Покана за настан „Приватноста на децата“

Фондација Метаморфозис со задоволство ги поканува младите, родителите, наставниците, претставниците на граѓанските организации и сите други кои сакаат да дознаат нешто повеќе и да дискутираат за приватноста на децата да бидат дел од настанот што ќе се одржи на 28.09.2023 година, во Europe House во Скопје, со почеток во 11 часот.

Учесниците на овој настан ќе имаат можност одблизу да се запознаат со значењето на правото на приватност за децата, правилата кои наставниците, родителите и воспитувачите треба да ги следат при обработка на лични податоци на децата, како и процесот на градење култура на заштита на приватноста на децата. Покрај тоа, учесниците ќе можат и да ги споделат своите ставови и искуства поврзани со правото на приватност на најмладите. Агендата за настанот можете да ја најдете на овој линк.

Овој настан се организира во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, поддржан од Европската Унија, а спроведуван од Фондација Метаморфозис и Здружение Конект. Учеството на настанот не се наплаќа, но бројот на учесници е ограничен и сите што сакаат да бидат дел од настанот треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк: Линк за пријава

За учесниците кои доаѓаат надвор од Скопје, патните трошоци за учество на настанот ќе бидат покриени од страна на Фондација Метаморфозис. За да може да се рефундираат средствата, ќе биде потребно да ги доставите оригиналните сметки и билети од патувањето.

*Известување за приватност: Ве известуваме дека во текот на настанот ќе бидат направени фотографии кои ќе служат за целите на проектно известување и промоција. Овие фотографии ќе бидат споделени со донаторот, а дел од нив ќе бидат објавени на веб-страниците и социјалните мрежи на имплементаторите на проектот.

Обука за заштита на лични податоци за претставници на младински организации

🗣 Фондација Метаморфозис ги поканува претставниците на граѓанските организации да бидат дел од четиридневна онлајн обука за заштита на лични податоци што ја организираме во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“. 
👩🏻‍🏫 Оваа обука ќе им помогне на организациите да го усогласат нивното работење со Законот за заштита на лични податоци, но и да ја подигнат свеста за заштита на личните податоци кај нивните целни групи и да се застапуваат за поголема заштита на личните податоци на граѓаните од страна на институциите и другите контролори на лични податоци.
👨🏻‍💻 Обуката ќе се спроведе на платформата Zoom и ќе биде организирана во 4 сесии кои ќе се одржат на: 31-ви октомври; 2-ри, 4-ти и 7-ми ноември, со почеток во 10 часот. 
📋 Агендата за сите 4 дена може да ја најдете на овој линк 👇🏻
🔗 https://tinyurl.com/agenda-obuka2
👩🏻‍💻 Учеството на обуката е бесплатно, а за сите учесници што успешно ќе ја поминат, следува сертификат. Бројот на учесници е ограничен и ги замолуваме сите што сакаат да бидат дел од обуката да го пополнат формуларот на овој линк 👇🏻
🔗https://shorturl.at/qIT57
Ги очекуваме вашите пријави. 🙌🏻

 

Покана за Разговор за приватност #6 – Заштита на личните податоци во процесот на барање работа

Фондација Метаморфозис со задоволство ги поканува сите поранешни, актуелни и идни апликанти за работно место, претставниците на работодавачите од приватниот, јавниот и невладиниот сектор, медиумите, како и сите други заинтересирани поединци кои сакаат да дознаат нешто повеќе за тоа како треба да се заштитат личните податоци на кандидатите за работа на шестиот „Разговор за приватност“ кој ќе се одржи во четврток, на 7ми април, во периодот од 15 до 16 и 30 часот на ZOOM платформата.

Говорник на оваа средба ќе биде Арбен Гудачи, експерт за заштита на лични податоци, а учесниците ќе имаат можност да добијат одговори на следните прашања:

  • Како работодавачите треба да постапуваат со податоците на кандидатите содржани во апликациите за работа?
  • Во кој рок и за која цел работодавачите можат да ги чуваат податоците од кандидатите чии апликации не биле прифатени?
  • Што можат да направат кандидатите доколку мислат дека нивните лични податоци се неовластено чувани, обработувани или споделувани?

Во рамки на средбата, ќе се обезбеди и простор за дискусија и размена на ставови и практични искуства со заштитата на лични податоци во процесот на поврзување помеѓу работодавачите и потенцијалните кандидати за работа.

Сите кои сакаат да се вклучат на средбата, треба го пополнат формуларот за пријавување достапен на овој линк најдоцна до 06.04.2022. Регистрираните учесници ќе добијат линк за вклучување на средбата на е-маил адресата наведена во формуларот.

Доколку се потребни дополнителни информации за средбата, ве молиме контактирајте нè на [email protected].

