Саем на тема „Начини до добро ментално здравје“

Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и Министерството за труд и социјална политка организираат саем на тема „Начини до добро ментално здравје“, кој ќе се одржи на 25 јануари 2024 (четврток), во Студентскиот културен центар – Скопје, со почеток во 11 часот.

Настанот ќе биде исполнет со различни активности:

  • ИНТЕРАКТИВНА РАБОТИЛНИЦА за истакнување на потребата од грижата за менталното здравје, позитивниот пристап кон целокупното здравје и важноста на менталната хигиена. Работилницата ќе биде водена од психолох/психотерапевт и ќе обезбеди безбеден простор за младите за воочување на предизвиците со кои тие може да се сретнат, а во корелација со нивното ментално здравје.
  • ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ НА МЛАДИ 2024 – 2026, на која ќе бидат претставени целите и активностите на Стратегијата, нивното значење за младите, како и важноста од вклучувањето на младите во носењето на одлуки и креирањето на политики кои ги засегаат. Свое поздравно обраќање ќе оствари и министерката за труд и социјална политика, г-ѓа Јованка Тренчевска.
  • САЕМ ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ, на кој ќе бидат промовирани различните начини, методи и услуги достапни околу нас, кои придонесуваат кон холистички (сеопфатен) пристап кон афирмација на менталното здравје кај младите. На саемот ќе има повеќе катчиња, кои на присутните ќе им понудат кратка вежба со која ќе ја претстават услугата, како и дополнителни информации каде младите може да се обратат за повеќе информации по однос на истата.
    – Катче за креативна и арт терапија
    – Катче за јога и медитација
    – Катче за техники на дишење
    – Катче за себељубов
    – Катче за врсничка поддршка и активизам
    – Катче за здрава исхрана

Вашето учество можете да го пријавите со пополнување на формуларот достапен ТУКА.

Сподели на