Повик за обучувач/-ка за испорака на обука

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамките на проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од страна на шведската фондација Квина тил Квина, објавува повик за избор на обучувач/-ка за испорака на дводневна Обука за мониторинг на буџети и родово одговорно буџетирање.

1.Вовед

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување во рамките на проектот „Вработена Ромка = Независна жена“, поддржан од страна на шведската фондација Квина тил Квина има за цел да ги зајакне капацитетите на членките на Групата за застапување за вработување Ромки за да спроведуваат акции за мониторинг на буџети на локални и национални стратегиски документи. Во следната фаза од проектот, Групата ќе застапува пред локалните и националните власти со цел интегрирање на потребите на Ромките во стратешките програми и буџети. Следствено на тоа, Групата за застапување ќе прави мониторинг на имплементацијата на буџетите.

2. Опис на работни задачи и испорачани услуги

Обучувачот/-чката треба да подготви и испорача дводневна обука „Застапување за родово одговорно буџетирање и мониторинг на буџети“ наменета за 8 Ромки активистки – членки на Групата за застапување. Обуката треба да ги опфати следниве теми:

  • Процеси и механизми на застапување за родово одговорно буџетирање на јавните институции, и
  • Мониторинг на имплементација на буџети на стратегиски документи усвоени од локални и национални институции.

Обучувачот/-чката ќе треба да развие методологија за спроведување на обуката која ќе понуди комбинација од теорија и вежби за практична примена на теоријата, во заедничка координација со проктниот тим.

2.1.Задачи на обучувачот/-чката

  • Да развие програма и методологија за обуката;
  • Пред обуката да подготви материјали, презентации и вежби кои ќе ги сподели со проектниот тим;
  • Да ја спроведе обуката;
  • Да развие методологија за оцена на капацитетите на учесниците пред и по обуката;
  • По спроведената обука да изготви и поднесе извештај, најдоцна 7 работни дена по завршувањето на обуката.

3. Информации за ангажманот

Периодот планиран за спроведување на обуката е од 5 до 15 април 2021 година. Местото на одржување на обуката ќе биде дополнително определено. Целокупниот ангажман за испорака на обуката е 5 дена. Тоа вклучува подготовка (програма, работни материјали, презентации), испорака на обуката и подготовка на извештај.

4. Потребни квалификации

Обучувачот/-чката треба да ги поседува следниве квалификации и вештини:

  • Да има завршено високо образование и стекната диплома од областа на општествените науки,
  • Да има најмалку 10 години професионално искуство во граѓанско општество,
  • Да има најмалку пет години  професионално искуство во областа на родовата еднаквост и/или родово одговорно буџетирање,
  • Да има најмалку 5 години искуство во спроведување обуки за целни групи од маргинализираните заедници,
  • Да има спроведено најмалку три обуки на темата за која се пријавува и
  • Да поседува солидни комуникациски, презентациски и фацилитаторски вештини.

5. Потребни документи

  • Кратка биографија (CV),
  • Референтна листа на слични ангажмани,
  • Финансиска понуда со сите вклучени трошоци, изразена во македонски денари, и
  • Нацрт на програмата за одржување на обуката.


6. Начин на аплицирање

ХЕРА, во согласност со одредбите од договорот на проектот, ќе спроведе повик со прибирање на најмалку 3 (три) понуди. Критериум за избор, покрај цената, е искуството во спроведувањето на обуки на предвидените теми.

Сите апликанти ќе бидат известени за резултатите од селекцијата за ангажирање на обучувач за испорака на обука, по електронски пат, во рок од 5 дена по затворањето на повикот.

Документите со назнака/предмет на пораката Понуда за ангажирање на обучувач за испорака на обука можете да ги доставите на следниов начин:

По електронска пошта: [email protected]

По пошта: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ул. „Франклин Рузвелт“ 51а/26, Скопје, со назнака Понуда за ангажирање на обучувач за испорака на обука.

Понудите треба да се достават до 26.03.2021 година.
Нецелосните пријави и пријавите пристигнати по крајниот рок нема да бидат разгледувани.

Сподели на