Здружението за социјални иновации “АРНО” како локален инкубатор во проектот “Регионален Инкубатор за Социјални Претприемачи” (RISE), oбјавува повик за млади (16-35 год.) со иновативни идеи за социјални и зелени бизниси кои решаваат општествени и еколошки проблеми.
Дали сте млади помеѓу 16 и 35 години? Дали имате тим со идеја за социјален и еколошки одговорен бизнис? Дали сакате да направите позитивна промена во вашата локална заедница? Ако одговорот е да, RISE е токму за вас!
RISE е програма за поддршка и охрабрување на младите од Западен Балкан која нуди алатки и средства за трансформација на иновативните идеи во одржливи социјални претпријатија. RISE ќе ви овозможи да:
- учите од врвни организации, ментори и експерти на актуелни и важни теми и методологии (брендинг, storytelling, зелено буџетирање, интеркултурни вештини за претприемачи, design thinking, односи со јавност, pitching и многу други)
- добиете грант од 2.500 евра за развој на идејата, без обврска да регистрирате правен субјект (фирма/здружение, иако идеално би било да се охрабрите на овој чекор)
- искусите возбудлива регионална мобилност и посетите други социјални претпријатија, институции и бизниси од Западниот Балкан и да се мотивирате и инспирирате од нивните приказни
- стекнете модерни и практични вештини и квалитетни можности за личен и професионален развој
- станете дел од најголемата алумни мрежа на млади социјални претприемачи на Западниот Балкан и да се вмрежите и размените искуства и контакти со ваши врсници
- ги запознаете сите клучни актери во социјалната економија на Западниот Балкан и научите повеќе за одговорни и етички бизнис модели за решавање на предизвиците на 21-ви век
За да аплицирате, треба да ја пополните апликациската форма на англиски јазик, најдоцна до 20-ти септември, 2024, 23.59 часот, која може да ја најдете ОВДЕ. Пред да аплицирате, ве молиме внимателно прочитајте ги следните документи:
- Целосниот повик за апликации, кој содржи детални информации за критериумите и процесот на апликација, кој може да го најдете ТУКА.
- Документот со често поставувани прашања. Доколку имате дополнителни прашања, слободно обратете ни се на: [email protected]
RISE програмата верува во талентот и иновативноста на младите од Западен Балкан и ги поддржува да го остварат својот потенцијал и да ги водат промените во нивните заедници. RISE не е само уште една програма за социјални претприемачи, него, вредно искуство кое им го промени животот на многу млади од регионот. Во првите три изданија, RISE поддржа повеќе од 500 млади социјални претприемачи и 175 идеи, од кои голем дел прераснаа во успешни социјални бизниси и освоија и други регионални награди, грантови и го привлекоа вниманието на донаторите и медиумите. Нашите RISErs менуваат животи и заедници, негуваат вредности на солидарност и помагаат на граѓаните на кои најмногу им е потребно. Горди сме да го посведочиме и помогнеме нивниот раст и влијание и остануваме посветени на мисијата да создадеме нови социјални претприемачи и ја зајакнеме нашата RISE заедница.
*Работен јазик на програма е македонски, со често користење на интернационална терминологија и литература на англиски јазик, додека регионалните активности и комуникација се одвиваат целосно на англиски јазик.
Следете нè на социјалните медиуми за најнови информации (Facebook, Instagram).
Проектот RISE е ко-финансиран од Француската агенција за развој (АFD), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Еразмус + програмата на Европската Унија. Проектот RISE е предводен од конзорциум составен од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), ГРУПА СОС Пулс (SOS Pulse Group), Мрежа за млади на Југоисточна Европа (SEEYN), и Француско-германската канцеларија за млади (ОFAJ), а имплементиран од шест локални инкубатори – АРНО (С. Македонија), Балканска Зелена Фондација (Косово)*, Нешто више (Босна и Херцеговина), Смарт Колектив (Србија), ИЕЦ Технополис (Црна Гора) и Социјален Бизнис ЈУНУС (Албанија).