ПОВИК ЗА СТУДЕНТИ: EDUCATION TO BUSINESS

Знаеш бизнис во теорија, ама ти фали пракса? Замисли дека те најмува компанија за да пронајдеш бизнис решение? Што ќе направиш доколку се соочиш со бизнис предизвик?

Ако си редовен студент/ка на дипломски или постдипломски студии на било кој универзитет во С. Македонија и те интересира работата на бизнисите или имаш идеи за бизнис, вклучи се во проектот „Education to Business”.

– Работи на реални предизвици во вистински компании
– Стекни знаење и искуства од реномирани ментори од Естонија и Македонија.

Преку проектот и концептот „Education to Business” сакаме да придонесеме за развој на претприемничкото образование и развојот на малите и средните компании во земјата.

Што добиваш доколку бидеш избран?

🡺 Можност да работиш во интердисциплинарен тим на 4 студенти кој ќе помогне при изработка на решение за работен предизвик со кој што се соочува компанијата (пр. стратегија за маркетинг, стратегија за комуникација, изработка на концепти за бизнисот и веб-страницата, дизајн на нов производ);

🡺 4 дневна обука за бизнис развој;

🡺 Помош од бизнис експерти/ментори кои се дел од естонската меѓународна консултантска компанија CIVITTA;

🡺 5 дневна студиска посета во Естонија за запознавање со бизнис и образовниот еко-систем на земјата со покриени трошоци за патување и сместување;

🡺 За успешно завршен проект менторите и/или претставниците од бизнис заедницата може да ви достават писмена препорака или да ве препорачаат за вработување во соодветна фирма.

Потенцијални придобивки од проектот се:

🡺 Можноста за евентуално вработување во една од фирмите;

🡺 Градење на тим за започнување на сопствен бизнис.

Што ќе биде твојата задача?

Вкупно 16 студенти ќе бидат поделени во 4 различни тимови.

Ти, како еден од 16-те студенти ќе бидеш дел од еден тим, при што секој тим ќе работи на посебен предизвик со кој се соочува компанијата која ја имаш избрано. Во период од 3 месеци и со поддршка на ментор тимот ќе треба да изработи финален продукт во вид на план или извештај според потребите на компанијата.

Тимовите на студенти кои ќе ја комплетираат својата задача ќе имаат можност да ја претстават директно пред менторите за време на студиската посета во Естонија.

Учеството во целиот проект е бесплатно за студентите.

Кои се компаниите и областите?

При аплицирање потребно е да избереш приоритетна опција и втора опција од една од понудените компании.

Компанија 1: БИО ОИЛ

Опис на компанијата:

Био Оил е компанија која произведува висококвалитетни масла и масти за јадење со иновативен механички процес по пат на екструдирање (ладна екстракција) на семето по гравитационо таложење и одвојување на маслото од маста.

Област на компанијата:

Производство на масла и масти.

Опис на проблемот:

Како новоформирана компанија (од крајот на 2021-та година), Био Оил има два премиум продукти кои се произведуваат со суровини од земјата. Едниот од продуктите е масло од афион. Афионот кој потекнува од Македонија се смета за најквалитетен во светот, па поради тоа овој производ има голем маркетингшки потенцијал. Вториот производ е ладно цеденото масло од сончоглед. Семињата во двата случаеви се култивираат во затворен процес согласно високи стандарди и сертификати.

Задачата на тимот студенти е да изготви план, стратегија и начин за пласирање на производите Био Оил на македонскиот пазар, а конкретно кон крајните потрошувачи (бизнис моделот е B2C – business to consumer или на македонски, од бизнис до краен потрошувач). Покрај планот, потребно е да се имплементира дел од маркетинг стратегијата.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Маркетинг и промоција на нови производи, продажба, анализа на навики и психологија на крајни потрошувачи, вештини за раскажување приказни (strorytelling), подготовка на сценарија за снимање видеа, едитирање и изработка на видеа.

Компанија 2: INTERSPACE

Опис на компанијата:

Interspace е компанија со искуство (датира од 1994-та година) која успешно работи на македонскиот пазар како провајдер на телекомуникациски, хостинг и медиа услуги од бизнис класа, кои се доставуваат исклучиво преку системи од највисок квалитет. Примарниот фокус е следење и контрола на строги процедури со цел обезбедување стабилни, сигурни и првокласни телекомуникациски услуги на компании и провајдери, насекаде во светот. Примарните клиенти се правни субјекти (бизниси и државни институции и компании) кои бараат високо-квалитетно и стабилно поврзување со оптичка мрежа.

Област на компанијата:

Интернет услуги (телекомуникации)

Опис на проблемот:

Компанијата има план да развие тренинг центар во сопствените простории од околу 500м2 во Аеродром. Освен за интерни обуки и надградба на вработените, тренинг центарот планираат да го даваат на располагање на компании кои имаат потреба од современ центар за обуки со најнова технологија, како што се компјутери, видео пренос (streaming), итн. За таа цел потребно е да се направи бизнис план за потребите на овој тренинг центар која ќе вклучува и визуелизација на просторот. Бизнис планот би вклучил анализа на пазарот и конкуренцијата, предложено пазарно позиционирање, дефинирање технологија и опрема која е потребна за центарот, препораки за брендирање и промоција, и рамка за приходи и расходи на бизнис центарот.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Изработка на бизнис план, проекција на приходи и расходи, истражување на пазар и конкуренција, архитект или внатрешен дизајнер кој може да го визуелизира просторот, графички дизајнер или искуство со подготовка на визуелни извештаи, презентации и/или маркетинг материјали, и слично.

