Повик за учесници на Школата за политики за 2021 година

Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на четири едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.

Учесниците на Школата за политики ќе имаат можност да:
‒ ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, притоа разбирајќи го процесот на креирање политики;
‒ следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти;
‒ работат индивидуално и во групи со истакнати поединци – нивни врсници од општествениот и политичкиот живот во државата;
‒ ги зајакнат своите комуникациски, лидерски и меки вештини;
‒ имаат пристап до актуелна литература на темите и да следат општествени дебати на истите;
‒ остварат значајни контакти и да се вмрежат со експерти од областите кои ги опфаќа Школата.
Школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2021 година, за време на викендите. Присуството на сите четири едукативни семинари е задолжително. Учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.

Услови за учество:
‒ возраст од 25 ‒ 35 години;
‒ државјанство на Република Северна Македонија;
‒ работно познавање на англиски јазик, познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност;
‒ истакнато учество во општествениот и политичкиот живот во државата, поттикнувајќи позитивни промени;
‒ солидни познавања на општествената терминологија;
‒ работното искуство ќе се смета за предност.

Потребни документи за апликација:
‒ Пријава која може да се симне на следниот линк;
‒ Биографија во облик на Europass CV;
‒  Две препораки од еминентни професори/работодавачи/соработници, релевантни за тематиката на Школата;
‒ Есеј на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава“ и 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија“.

Повеќе информации за Школата за политки при Претседателскиот центар за политичко образование се достапни на https://pretsedatel.mk/pcpo/.
Селектираните кандидати ќе бидат повикани на усно интервју.

Целосната апликација треба да се испрати најдоцна до 1 март 2021 година на [email protected].

Претседателскиот центар за политичко образование цели да организира инклузивни и пристапни настани кои ќе овозможат сите учесници, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, целосно да учествуваат. Доколку имате потреба од повеќе информации за пристапноста на настаните или апликацијата, можете да нѐ контактирате на [email protected].

* Право на учество ќе имаат пријавените кандидати кои ги исполнуваат наведените услови и ќе достават целосна и навремена апликација.
** Трошоците за семинарите и за хотелското сместување при Школата за политики ќе бидат покриени од страна на Претседателскиот центар за политичко образование и партнерските организации. Едукативните семинари ќе бидат одржани во согласност со протоколите за работа во време на пандемија со COVID-19, изготвени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата на Република Северна Македонија.

Конкурси за стипендии и менторство за средношколци и студенти

Здружението на граѓани „Ромаверзитас во рамките на проектот „Зголемување на пристапот и учеството на ученици Роми во средното образование и транзиција на пазарот на труд“, финансиран од Европската Унија/Директорат за Проширување и Ромскиот Образовен Фонд (РЕФ) од Будимпешта, објавува Конкурс за стипендии за ученици Роми.

Конкурсот за стипендија се однесува за сите редовни ученици Роми запишани на приватните и јавните средни училишта во Република Северна Македонија.

Потребни документи за аплицирање

1. Електронска пријава за стипендирање на ученици Роми https://forms.gle/hWa45nUk8y82D2es6

2. Потврда за редовен ученик во учебната 2020/2021 година,  оригинал;

3. Заверка на нотар од Свидетелство од последната учебна година на школување;

4. Евидентен лист со оценки од крајот на првото полугодие во учебната 2020/21;

5. Изјава дека кандидатот е припадник на ромска етничка заедница (link);

6. Согласнот за обработка и користење на личните податоци на кандидатот за потребите на здружението на граѓани Ромаверзитас (link);

7. Копија од уверение за државјанство на Р.С. Македонија;

8. Копија од трансакциска сметка на име на ученикот; 

9. Изјава за економско – социјалниот статус на семејството (семејствата кои се приматели на социјална парична помош исто така да достават и потврда од центар за социјални работи)  (link);

10. Изјава дека кандидатот не е корисник на друга стипендија за Роми (link).

Кликнете тука за да го симнете го целиот повик

ОТВОРЕН ПОВИК ЗА СТИПЕНДИРАЊЕ НА ДЕСЕТ СРЕДНОШКОЛЦИ

Меѓународната невладина организација Македонија2025 го отвори повикот за прием на апликации во склоп на Фондот за поддршка на талентирани млади за тековната 2021/2022 година. По успешноста на пилот-проектот, Македонија2025 обезбеди средства за финансиска поддршка на талентирани млади од Македонија во периодот од 2019-2022. Во текот на оваа година, ќе се стипендираат 10 индивидуи, при што поддршката за секој кандидат ќе изнесува 60.000 денари, исплатени во 10 еднакви месечни износи на годишно ниво. Стипендиите ќе се доделуваат за месеците во кои се одвива настава (јуни, септември-мај).

