Отворен повик за обучувачи

Македонски центар за меѓународна соработка во рамки на програмата Граѓански ресурсен центар, финансирана од Европската Унија, распишува отворен повик за избор на обучувачи за спроведување на програмата за градење капацитети на граѓанските организации.

Една од главните цели на Граѓанскиот ресурсен центар е обезбедување услуги за градење капацитети на граѓанските организации, во насока тие да бидат ефективни и отчетни независни актери во македонското општество. За остварување на оваа цел е подготвена Програмата за градење на капацитети на организациите.

Обуките од Програмата за градење капацитети ќе бидат спроведени онлајн во периодот април – мај 2021. Секоја обука ќе се состои од шест сесии, секоја сесија со времетраење од час и половина, а обучувачот ќе има вкупен ангажман од 4 работни дена за обука.

Успешните кандидати треба да ги задоволуваат следните критериуми:

  • Да има завршено високо образование;
  • Да има најмалку 7 години професионално искуство во граѓанско општество;
  • Да има најмалку 5 години  професионално искуство во спроведување обуки;
  • Да има спроведено најмалку три обуки на темата за која се пријавува;
  • Да поседува солидни комуникациски, презентациски и фацилитаторски вештини.

Детали за темите за кои се потребни обучувачи:

  1. Управување со човечки ресурси

Целта на обуката е учесниците подетално да се запознаат со организациските процедури и политики за управување со човечки ресурси. На обуката треба да бидат покриени следните теми: поврзаноста на управување со човечки ресурси и организациска стратегија, организациска култура, посветеност и организациски вредности, градење тим, тимска работа и меѓучовечки односи, системи за внатрешно градење капацитети на персоналот, процедури за ангажирање и задржување на персоналот, воспоставување структура и систем на плати, систем за управување со перформанси, планирање и оценување на перформанси на персоналот, мотивирање на персоналот и сл.

2. Вклучување на конституентите во работењето на граѓанските организации

Почнувајќи со дефинирање на директни и индиректни конституенти (целни групи, членови, приврзаници) на граѓанските организации, со оваа обука учесниците треба да ги продлабочат знаењата и вештините за методите и алатките за прибирање идеи, консултирање и вклучување на конституентите, различни начини на онлајн и офлајн работење со конституентите, комуницирање на постигнатите резултатите на здружението, градење членство како и градење и одржување на посилни врски помеѓу граѓанските организации и граѓаните општо.

Обуката треба да опфати студии на случај и успешни практични примери од работењето на граѓанските организации. Исто така обуката, треба да се осврне и на вклучување и учество на младите во активностите на ГО.

3. Примена на теоријата на промени во граѓанските организации

Обуката има за цел да придонесе кон зајакнување на капацитетите на организациите за видовите и примената на теоријата на промени во нивното работење. На обуката учесниците треба да се стекнат со детални знаења за прашања како: Зошто да се користи теоријата на промени? Што вклучува процесот на теорија на промени во пракса? Како да се создаде и претстави теорија на промени? Како да се развие и примени пристапот на теорија на промени на организациско ниво? Како теоријата на промени помага во стратешкото планирање? Како да се користи теоријата на промени за создавање рамки за мерење? 

Постапка за изразување интерес

Со цел да се пријавите за обучувач на некоја од горенаведените теми, треба да испратите: 

  • Писмо за изразување интерес, во кое е наведено за која позиција се пријавувате заедно со финансиска понуда изразена во нето сума по ден (кандидатот може да се пријави за спроведување на обуки на повеќе од една од дадените теми);
  • Предлог дневен ред за обуката на дадената тема;
  • Професионална биографија;
  • Три препораки од слични работни ангажмани;

Рок за пријавување на отворениот повик е 22 март 2021 година. Целосната документација за изразување интерес треба да биде испратена на [email protected].

Доколку имате прашања поврзани со повикот може да ги поставите на: [email protected] до 15 март 2021 година.

Изборот на обучувачи ќе биде направен на крајот од месец март 2021 година врз основа на претходно утврдени критериуми.

Сподели на