земете учество во проектот Circular Economy Outstanders!

Ако сте на возраст од 18-25 години, со мало или без искуство на теми како претприемништво, зелена економија и животна средина, способни сте да комуницирате на англиски јазик и имате желба да учите во динамична и разновидна средина, ве покануваме да аплицирајте за учество во овој проект.

Circular Economy Outstanders (CEO) е проект кој има за цел да им понуди на младите претприемачки вештини и да ги охрабри да ги искористат можностите на циркуларната економија.

ЦЕЛИ НА ПРОЕКТОТ

1. Да им обезбеди на учесниците вештини и знаења од веќе воспоставени бизниси со иновативни бизнис модели со цел да ги мотивира да почнат да планираат сопствен иновативен бизнис;

2. Да се создадат акциони планови за зелени претприемнички цели, кои ќе ги охрабрат учесниците да преземаат иницијативи во рамки на нивната локална заедница;

3. Да се охрабрат младите луѓе да бидат поотворени и да почнат да размислуваат за начини како да ги вклучат другите луѓе од нивната локална заедница.

4. Да се мотивираат учесниците да бидат успешни претприемачи

АКТИВНОСТИ НА ПРОЕКТОТ

Секој млад човек избран да учествува во овој проект ќе има шанса да се вклучи и да учествува во следните активности:

1. Младинска размена: Circular Economy Outstanders- седумдневна Младинска размена, од 2-ри до 9-ти јуни, која ќе се одржи во Охрид, Северна Македонија. На размената ќе учествуваат 30 учесници од Северна Македонија, Чешка, Азербејџан, Хрватска, Италија и Естонија, на возраст од 18-25 години, кои ќе имаат можност да стекнат вештини и знаења на темите претприемништво, социјални иновации и циркуларност. Самиот проект ќе послужи како мотиватор за учесниците да бидат промената во својата заедница и да станат претприемачи со иновативни зелени бизнис идеи.

2. Имплементација на „Зелен акциски план“ За време на Младинската размена, учесниците преку индивидуална и групна работа, а со поддршка на фасилитаторот, ќе ги креираат своите лични „Зелени претприемачки цели“, како и „Зелен акциски план“. Со цел да се применат и подобрат знаењата и вештините стекнати за време на Младинската размена, но и да се придонесе за локалните заедници, по завршувањето на Младинската размена, секој учесник ќе има обврска да го спроведе својот „Зелен акциски план“ во сопствената земја. Во целиот процес на имплементација на акциските планови, учесниците ќе добијат поддршка од партнерските организации од соодветните земји.

КАКО СЕ АПЛИЦИРА

Секој млад човек кој ги исполнува критериумите за учество и е мотивиран да учи на темата може да аплициара со пополнување на апликациската форма која е достапен на СЛЕДНИОВ ЛИНК.

Краен рок за пријавување: 10.03.2022 година

Котизација за учество: За учество во проектот предвидена е котизација од 500 денари, која треба да биде платена од секој избран учесник, пред почетокот на активностите. Секој избран учесник ќе добие помош околу практичните аранжмани за учество во активностите.

Можности за вработување во LEAD

Вклучи се во тимот на LEAD! Динамична работа. Можност за напредок. Учество во проекти и програми со млади луѓе. Здружение Лидери за едукација, активизам и развој објавува повици за вработување во организацијата на две позиции:

КООРДИНАТОР ЗА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЛОГИСТИКА

Генерална улога на позицијата

1.1. Координаторот за АЛ е одговорен за управување со секојдневните административни работи поврзани со канцелариски аранжмани, договори со донатори и понудувачи на услуги како и организација на настани, притоа осигурувајќи дека сите административни функции се во согласност со прописите на донаторите и политиката на организацијата.

Оперативно работење

Настани и состаноци

2.1 Закажува и организира интерни организациски состаноци и редовно ги известува вработените во организацијата за истите;
2.2 Води записници и датабаза за сите интерни организациски состаноци и настани;
2.3 Ги координира и следи работилниците/обуките/настаните вклучително и: комуникација со хотели, комуникација и потврда со учесници, испраќање на покани, аранжмани за патување, набавки и материјали, изнајмување опрема и обезбедување поддршка за учесниците на настаните;
2.4 Координира и обезбедува логистичка поддршка за активностите на проектите, вклучително и аранжмани за патување, визи и теренски посети

Канцелариско работење

3.1 Го одржува инвентарот на канцелариски материјали, и канцелариска опрема (компјутери, печатачи, фотокопири, регистратори и др) и води пописна евиднеција за истите;
3.2 Врши набавка на канцелариски материјали и канцелариска опрема на редовно ниво.

