[Панел дискусија] Ментално здравје – сега е моментот!

Чест ни е да Ве поканиме на панел дискусијата ‘’Влијанието на различните средини врз менталното здравје на младите’’, на која експерти ќе говорат за влијанието од три различни аспекти.

Регионалниот настан во Скопје има за цел да ја подигне свеста за важноста на влијанието на образовниот систем, семејството и врсниците врз развојот на младите преку споделување на знаењето на експертите и собирање на информации преку тркалезна маса на чија основа потоа ќе се креира документ за јавни политики. Дополнително, во текот на проектот и процесот на изработка на документот за јавни политики, ќе бидат организирани уште 3 регионални настани во Битола, Штип и Гостивар.

Детали за настанот во Скопје:
📅 6 април
⌛ 12:00 – 14:30 ч
📍 ТЦЦ Гранд Плаза
Поради ограничениот број на учесници согласно мерките за справување со Ковид-19, Ве молиме да се пријавите на следниот линк – https://forms.gle/5iZpbWUPfFkz8UWy6
На учесниците кои ќе доаѓаат од други градови ќе им бидат покриени патните трошоци доколку уредно ги сочуваат и ни ги достават доказите за превоз.
 
Дискусијата ќе биде модерирана од страна на Анита Николовска, Извршен директор на Младите можат. Гости говорници на настанот се психолог Ана Попризова која ќе зборува за влијанието од аспект на образовниот систем, психолог Марија Стефанова која ќе ја сподели својата експертиза за влијанието на семејството врз менталното здравје на младите и Александар Милошевиќ претставник од нашата партнер организација Y-peer Македонија кој ќе зборува на темата од аспект на влијанието на врсниците.
“Ментално здравје – сега е моментот“ е проект кој Здружението на граѓани Младите можат во партнерство со Y-peer Македонија, го спроведува како дел од Еразмус плус програмата поддржана од Европската Унија. Нашето четиригодишно искуство во спроведување и поддршка на иницијативи за промовирање на важноста на менталното здравје на младите и сите предизвици со кои се соочивме, ја истакнаа потребата да се влијае на темата преку сеопфатен систематски пристап. Иако темата почнува да се актуелизира кај младите, таа е се уште табу за поширокото општество, па затоа преку овој проект сакаме да ја подобриме соработката помеѓу различните засегнати страни во граѓанското општество за промовирање на важноста и потреба за грижа за менталното здравје на младите како основна компонента на личниот раст и развој.
 
*При организацијата на настанот ќе бидат запазени сите заштитни мерки и насоки усвоени од Владата на Република Северна Македонија.

Сподели на