Младински едукативни пакети

Здружението за едукативен развој – Еквалис во партнерство со Младински образовен форум (МОФ), Хера и Психотерапика отвараат Повик за учесници-средношколци за следење дигитални мастер класови и за водење младински медиумски кампањи.

Што се младинските пакети?

Младинските пакети се комбинација на три различни тематски мастер класови коишто средношколците ќе ги следат како дел од овој проект. Младинскиот пакет е спој на 3 мастер класови коишто ги отвораат темите поврзани со младинскиот активизам и активното граѓанство, критичкото размислување и реториката, романтичните врски и менталното здравје и сеопфатното сексуално обраозование. Младинските пакети ги отвораат темите коишто најчесто се маргинализирани или истиснати во формалното образование, а коишто се актуелни и суштествено важни за младите.

Изберете го вашиот младински пакет и учествувајте на тематските мастер класови

Средношколците може да изберат еден од четирите младински пакети во согласност со своите теми од интерес. Комбинациите на теми од младинските пакети се прикажани на фотографијата подолу.

Во апликацискиот формулар изберете кој е вашиот прв и втор избор на младински пакет. Вториот избор значи дека доколку бројот за првоизбраниот пакет е исполнет, би се согласите да учествувате во второизбраниот младински пакет.

Кои се темите на мастер класовите?

1.Мастер клас за Младински активизам и активно граѓанство
Подготвено од: Здружение за едукативен развој Еквалис

Единствениот начин да го промените светот е преку активизмот. Што сè подразбира активизмот и низ какви форми се манифестира, ќе дознаете низ овие три видео часови. Притоа, содржината што ќе ја научите од овој мастер клас, ќе ви помогне да станете активни чинители во македонското општество. Ќе научите нови алатки за онлајн и офлајн активизам, а пред сè ќе се инспирирате од примерите на бројни активисти коишто секојдневно го менуваат светот.

  1. Мастер клас за Критичко размислување
    Подготвено од: МОФ

Критичко размислување – сигурно постојано го слушате терминот, но можеби не сте сигурни што значи. Не грижете се, бидејќи мастер класовите на Младински образовен форум се тука за да ги разјаснат овие поими. Преку нашите три видеа ќе научите што е тоа критичко размислување и како да се практикува истото. Со нашето првото видео ќе научите како да анализирате тема и како да изградите совршени аргументи кои ќе ви помогнат во секоја дискусија. Второто видео ќе ве однесе во светот на медиумите, каде што ние ќе ви помогнеме да разликувате објективни вести од дезинформации и критички да ги примате истите. А, за крај, ќе ве одведеме на една  прошетка низ времето  каде што вие ќе слушнете некои од највлијателните говори, за вие потоа да станете следниот голем оратор.

3.Мастер клас за Сеопфатно сексуално образование
Подготвено од: ХЕРА

Како да се заштитам при сексуален однос? Што се подразбира под сексуално задоволство и сексуално уживање? Какви видови насилство постојат и како да ги препознаам? Одговорите на овие и многу други „скокотливи” прашања можете да ги добиете доколку се пријавите на нашиот мастер клас.

  1. Мастер клас за романтички релации, „Се поврзувам, не се заврзувам“
    Подготвено од: Психотерапика

[Едицијата на видеата од мастер класот „Се поврзувам, не се заврзувам!“ ќе ви понуди малку поинакво искуство во разбирање и разгледување на партнерските (романтичните) релации. Оваа авантура ќе ја започнеме со значајната тема на Романтично поврзување кај младите во која ќе се запознаете со специфичностите на фазите на привлечност, изборот на партнер, интимноста и поврзувањето и со разделбата. Второто видео ќе ве однесе во светот на една многу интересна и апликативна теорија на љубовта на Стернберг, со која ќе можете да откриете која љубов најмногу ве привлекува и која љубов најмногу ја практикувате во секојдневните релации со пријателите и партнерите. На крајот од авантурата ќе се сретнете со темата на Токсични релации – кога и како една релација станува токсична, како да ја препознаете и што е она што можете да промените со цел да ја трансформирате таа токсичност.

Мастер класови за средношколци

За да ги проследите мастер класовите треба да изберете кој младински пакет најмногу одговара на вашите интереси и желба да научите нешто повеќе за понудените теми. Следењето на мастер класовите ќе се одвива онлајн поради целосна заштита на вклучените средношколци во проектот. Сите учесници ќе следа 3 мастер класови, односно, 3 работилници од по 2 часа.

Мастер класовите ќе се одржат за викенди (сабота или недела) во периодот помеѓу 20 февруари и 28 март. По пријавувањето ќе биде доставен точен распоред до сите пријавени учесници.

На крајот од секоја работилница средношколците ќе имаат можност да ги провераат своите знаења преку тест, квиз, дискусија или практична вежба и со тоа да се стекнат со сертификат за учество на овој проект.

Работилниците ќе бидат одржани според методите на неформалното образование со видеа, дискусии и интерактивни вежби.

Ангажираност преку младински кампањи

Сите средношколци коишто успешно ќе комплетираат младински пакет, по свој избор, ќе можат да се вклучат во спроведување на онлајн младински кампањи со ментори од релевантните организации. Младинските кампањи ќе ги вклучат средношколците во сите фази – од идеја до реализација на кампањите, во периодот на април и мај.

Во апликацискиот формулар може да обележите дали сте заинтересирани да учествувате во спроведување на ваква кампања и на која тема.

Критериуми за учество

На овој повик може да аплицираат средношколци од прва до четврта година од сите средни училишта во државата.

Заинтересираните средношколци треба да го пополнат апликацискиот формулар достапен на следниот линк најдоцна до 10 февруари, 16:00 часот.

За повеќе информации слободно контактирајте нè на [email protected] .

Чекори за аплицирање:

  1. Изберете Младински пакет.
  2. Пополнете ја пријавата за учество.
  3. Во пријавата изберете прв и втор младински пакет. (Во случај сите места да се зафатени за првиот младински пакет, ќе бидете префрлени во вториот.)
  4. Редовно проверувајте ја вашата е-пошта. Информации за вашето учество, ќе добиете по 9ти февруари.
  5. Во и-меилот ќе ги добиете сите важни упатства. Читајте ги внимателно и контактирајте нè за какви било прашања.

Проектот „Младински пакети и ангажираност преку младински кампањи“ е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија. 

Сподели на