Потреби и навики при користење интернет и познавање на правата на приватност

Со пополнување на овој прашалник давате придонес кон истражување што го спроведуваат Фондација Метаморфозис и Здружение Конект, а се однесува на потребите на различни целни групи во процесот на заштита на нивните лични податоци при користење на електронски алатки, но и генерално, во секојдневното живеење. Прашалникот е анонимен, а збирните резултати од истражувањето ќе бидат искористени за планирање и организирање на идните активности во рамки на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – Градење инклузивен дигитален екосистем“, ко-финансиран од Европската унија, како и за потребите за следење и оценување на активностите и известување на донаторот. 

Забелешка: Податоците од овој прашалник ќе се третираат со доверливост и истите ќе послужат исклучиво за потребите на проектот. Сите информации за начинот на заштита на личните податоци како и начинот на остварување на Вашите права за заштита на приватноста можете да ги погледнете во нашата Политика за приватност објавена на https://metamorphosis.org.mk/politika-na-privatnost/ .

Прашалникот е достапен на овој ЛИНК.

Обука за заштита на личните податоци во процесите на дигитализација на јавните услуги

Почитувани,

Фондација Метаморфозис со задоволство ги поканува претставниците на граѓански организации и новинарите на обука на тема „Заштита на личните податоци во процесите на дигитализација на јавните услуги.“ Обуката ќе се спроведе во МладиХаб-Канцеларијата на Претседателот на РСМ на 3 и 4 март 2022 година (МладиХаб се наоѓа на ул. Димитрија Чуповски бр.7, во Скопје. Локацијата можете да ја видите тука)

Учесниците на обуката ќе имаат можност подобро да се запознаат со Законот за заштита на личните податоци и неговото значење во процесот на дигитализација на јавните услуги, односно во испораката на дигитални јавни услуги. Како резултат на обуката, се очекува претставниците на граѓанските организации и медиумите да ги зајакнат своите вештини за комуницирање на темите од областа на заштитата на личните податоци со своите целни групи, да ја промовираат важноста на заштитата на личните податоци и да се застапуваат за ефективна заштита на личните податоците на граѓаните од страна на институциите.

Агендата за настанот можете да ја најдете на овој линк, а пријавувањето се врши со пополнување на формуларот достапен на овој линк.

Сите учесници кои ќе ја следат обуката, ќе добијат сертификат. За учесниците кои доаѓаат од другите градови, патните трошоци за учество на обуката ќе бидат покриени во висина на повратен автобуски билет од местото на живеење до Скопје, а за да го направиме тоа ќе биде потребно да ни бидат доставени оригинални билети и сметки од патувањето.

Доколку имате било какви прашања во врска со обуката, ве молиме контактирајте нè на [email protected].

Разговор за приватност #4 – Заштита на личните податоци во ера на е-трговија 

Ве покануваме на четвртата средба во рамки на иницијативата „Разговори за приватност“ која ќе биде на тема „Заштита на личните податоци во ера на е-трговија“. На средбата ќе присуствува Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци и поранешен заменик директор на Агенцијата за заштита на лични податоци. Четвртиот „Разговор за приватност ќе се одржи на 21 февруари, со почеток во 15 часот во Јавна соба (Јавна соба се наоѓа на ул. 50-дивизија, бр.22 во Скопје. Локацијата можете да ја видите на овој линк.)

 

Учесниците на средбата ќе имаат можност да дознаат нешто повеќе околу ризиците при купување и плаќање преку интернет и начините на кои овие ризици можат да се надминат, а ќе биде обезбеден и простор за дискусија и размена на искуства на темата.

 

Агендата за настанот можете да ја најдете во прилог на оваа порака, а вашето учество можете да го пријавите со пополнување на формуларот достапен на овој линк.

 

За учесниците кои не се од Скопје, патните трошоци за учество на средбата ќе бидат рефундирани во висина на повратен автобуски билет од местото на живеење до Скопје. За да го направиме ова, ќе биде потребно да ни доставите оригинални сметки и билети од патувањето.

 

Доколку ви се потребни било какви информации околу средбата, ве молам контактирајте ме.

Барање за доставување на понуди за набавка на услуги за истражување, анализа на податоци и креирање на Извештај и Патоказ во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда

За потребите на проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА финансиран од Европската унија врз основа на договорот за Грант со референтен број IPA/2019-414-059Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис Скопје објавува Барање за доставување на понуди за набавка на услуги за истражување, анализа на податоци и креирање на Извештај и Патоказ во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда. 

Услови и критериуми за учество на повикот

За да учествуваат во постапката за доделување на договор, понудувачите мора да ги исполнуваат следните критериуми за утврдување на нивната способност.