Административно и финансиско работење

4.1 Подготвува договори и фактури за вработените, привремено ангажираните лица и за услугите на организацијата
4.2 Води и одржува централна датабаза на договори и фактури
4.3 Комуницира со официјалниот сметководител на организацијата и подготвува документи потребни за сите тековни сметки на организацијата;
4.4 Спроведува еднократни и тендерски набавки за потребите на организацијата
4.5 Дава админстративна поддршка на вработените во извршната канцеларија на LEAD.

Комуникација и координација

5.1. Се вклучува во планирање на активностите и проектите во координација со останатите вработени во Извршната канцеларија
5.2 Врши проценка и известува за барањата, плановите, напредокот и недостатоците на администрацијата за навремени корективни активности и усогласеност;
5.3. По налог на Извршниот и Програмскиот директор, врши други работи од областа на тековното работење на ЛЕАД;

Критериуми за избор

1. Најмалку 2 години искуство во администирање на проекти и организација на активности и настани;
2. Одлично познавање на пишан и говорен Англиски јазик;
3. Одлично познавање и искуство во работа со Microsoft Office пакетот;
4. Пожелно е претходно искуство во работа со граѓански организации и донатори.

Компетенции за позицијата

1. Способност за приоретизација на обемот на работа и работа со конкретни рокови;
2. Способност за преземање на иницијатива и работа под минимална супервизија;
3. Способност за планирање, реализација и следење на активности;
4. Флексибилност во работењето во канцелариски и домашни услови.

Што нудиме?

1. Динамична средина исполнета со активности и работа со млади луѓе;
2. Можност за дополнителна едукација и посета на обуки и тренинзи во земјата и странство;
3. Редовен фидбек за перформансите со конкретни насоки за подобрување и личен развој;
4. Канцелариски простор за работа со обезбеден компјутер и опрема;
5. Бруто плата од 34500 денари;
6. Можност за продолжување на ангажманот.

Почетокот на работната позиција е превиден за 01.03.2022.

Избраното лице ќе биде ангажирано на период од 11 месеци од кои 1 месец ќе биде платен пробен период.

Позицијата се базира на 40 часа неделно работно време.

Аплицирањето за позицијата се врши со испраќање на CV и Мотивациско писмо на следната електронска адреса – [email protected], со зназнака „Апликација за координатор за администрација и логистика“.

Рокот за испраќање на апликациите е 17 февруари.

КООРДИНАТОР ЗА КОМУНИКАЦИИ

Генерална улога на позицијата

1.1. Координаторот за комуникации е одговорен за креирањето содржини за јавните гласила на организацијата како и промоција на програмите, проектите и услугите на организацијата во јавноста.

Оперативно работење

Креирање на содржини

2.1. Подготвува содржини за регуларно одржување на веб-страната на организацијата;
2.2. Создава newsletter-и, е-маил соопштенија, и слични содржини;
2.3. Ги креира и координира сите објави на социјалните медиуми на организацијата;
2.4 Креира клучни пораки за сите тековни проекти во организацијата;
2.5 Учествува во процесот на креирање на визуелни содржини;
2.6 Подготвува извештаи за успешноста на комуникациските кампањи

Координација

3.1. Одржува редовни контакти со претставници на медиуми (ТВ, весници и портали);
3.2. Соработува со остантите вработени во Извршната канцеларија за ефективно промовирање на сите активности на организацијата;
3.3. Координира медиумски активности во кои се вклучени вработените во организацијата;
3.4. Идентификува предизвици во промоцијата на организацијата и дава насоки за нејзино подобрување;
3.5 Учествува во реализирање на комуникациската стратегија во соработка со Програмскиот директор

Критериуми за избор

1. Најмалку 2 годишно искуство на позицијата за комуникација;
2. Искуство во работа со социјални медиуми и рекламирање на социјални медиуми;
3. Одлично познавање на пишан и говорен Англиски јазик;
4. Одлично познавање и искуство во работа со Microsoft Office пакетот;
5. Одлични вештини за пишување и креирање содржини.

