Повик за учесници на Школата за политики за 2021 година

Школата за политики при Претседателскиот центар за политичко образование ќе биде организирана во духот на демократските политички вредности, промоцијата и заштитата на човековите права и слободи, политичкиот плурализам, меѓусебната толеранција, заедништвото и солидарноста. Во таа насока, Школата ќе настојува да ги поврзе учесниците со различно професионално искуство, кои имаат желба со своите знаења и вештини да придонесат за позитивен развој на општеството, во рамки на четири едукативни семинари со еминентни предавачи и обучувачи од државата и од странство.

Учесниците на Школата за политики ќе имаат можност да:
‒ ги унапредат своите знаења на темите демократија, одржлив развој, евроинтеграции и комуникации, притоа разбирајќи го процесот на креирање политики;
‒ следат предавања и интерактивни работилници од врвни домашни и меѓународни експерти;
‒ работат индивидуално и во групи со истакнати поединци – нивни врсници од општествениот и политичкиот живот во државата;
‒ ги зајакнат своите комуникациски, лидерски и меки вештини;
‒ имаат пристап до актуелна литература на темите и да следат општествени дебати на истите;
‒ остварат значајни контакти и да се вмрежат со експерти од областите кои ги опфаќа Школата.
Школата ќе се одржи во периодот од март до ноември 2021 година, за време на викендите. Присуството на сите четири едукативни семинари е задолжително. Учесниците кои ќе ја завршат Школата ќе се стекнат со сертификат.

Услови за учество:
‒ возраст од 25 ‒ 35 години;
‒ државјанство на Република Северна Македонија;
‒ работно познавање на англиски јазик, познавање на друг странски јазик ќе се смета за предност;
‒ истакнато учество во општествениот и политичкиот живот во државата, поттикнувајќи позитивни промени;
‒ солидни познавања на општествената терминологија;
‒ работното искуство ќе се смета за предност.

Потребни документи за апликација:
‒ Пријава која може да се симне на следниот линк;
‒ Биографија во облик на Europass CV;
‒  Две препораки од еминентни професори/работодавачи/соработници, релевантни за тематиката на Школата;
‒ Есеј на зададена тема по избор: 1. „Мојот придонес за позитивни промени во нашата држава“ и 2. „Мојата визија за демократскиот развој на Северна Македонија“.

Повеќе информации за Школата за политки при Претседателскиот центар за политичко образование се достапни на https://pretsedatel.mk/pcpo/.
Селектираните кандидати ќе бидат повикани на усно интервју.

Целосната апликација треба да се испрати најдоцна до 1 март 2021 година на [email protected].

Претседателскиот центар за политичко образование цели да организира инклузивни и пристапни настани кои ќе овозможат сите учесници, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, целосно да учествуваат. Доколку имате потреба од повеќе информации за пристапноста на настаните или апликацијата, можете да нѐ контактирате на [email protected].

* Право на учество ќе имаат пријавените кандидати кои ги исполнуваат наведените услови и ќе достават целосна и навремена апликација.
** Трошоците за семинарите и за хотелското сместување при Школата за политики ќе бидат покриени од страна на Претседателскиот центар за политичко образование и партнерските организации. Едукативните семинари ќе бидат одржани во согласност со протоколите за работа во време на пандемија со COVID-19, изготвени од Комисијата за заразни болести и усвоени од Владата на Република Северна Македонија.

Сподели на