Работилница за родители – запознај го дигиталниот свет на твоето дете

На 08.07.2023 во 18:00 часот во културниот центар Бруталиск, ве покануваме на работилница за родители „Запознај го дигиталниот свет на твоето дете“ – промоција на Водичот за медиумска писменост „Дигиталниот свет на генерација алфа“.
Да се биде родител/старател во ново време на технолошка и дигитална експанзија е огромен предизвик. Новите технологии се составен дел од секојдневниот живот на Вашето дете и неговата генерација. Без оглед на тоа дали детето е дома, на училиште или на игралиште со другарчињата, тоа е постојано достапно преку мобилниот уред и во постојана поврзаност со целиот свет.
– Дали е правилно да му забраните да користи интернет, компјутер или мобилен уред?!
– Како правилно да се соочиме со предизвиците на дигитализацијата?
– Како да ја обезбедам безбедноста на моето дете на интернет и да го заштитам од потенцијални сајбер-злоупотреби и онлајн предатори?
– Како ефикасно да го следам и контролирам времето што го поминува моето дете пред екран и користењето на дигитални уреди?
– Кои се потенцијалните последици од прекумерното време пред екран врз физичкото и менталното здравје на моето дете
Ова се дилемите со кои се соочуваат родителите во новото дигитално време. Истите и други голем број на вакви дилеми и прашања, ќе одговори една од авторките на овој водич, професор и доктор на филолошки науки Тамара Ќупева.
Водичот е резултат на спроведено истражување на мислењата на учениците преку анкета и спроведени фокус групи на родители во различни плански региони во Северна Македонија.
Водичот и настанот се реализираат во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД “Младите размислуваат”, спроведен од ИРЕКС во партнерска соработка со Младински образовен форум.

Сподели на