SexEd 3.0: Не си сама | You are not alone

Колку поретко се зборува, толку почесто се случува. И обратно!
Токму затоа, третото издание на SexEd му го посветуваме на насилството – семејното, сексуалното, врсничкото, родово базираното. Сеприсутно (и) кај нас, а сепак невидливо за надлежните.
Така, ни се случи „Јавна соба“* – една јавна и којзнае уште колку тајни! Така се нижат неброени случаи на насилство, кон кои медиумското око најчесто се свртува само кога се фатални. Исход кој станува уште поверојатен сега, за време на пандемијата, кога за многу жени и деца домот се претвори во место на уште поголем страв и трепет.
А волјата да се превенира наместо да се санира постои само на хартија: ја ратификувавме дури и Истанбулската конвенција, но и натаму немаме доволно засолништа и советувалишта, а институциите си ја префрлаат топката и постапуваат „итно“ обично кога е веќе предоцна.
За поретко да се случува, мора почесто да се зборува!
Овојпат, пет говорници од Македонија, Белгија и Шведска ќе зборуваат за секстингот, за (не)прифатливото сексуално однесување и за соодветните реакции, за важноста на образованието и за насилните искуства на младите, за смелоста да се реагира – дури и на музички фестивали, ама и за (работата со) сторителите на насилство.
Годинава, SexEd за првпат ќе се случи онлајн, преку платформата Zoom. Линкот до преносот ќе ви го испратиме откако ќе се пријавите на овој линк.
Ќе има превод на англиски и знаковен јазик.
Бујрум!
#НеСиСама
#КажиНЕ на насилството врз жени и девојчиња
*„Јавна соба“ беше порнографска група на социјалната мрежа „Телеграм“ која броеше над 7000 корисници и во која се споделуваа експлицитни видеа и фотографии од девојки во Македонија. Во јануари групата беше затворена, но досега никој е казнет.

Сподели на

Share on facebook
Share on twitter
Share on email
Share on whatsapp