Физичко лице/а:

  • Претходно искуство со истражување во Северна Македонија (најмалку 2 (две) истражувања во последните 5 (пет) години);
  • Високо ниво на познавање и примена на македонскиот и англискиот јазик (усно и пишано);
  • Познавањето на областа ќе се смета за предност;
  • Позитивен однос и способност за работење со почитување строги рокови;
  • Спремност за учество на состаноци и настани поврзани со проектот, онлајн, во земјата и во странство (доколку условите го дозволуваат тоа).

Понудувачот го докажува исполнувањето на минималните услови со доставување на :

  • CV/ резиме за кое задолжително ќе содржи детално и јасно објаснување на бараните квалификации наведени во барањето за понуди. Метаморфозис има право да побара докази за секоја квалификација наведена во CV-то.

Правно лице

Лична состојба на понудувачот

  • во последните 5 години, на понудувачот да не му била изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење пари;
  • на понудувачот да не му е изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
  • понудувачот да не е во постапка за стечај или во постапка за ликвидација;
  • понудувачот да нема неплатени даноци, придонеси или други јавни давачки;
  • на понудувачот да не му е изречена прекршочна санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност.

Понудувачот го потврдува исполнувањето на критериумите за утврдување на личната состојба со изјава која ја доставува во прилог на својата понуда (изјавата е дадена во прилог на оваа документација – Прилог 2).

Покрај изјавата, понудувачот заедно со понудата не мора да поднесе документи за докажување на личната состојба. Заради проверка, Комисијата може да побара од понудувачот чија понуда ја утврдила за најповолна да ги достави потребните документи за утврдување на неговата лична состојба за проверка на овие критериуми.

Способност за вршење на професионална дејност

Понудувачот треба да е регистриран како правно лице за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот за набавка или да припаѓа на соодветно професионално здружение согласно прописите на земјата каде што е регистриран (ДРД образец).

Техничка или професионална способност

Критериум за утврдување на техничката или професионалната способност на понудувачот е:

  • понудувачот да има успешно реализирани најмалку 2 (два) договора поврзани со предметот на набавка во последните 5 (пет) години
  • понудувачот да обезбеди истражувач/и со високо ниво на познавање и примена на македонскиот и англискиот јазик (усно и пишано);
  • познавањето на областа од страна на истражувачот/ите обезбедени од понудувачот ќе се смета како предност;
  • позитивен однос и способност за работење со почитување строги рокови;
  • спремност за учество на истражувачот/ите обезбедени од понудувачот на состаноци и настани поврзани со проектот, онлајн, во земјата и во странство (доколку условите го дозволуваат тоа).

Економскиот оператор го докажува исполнувањето на минималните услови со доставување на :

  • листа на референци за успешно реализирани договори поврзани со предметот на набавка во последните пет години, со вредности на договорите, датуми на склучување, купувачи (договорни органи)
  • CV/ резиме за секој експерт кое задолжително ќе содржи детално и јасно објаснување на бараните квалификации наведени во барањето за понуди. Метаморфозис има право да побара докази за секоја квалификација наведена во CV-то на предложените експерти.

Повеќе информации може да се најдат во Барање за понуди (последно ажурирање 30.12.2021)

Понудата треба да содржи следните елементи: 

За физички лица

    • Финансиската понуда треба да се изготви според образецот даден како Прилог 1 .
    • CV/ резиме за кое задолжително ќе содржи детално и јасно објаснување на бараните квалификации наведени во барањето за понуди. Метаморфозис има право да побара докази за секоја квалификација наведена во CV-то.

За правни лицa

  1. Финансиската понуда треба да се изготви според образецот даден како Прилог 1
  2. Документи за докажување на техничка и професионална способност:
    • Изјава за прифаќање на условите од тендерската документација според образецот даден како Прилог 2.
    • Изјава со која понудувачот потврдува дека ги исполнува критериумите за утврдување на личната состојба според образецот даден како Прилог 3.
    • Листа на референци за успешно реализирани договори поврзани со предметот на набавка во последните пет години, со вредности на договорите, датуми на склучување, купувачи (договорни органи)
    • CV/ резиме за секој експерт кое задолжително ќе содржи детално и јасно објаснување на бараните квалификации наведени во барањето за понуди. Метаморфозис има право да побара докази за секоја квалификација наведена во CV-то на предложените експерти.

Секој понудувач може да учествува само со една понуда.

Понудата, како и целата кореспонденција и документи поврзани со понудата кои се разменуваат со понудувачот, се пишуваат на македонски или англиски јазик пополнети рачно или на компјутер.

Оние понуди што нема да ги содржат потребните елементи или не се изработени според пропозициите на повикот, нема да бидат земени предвид за понатамошна евалуација.

