Повик за волонтери на МакеДокс 2021

Највкусните рецепти почнуваат со „една главица ситно сецкан кромид“ исто како што најубавите изданија на МакеДокс започнуваат кога волонтерите за првпат во август ги отвораат портите на Куршумли ан.

„Волонтерите се љубов во движење“ рекол некој некогаш, а ние можеме да потврдиме дека изминатите 11 години сме добиле неизмерна љубов од преку 400 волонтери кои сите на свој начин придонеле да се гради оваа наша заедничка приказна.

МакеДокс е наша љубов и денес објавуваме отворен повик за сите досегашни и идни волонтери кои имаат време да бидат дел од дванаесеттото издание на фестивалот.

Сите заинтересирани треба да се пријават на [email protected]најдоцна до 30.07. и да ни пишат, зошто сакаат да волонтираат на МакеДокс и кој е нивниот омилен документарен филм. Не е на одмет доколку пишете и што ве интересира; дизајн, палење свеќи, фотографија, шетање гости, сценографија или едноставно филмче на перница под ѕвезди по добро одработен ден.

„За волонтерцките работи“: https://okno.mk/node/80188

Сподели на