Пожелни критериуми

1. Искуство во работа и со граѓански организации;
2. Познавање на трендовите кај младите и образованието во земјата;
3. Соодветна универзитетска диплома или специфицична диплома за посета на програма за усовршување во областа (дигитален маркетинг, комуникации и сл.);
4. Познавање на веб-апликацијата CANVA;
5. Познавање на веб-апликацијата MailerLite (или слична програма за e-mail маркетинг).

Компетенции за позицијата

1. Способност за приоретизација на обемот на работа и работа со конкретни рокови;
2. Способност за преземање на иницијатива и работа под минимална супервизија;
3. Способност за планирање, реализација и следење на активности;
4. Флексибилност во работењето во канцелариски и домашни услови.

Што нудиме?

1. Динамична средина исполнета со активности и работа со млади луѓе;
2. Редовен фидбек за перформансите со конкретни насоки за подобрување и личен развој;
3. Канцелариски простор за работа со обезбеден компјутер и опрема;
4. Бруто надоместок од 21400 денари;
5. Можност за продолжување на ангажманот.

Почетокот на работната позиција е превиден за 01.03.2022.

Избраното лице ќе биде ангажирано на период од 11 месеци од кои 1 месец ќе биде платен пробен период.

Позицијата е за 15-20 часа неделно работно време.

Аплицирањето за позицијата се врши со испраќање на CV и Мотивациско писмо на следната електронска адреса – [email protected]

Рокот за испраќање на апликациите е 17 февруари.

Повик за средни училишта за учество во проектот „Learning Engagement And Democracy“

Како твоето училиште ги поттикнува учениците? Како би изгледало учениците да го водат училиштето за еден ден? Како да дојдеш до конкретни алатки и примери за ученичко учество?

Здружение ЛЕАД објавува повик за 7 средни училишта од Северна Македонија да земат учество во активностите предвидени во проектот „Learning Engagement And Democracy“, кој има за цел да го унапреди учеството на учениците во процесите на носење одлуки во средните училишта. Повикот е отворен за сите државни и приватни средни училишта, гимназии и стручни, кои сакаат да ги зајакнат демократските капацитети и кои сакаат да креираат нови или да ги зајакнат постоечките механизми за учество на учениците во процесите на носење одлуки.

Избраните училишта ќе се вклучат во следните активности предвидени во проектот:

  1. Спроведување на еднодневен настан „Кога учениците одлучуваат…“, во форма на симулација каде 10 ученици ќе го преземат раководењето на училиштето во еден ден;
  2. Учество на тридневен тренинг „Земи збор“ наменет за 3 ученици од секое од избраните училишта, каде учесниците ќе ги зајакнат своите капацитети за демократско учество и ќе подготват симулација на процес на носење на одлуки во училиштата.
  3. Учество на Национална конференција за ученичко учество, каде учесниците од тренингот „Земи збор“ ќе ја спроведат симулацијата на процес на носење одлуки, но и ќе креираат препораки за унапредување на ученичкото учество во средните училишта.

Сите активности ќе бидат спроведени во консултација и координација со училиштата вклучени во проектот, преку формирање на Консултативно тело, составено од по еден ученик и еден претставник на училиштето, од секое од седумте училишта. По спроведувањето на проектните активности, сите вклучени претставници од училиштата ќе добијат сертификат за учество во проектот.

Заинтересираните училишта можат да аплицираат за учество преку пополнување на апликациската форма достапна на следниов ЛИНК: , најдоцна до 20.02.2022.

Ве молиме, при процесот на аплицирање, како училиште, да назначите еден одговорен наставник и еден одговорен ученик, како одговорни лица за апликацијата и за учеството во проектот. Назначениот одговорен наставник за своите заложби ќе добие еднократен паричен надомест.

Селекцијата на седумте училишта кои ќе земат учество во проектот ќе биде спроведена од проектниот тим, врз основа на следниве критериуми:

  1. Степен на изразена мотивација за учество во проектот;
  2. Степен на подготвеност за имплементација на стекнатите знаења и искуства од проектот во самото училиште;
  3. Степен на разбирање на поимот младинско/ученичко учество и важноста од истото за средношколците;
  4. Степен на соработка помеѓу учениците и училишниот кадар и воспоставени практики за учество на учениците во процесите на носење одлуки.

