Што претставува Гаранцијата за млади?

Мерката Гаранција за млади им овозможува на младите лица до 29-годишна возраст, кои не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука (NEET), да добијат соодветна понуда за работа, да го продолжат своето образование или да бидат вклучени во некоја од активните програми и мерки за вработување, во период од 4 месеци по евидентирањето како невработени лица во Агенција за вработување.

Во рамките на Гаранцијата за млади има и теренски работници коишто на терен информираат за Гаранцијата за млади и им даваат поддршка на младите лица да се активираат на пазарот на труд.

Теренските работници работат на терен во општините во:

– Скопски регион

– Североисточен регион

– Источен регион

– Југоисточен регион

Доколку и вие припаѓате на еден од овие одделни региони, пријавете се на следниот формулар: https://forms.gle/273LFDTeX9MXBaM77 по што ќе бидете контактирани од теренските работници коишто ќе ве информираат подетално за Гаранцијата за млади и за тоа како да се вклучите во истата.

Во период од 4 месеци ќе можете повторно да се вклучите во образовен процес во форма на обуки или пак да бидете вклучени во некоја од активните мерки или услуги за вработување.

Кои се услугите кои спаѓаат под Гаранцијата за млади?

– Професионална ориентација и кариерно советување

– Индивидуално и групно советување

– Мотивациони обуки

– Посредување при вработување

Кои се мерките кои спаѓаат под Гаранцијата за млади?

1. Поддршка за самовработување (претприемништво) – Програмата за самовработување е поддршка наменета за невработени лица за да започнат сопствен бизнис. Висината на финансиската поддршка се движи од 307.500 денари или до 615.000 денари (доколку се основа правен субјект од два содружника). 

Доколку ваквиот правен субјект одлучи да вработи дополнително лица во оваа програма, истиот е должен да го вработи со полно работно време и да го задржи во работен однос најмалку 12 месеци доколку се работи за лице до 29 години.

 2. Обуки – Обуките имаат за цел да ги подобрат вештините и кфалификациите на невработените лица за нивна поуспешена интеграција на пазарот на труд. Во рамките на новиот Оперативен план се предвидени неколку обуки:

 2.1 Обука на работно место за познат работодавач – целта на мерката е стекнување на вештини на невработените лица за извршување на работните задачи во согласност со потребите на работодавачот.

Лицата што ќе ја посетуваат обуката ќе добијат паричен надоместок во висина од 9000 денари со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за времетрањето на обуката до 3 месеци.

2.2 Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите – целта на мерката е да се обезбеди обука за стручни квалификации спроведени од верификувани обучувачи според барањата на работодавачите. 

Лицата што ќе ја посетуваат обуката преку мерката ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари, со вклучено осигурување во случај на несреќа на работно место и данок на личен доход за времетрање на обуката од 2 до 4 месеци. 

             2.3 Стручни обуки според барање на работодавачите – целта на мерката е да обезбеди обука за стручни квалификации според барањата  на работодавачите. 

Лицата што ќе ја посетуваат обуката преку мерката ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари, со вклучено осигурување во случај на несреќа на работно место и данок на личен доход за времетраење на обуката од 2 до 4 месеци. Работодавачот – спроведувач на обуката може преку кофинансирање за го зголеми износот од месечниот надоместок за времетраење на обуката, што соодветно ќе се рефлектира во договорот.

            2.4 On-line oбуки за вештини според барање на работодавачите – целта на мерката е да обезбеди on-line обука за вештини според барањата на работодавачите.

Лицата што ќе ја посетуваат обуката ќе добијат пристап до онлајн обуки, согласно трендовите и побарувањата на пазарот на труд.

           2.5 Развој на вештини преку обуки за зголемување на вработливоста на повратниците од странство – целта на мерката е да обезбеди можности за учење на работно место, практикантство во локални компании, валидација на други вештини стекнати преку неформални обуки за да ја зголеми вработливоста на невработените лица. 

Лицата што ќе ја посетуваат обуката ќе добијат пристап до обуки согласно трендовите и побарувањата на пазарот на труд. 

 2.6 Обука за побарувани занимања –  целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите  од побарувани занимања, социјални услуги и квалификации што водат до “зелени работни места” , e-трговија.

Лицата што ќе ја посетуваат обуката ќе добијат месечен надоместок во висина од 9000 денари со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за времетраење на обуката.

 2.7 Обука за возачи за Ц и Д – категорија – Целта на мерката е зголемување на вработливоста на евидентираните невработени лица преку стекнување на вештини, согласно побарувањата во сообраќајната струка и искажаните потреби за работна сила во оваа стопанска гранка и нивно вработување.

            2.8 Oбуки за напредни ИТ вештини (со кофинансирање) – мерката има за цел да се надградат вештините на невработените лица со минимум средно образование во областа на информациските технологии заради зголемување на нивната конкуретност и побрза интеракција на пазарот на труд.

Обуките за напреди вештини од областа на информациските технологии ќе се спроведуваат за следниве модуларни програмски пакети:  

                         2.8.1 Дигитален маркетинг (53 лица)

                         2.8.2 Графички дизајнер (53 лица) 

                         2.8.3 Microsoft Data Analyst (53 лица)

                         2.8.4 Java Developer (53 лица)

                         2.8.5 Cloud Administrator (53 лица)

                         2.8.6 Automation tester (53 лица)

3. Практиканство – мерката има за цел да им овозможи на младите стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места.

Лицата што ќе се вклучат во практинатвото ќе добијат месечен надоместок во висина од 9.000 денари месечно со вклучено осигурување од инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход за период од 3 месеци.

4. Исплата на младински додаток – целта на мерката е поттикнување на вработување на 3500 млади лица до 23 години за вработување во дејностите на производство по завршување на средното образование, со што ќе допринесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.

Младински додaток може да користи млади лице до 23 години кое ги исполнува следниве критериуми:

– Е опфатено со задолжително социјално осигурување по основ на вработување кај работодавач или самовработување со претежно производна дејност; 

– Е вработено во приватна агенција за вработување и е отстапено на работа кај работодавец со претежно производна дејност или  

– Е опфатено во задолжително социјално осигурување како индивидуален земјоделец.

Висината на финансиската поддршка за оваа мерка е 3.000 денари месечно по вработено лице.  

Сите евидентирани невработени лица имаат пристап до програмите односно мерките и услугите за вработување. Правото се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја пооделна програма односно мерка и услуга за вработување, а како општо правило ќе се настојува да се постигне еднаква застапеност на мажи и жени, како и учество на младите лица до 29% години од најмалку 30%. 


Сите огласи за активни мерки се достапни на овој линк.

Повеќе информации за горенаведените можности за млади можете да прочитате во Оперативниот план на Агенција за вработување за 2022 година или пак на нивната веб страница.

Сподели на