Конференција: Игрификација- можност или пречка во образованието

Додека дигиталната технологија се развива, индустријата на игри станува се поголема, а младите се повеќе ги користат истите, важно е да развиеме дискусија за тоа дали овие трендови претставуваат пречка или можат да бидат искористени како можност за раст и развој на младите.
Ви ја најавуваме конференцијата „Игрификација: Можност или пречка во образованието“, која има за цел да поттикне дискусија за влијанието и улогата на игрите во образованието и едукацијата на младите, како и за можностите кои ги нуди оваа индустрија за едукација на младите во рамки на формалното, но и неформалното образование. Дополнително, во рамки на конференцијата ќе биде организиран и турнир во играње на првата он-лајн друштвена игра за политичка едукација „Изборологија“
Пријавете го вашето учество на конференцијата на следниов линк: https://docs.google.com/…/1FAIpQLSdjvub4xS7qhW…/viewform
Конференцијата претставува еднодневен настан кој ќе се одржи на 17.11.2022 со почеток во 13.30 часот во конференциската сала на „Јавна соба“ во Скопје. Присуството на настанот е отворено за сите млади, просветни работници, едукатори, граѓански организации и сите љубители на темите опфатени со настанот, а учеството на истиот е без финансиски надомест.
Програмата на конференцијата е поделена во четири дела и тоа:
13.30 – 15.00 Панел дискусија: Влијанието и улогата на игрите во образованието на младите
Панел дискусијата ќе биде составена од говорници од различни области поврзани со темата на конференцијата, вклучувајќи универзитетски професор, психолог, ученик, претставник на институција и претставник на компанија. Дополнително, присутните ќе имаат можност да се вклучат во дискусијата за влијанието и улогата на игрите во образованието на младите.
На панел дискусијата учество ќе земат:
– д-р Гоце Арменски- професор на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) кој предава предмети како што се „ИКТ во образованието“ и „Учење низ игра“
– Ана Попризова- психолог и Гешталт терапевт. Над 20 години работно искуство во средно училиште како професор по психологија и училиштен психолог, воедно и со големо искуство во работа и едукација на наставници, стручни соработници и родители
– Даниела Спасовска- претставник на Македонска асоцијација за развивање игри – МАГДА
– Претставник на Сојуз на средношколци на РСМ
15.15 – 16.45 Едукативни работилници 
Со цел присутните на конференцијата да стекнат или да ги унапредат своите познавања на темата, ќе бидат организирани работилници за развој на едукативни игри и за користење на игри за едукација на млади во рамки на формално и неформално образование. Секој присутен има можност да избере на која работилница сака да присуствува.
Темите на работилницата се следниве:
– Работилницата за креирање и развој на игри
– Работилницата за користење на игри во едукација на млади
17.00 – 17.45 Саем на едукативни игри
На самата конференција во овој дел ќе бидат презентирани веќе постоечки игри кои имаат едукативен карактер и кои можат да се користат за едукација на млади. Саемот ќе биде организиран во понеформален сетинг, а присутните ќе имаат можност да ги посетат и да поразговараат со креаторите на игрите.
На саемот ќе можете да се запознаете со следниве игри:
– Lunesol- за едукација и обука за ученици, наставници и младински работници со цел справување со сериозните општествени и економски последици кои ги предизвикува радикализацијата на младите која води до екстремизам, насилство и тероризам.
– Living Globally- игра која го подобрува начинот на едукација за одржливо живеење и емисиите на CO2.
– Culture Beats- забавна и динамична игра која нуди можности да ги осознаете вашите лични гледишта за културата, како и гледиштата на другите.
– Изборологија- прва он-лајн друштвена игра за политичка едукација во нашата земја.

17.45 – 20.00 Турнир во играње на првата он-лајн друштвена игра за политичка едукација „Изборологија“
Во последниот дел од конференцијата ќе биде спроведен турнир во играње на едукативната игра „Изборологија“. Преку натпревар со останатите играчи, еден од присутните ќе биде награден како најуспешен играч на турнирот. Со цел да имаме увид во бројот на играчи заинтересирани за турнирот, ве молиме да го регистрирате вашето учество во формата за пријавување достапна на следниов линк: 
https://docs.google.com/…/1FAIpQLSdjvub4xS7qhW…/viewform 

Сподели на