Критериуми за аплицирање

  • Средношколци на редовни студии во државни средни училишта;

  • Средношколци со успех над 4.70;

  • Добитници на награди или учесници на државни и/или меѓународни натпревари во областа на природни и општествени науки, компјутерско програмирање и друго, при што предност ќе имаат кандидати од областите STEM;

  • Предност ќе имаат средношколци кои доаѓаат од социјално ранливи семејства со вкупен финансиски приход во семејството под 30.000 денари месечно.

За повторно аплицирање за стипендија во текот на наредните години, стипендистите треба да одржуваат контиуниран успех и да имаат развој во постигнувањата.

Студенти не се опфатени во овој повик, со исклучок студенти наши корисници од претходни години.

Начин на аплицирање

За да аплицирате, потребно е да ги доставите следните документи на македонски јазик:

  • Биографија – (CV Europass или друга слична форма);

  • Потврда за редовен ученик и потврда за успех (просечна оценка);

  • Дипломи од награди од државни и/или меѓународни натпревари во различни дисциплини (не постари од 5 години);

  • Мотивационо писмо во кое се посочува зошто е потребна поддршката (задолжително во мотивационото писмо да се наведе дали кандидатот/ката е корисник на друга стипендија);

  • Релевантни документи за приказ на месечниот финансиски приход во семејството (потврда за приходи на родителите од УЈП и/или Потврда за редовен работен однос со вклучена висина на личен доход);

  • Најмалку 1 препоракa од професори/релевантни институции или индивидуи.

Покрај редовната стипендија, Фондот ќе се потруди да поддржи менторство и обуки за личен и професионален развој на кандидатите, платени пракси во истакнати македонски компании, и слични активности/поддршка кои ќе бидат во интерес на професионалениот развој на корисниците. Стипендистите исто така ќе бидат поканети на годишните настани и активности во организација на Македонија2025.

Крајниот рок за испраќање на документите е 15.03.2021 год. (повикот се затвора во 23:59 часот) и треба да ги доставите електронски на [email protected]. Апликациите ќе ги разгледува Комисија составена од истакнати членови и партнери на Македонија2025.

Избраните кандидати кои ги исполнуваат сите горенаведени услови и критериуми ќе бидат контактирани најдоцна до 15.04.2021 год. откако ќе заврши процесот на административна селекција. Пред да се донесат финалните одлуки, можно е дел од кандидатите да бидат повикани на дополнително интервју.


Дополнителни  напомени
По завршување на процесот на селекција, избраните стипендисти потпишуваат Договор за Донација, каде се дефинирани сите услови и правила за користење на стипендијата. За лицата под 18 години, договорот се потпишува во присуство на родител/старател на лицето корисник.
По изборот, стипендистите се должни да доставуваат месечни извештаи за своите достигнувања, како би покажале посветеност и отченост во својот личен и професионален развој, во рамки на стипендијата.
 
Ги очекуваме Вашите апликации!
Македонија2025

ТЕКСТ

“ПОТРЕБИ НА МЛАДИТЕ НА ЛОКАЛНО НИВО”

Ни претставува особена чест и задоволство да Ве поканиме да присуствувате на јавен настан за презентирање на резултатите од спроведеното истражување “Потреби на младите на локално ниво”, имплементиранo од Здружение на граѓани Младите можат. 

Настанот ќе се одржи на 23.02.2021 година, со почеток од 11.00 часот, во електронска форма, преку платформата Zoom.

На овој настан ќе бидат презентирани главните наоди од горенаведеното истражување спроведено во три скопски општини: Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров, во декември 2020г. 

Воедно, Младите можат сака да поттикне дискусија со локалните власти за младинскиот активизам и младинското учество на локално ниво. 

За присуство на настанот ве замолуваме да се регистрирате на следниот линк.

Анализата на спроведеното истражување ги сумира резултатите од квалитативната и квантитативната анализа во трите општини, во 5 области: Волонтерство и граѓански активизам; Предизвици на младите во општината; Младински политики и застапување; Отвореност и поддршка на општините за млади; Младите во време на пандемијата Ковид-19. Гости говорници на настанот се очекува да бидат градоначалниците на соодветните општини, Г-дин Стефан Богоев, Г-дин Александар Наумоски и Г-дин Златко Марин.

Дополнително, се очекува и присуство на Амбасадорката Кејт Брнз, како поддржувачи на проектот.

Резултатите од истражувањето, како и целата дискусија ќе бидат презентирани и водени од Анита Николовска – Извршен директор на Младите можат.

Истражувањето е дел од проектот „Младински локални банки“ што Здружението на граѓани „Младите можат“ во моментов го спроведува и е поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.