Начин на доставување на понудите 

  • Понудите се доставуваат на македонски јазик.
  • Понудите треба да се достават електронски по е-мејл адреса [email protected] или по курирска служба или лично во запечатен плик со назнака „НЕ ОТВАРАЈ“ за Проект „ИЦЕДА“ – Конкурс за истражување.
  • Понудите треба да бидат оригинални и потпишани, а доколку се доставуваат по електронски пат, потпишаните оригинали треба да бидат скенирани


Краен рок за поднесување на понудите е 21.01.2022 година до 16:00 часот.

————————————————————————————————————————————————————————————————–

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Повик за вториот Хакатон за отворени податоци

Фондацијата Метаморфозис во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, а во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, организира втор Хакатон за отворени податоци. Хакатонот ќе се одржи од 30 ноември до 3 декември 2021 година. Наградниот фонд за најдоброто решение на Хакатонот изнесува 3,000 долари, наменети за комплетирање на демо верзијата во функционална апликација.

Ги покануваме сите заинтересирани студенти, стартап компании од областа на IT и сите IT ентузијасти да се пријават за учество на второто издание на онлајн Хакатонот за отворени податоци кој ќе се одржи од 30-ти ноември до 3-ти декември 2021 година, во склоп на 17-то издание на меѓународната конференција е- Општество.мк. Хакатонот се организира во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Што е „Хакатон за отворени податоци“?

Хакатонот за отворени податоци е 4-дневен предизвик на кој учесниците треба да создадат креативно решение кое ќе овозможи промовирање на концептот за отворени податоци. Основната цел на хакатонот е доближување на отворените податоци до сите граѓани и нивно прикажување на едноставен и иновативен начин.

Кој има право на учество?

Право на учество имаат тимови составени од студенти или стартап компании од областа на IT. Неопходно е членовите на секој тим да имаат знаења од програмирање, дизајн, економија, маркетинг и слично. Еден тим може да биде составен од најмалку тројца членови, а најмногу осум. Едно претпријатие (*стартап компанија) може да пријави само еден тим.

*Стартап компанија е претпријатие кое не е постаро од 6 години, кое има или сè уште работи на развивање на иновативен производ или услуга и се наоѓа во рана инвестициона фаза.

Награден фонд за победникот?

Победникот на Хакатонот ќе добие финансиска поддршка од 3.000 долари наменета за комплетирање на демо верзијата (предложена и изработена за време на Хакатонот) во функционална апликација.

Регистрација на учесниците

Пријавувањето на тимовите е отворено до 24 ноември, 2021 година, до 16:00 часот. Регистрацијата е на следниот линк, а формуларот го пополнува секој член на тимот поединечно.

 

Прашања и одговори?

Вашите прашања може да ги испратите на [email protected]; најдоцна до 20 ноември, 2021 година. Деталните информации поврзани со Хакатонот се достапни во документот: Информации – Хакатон за отворени податоци

 

Пријавете се!

Дијалози за Дигитална агенда: Сè што сакавте да знаете за 5Г технологијата

 

 Во рамки на проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA” кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), Фондација Метаморфозис организира Дијалози за Дигитална агенда: Сè што сакавте да знаете за 5Г технологијата на 15 јуни 2021 од 10:00 – 11:30, преку ZOOM.

Дијалозите ќе бидат изведени во форма на панел-дискусија посветена на разбивање на митовите поврзани со 5Г технологијата со цел да се унапреди знаењето и подигне свеста кај граѓаните за придобивките од користењето на истата, како и да се намали технофобијата во Северна Македонија.

Како говорници на настанот се очекува да бидат Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис, Д-р Борис Арсов, Раководител на Сектор за телекомуникации во Агенција за електронски комуникации, претставник од Македонски Телеком (TBC) и Д-р Томислав Шуминоски, Доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Сите заинтересирани да ја проследат дискустијата и да дознаат повеќе за 5Г технологијата се повикани да ја пополнат регистрациската форма каде што меѓу другото ќе можат и да ги постават своите прашања кои ќе бидат поставени на говорниците од дискусијата. Сите регистрирани учесници ќе добијат линк за влез во дискусијата.

Напомена: Настанот ќе биде на македонски јазик. Настанот ќе биде емитуван во живо преку Facebook Live алатката на Facebook профилот на ИЦЕДА мрежата. Сите заинтересирани да ја проследат дискустијата и да дознаат повеќе за темата се поканети да ја пополнат регистрациската форма: https://forms.gle/AfwrGcUK34jGZ2LcA каде што меѓу другото ќе можат и да ги постават своите прашања кои ќе бидат поставени на говорниците од дискусијата. Сите регистрирани учесници ќе добијат линк за влез во дискусијата.

Забелешка: Податоците од апликациската форма ќе се третираат со доверливост и истите ќе послужат исклучиво за потребите на проектот во рамките кој се одржува настанот. Сите информации за начинот на заштита на личните податоци како и начинот на остварување на Вашите права за заштита на приватноста можете да ги погледнете во Политика за приватност објавена на https://metamorphosis.org.mk/politika-na-privatnost/