Со секое избрано училиште Здружение ЛЕАД ќе потпише меморандум за соработка, во кој ќе бидат наведени сите детали поврзани со соработката и учеството на училиштето во проектот. Преку нивното учество во проектот, селектираните средни училишта ќе се здобијат со:

  1. Материјали за реализација на секоја од активностите;
  2. Подготвено сценарио за симулација на процес на носење одлуки кое ќе можат да го користат и по завршување на проектот;
  3. Зајакнати капацитети на учениците, но и на наставниот кадар, за демократско ученичко учество;
  4. Можност за вмрежување со други училишта од земјава;
  5. Сертификат за учество во проектот

Проектот „Learning Engagement And Democracy“ се спроведува со финансиска поддршка од Европската унија, преку програмата Еразмус+.

Изборологија- Прва он-лајн друштвена игра за политичка едукација

🎁Празниците се период на изненадувања, подароци и уживање.КАС и ЛЕАД подготвија “подарок” што овозможува да уживаш со пријателите, да запознаеш нови лица, но и да научиш нешто ново.

📢Го најавуваме официјалното пуштање во употреба на онлајн друштвената игра „Изборологија“ која ти овозможува да научиш повеќе за македонскиот политички систем. Под слоганот „Играј одговорно, гласај информирано” играта е реален приказ на парламентарни избори во нашата земја, во која раководиш со една политичка партија и низ 20 дневна кампања се обидуваш преку спроведување мерки, активности и склучување коалиции да освоиш најмногу мандати.

💻Креирај профил на – https://izborologija.mk/ и започни со играње. И како бонус, до 10ти јануари трае пријавувањето за турнирот, така што побрзај да креираш профил за да научиш како да победиш на парламентарните избори и да освоиш награда. Пријави се за учество на турнирот на следниов линк: https://lead.org.mk/calls/call-4

#ИграјОдговорноГласајИнформирано

Проценка на потребите на младите од Штип, Кочани и Делчево

Кои се потребните на младите од Штип, Кочани и Делчево? Какви можности и програми им се потребни за да ги унапредат своите знаења и вештини? Како да им се олесни процесот за вработување?

Здружение Здружение Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД), People In Need (PIN) и Сојуз за младинска работа спроведуваат анкета со младите од општините Штип, Кочани и Делчево. Ова анкета има за цел да ги оцени потребите на младите, како основа за понатамошно креирање на проекти со кои ќе се унапреди младинската интеграција во општеството. Анкетата е целосно анонимна и не налага внесување на вашите лични податоци.

Доколку сте млад чивек од Штип, Кочани или Делчево, споделете го со нас вашето мислење, со пополнување на оваа анкета. Пристапете до анкетата на СЛЕДНИОВ ЛИНК.

Јавна расправа: Од ветено, до реализирано!

Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците? Што се беше ветено за младите, а што од тоа се реализираше? Искористи ја можноста да дискутираш за ТВОИТЕ потреби со ТВОЈОТ градоначалник!

Ве покануваме да земете учество на настанот „Од ветено до реализирано! Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците?“ во организација на Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, кој ќе се одржи на 16.06.2021 со почеток во 11.00 часот, во просториите на Рагуза 360.

Вашето учество на настанот можете да го пријавите на СЛЕДНИОВ ЛИНК.

Настанот ќе биде во форма на јавна дискусијана која учество ќе земат градоначалници од три скопски оптшини, градоначалникот на Град Скопје и експерт за младинска политика. Фокусот на панел дискусијата ќе бидат десетте клучни ветувања за младите од програмите на кандидатите, креирани за локалните избори во 2017 година.

По спроведената дискусија, присутните на настанот ќе имаат можност да постават прашања и да остварат дијалог со панелистите, со цел да се дискутираат клучните приоритети за младите и колку истите биле во фокусот на работата на локалните самоуправи.

Агенда за настанот:
10.50 Регистрација на присутните;
11.10 Официјално отворање на настанот;
11.20 Јавна расправа: Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците?
12.30 Отворена дискусија помеѓу публиката и говорниците;
13.00 Коктел и вмрежување.

Настанот „Од ветено до реализирано! Колку локалните младински политики беа во фокусот на градоначалниците?“ е организиран во рамки на проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) со назив „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“, спроведуван од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) и Национален младински совет на Македонија (НМСМ).