Компанија 3: ГЕВИНО

Опис на компанијата:

Гевино е релативно млада компанија (основана 2017-та година) која се пробива на пазарот со пласирање на вино. Компанија се профилира како компанија за вино достапно за сите крајни потрошувачи во Македонија. Виното е достапно како во стаклена, така и во пластична амбалажа. Поддржана е со грант од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и веќе има продажба на своите производи во дел од Тинекс продавницте во Скопје и поголемиот број на мали продавнички низ главниот град. Целат да се прошират низ македонскиот пазар, особено кај крајните потрошувачи (бизнис моделот е B2C – Business to consumer или на македонски јазик, бизнис до потрошувачи).

Област на компанијата:

Полупроизводство и трговија со вино.

Опис на проблемот:

Иако македонскиот пазар на вино има голема конкуренција, навиките на потрошувачите покажуваат дека има простор за раст. Предизвикот на Гевино е како да понуди нов/и продукт/и насочени кон крајните потрошувачи за да ја зајакне продажбата на домашниот пазар. Новиот производ, односно продукт, треба да се истакнува од другите понуди на пазарот.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Концепт, дизајн и изработка на производ, графички дизајн за физички производи, склоност кон естетика и уметност, анализа на навиките и претпочитувањата на крајните потрошувачи, спроведување на дело на дел од маркетинг стратегијата.

Компанија 4: ФИКСИГО

Опис на компанијата:

Фиксиго е стартап компанија, основана во 2021-та година, поддржана од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и е во процес на изработка на самоодржлива платформа за помош на земјоделците. Платформата е енергетски самоодржлива, поради тоа што произведува енергија со помош на фотоволтаични (сончеви) панели и батерија. Карактеристиката на безжичност или мобилност означува дека може да се премести на различно место доколку на пример на друго место условите за мерење се попогодни. Платформата врши локално мерење на 9 почвени параметри во реално време, односно мониторинг и контрола на податоци што се собираат во една заедничка база на податоци каде се врши анализа на истите.

Област на компанијата:

Автоматика, Интернет на нештата (IoT – Internet of Things).

Опис на проблемот:

Во оваа фаза на бизнисот, целната група се средни и големи компании кои се бават со производство на грозје за вино. Иако компанијата веќе има соработка со еден од најголемите производители на вино во Македонија, предизвикот е да се пристапи кон повеќе компании од среден и голем обем. Поради потешката пристапност до целниот пазар од другите стандардни пристапи и стандардни канали, предизвикот е како најефективно да се пласира производот на пазарот преку креирање на успешна стратегија за комуникација и стратегија за маркетинг која ќе покаже резултати.

Поврзани вештини и/или познавања кои се корисни за овој проект (оваа листа не е заклучна, туку е индикативна):

– Познавање од агрономија (особено лозарство), комуникација, графички дизајн и маркетинг, истражување, бизнис план, и програмирање.

Како ќе се одвива процесот?

Март: Повик и избор повик на 16 студенти од универзитетите од С. Македонија кои ќе формираат 4 тима, по еден тим за секоја компанија врз основа на предизвиците.

Aприл: Студентите добиваат 4-дневна обука за бизнис развој каде што детално ќе работат на предизвиците од компании.

Април-јуни: Студентите развиваат финален план/продукт за предизвикот во назначената компанија. На студентите им се назначува ментор со кој го подобруваат развиениот план/продукт.

Септември: 5 дневна студиска посета во Естонија.

Како се аплицира?

Аплицирањето се врши електронски, со пополнување на електронската апликациска форма на СЛЕДНИОВ ЛИНК.

Рокот за аплицирање е отворен до 6 март 2022 година.

Критериуми за избор

Заинтересираните кандидати ќе бидат избрани според следните критериуми:

1. Поврзаност на студиите со компанијата/предизвикот за кој се аплицира – 10 поени;
2. Посетени обуки и стекнати вештини поврзани со компанијата/предизвикот за кој се аплицира – 10 поени;
3. Мотивација за учество во проектот – 10 поени;
4. Познавање на англискиот јазик – 5 поени.

Проектот „Education to Business” е реализиран од страна на Здружението LEAD од Македонија и консултантската компанија CIVITTA од Естонија. Проектот е финансиски поддржан во рамки на програмата Еразмус+.

Обврски на избраните студенти

Доколку апликантот (студентот) е избран се обврзува да:

1. Биде дел од интердисциплинарен тим од (4) студенти. Не повеќе од 2 члена од тимот ќе бидат од истата насока, односно факултет.
2. Ја испорача (заедно со својот тим) договорената задача/производ/извештај до крајот на јуни и да го презентираат пред компанијата. Компанијата и менторите мора да бидат во согласност дека договорената задача е завршена за да истата се смета за завршена.
3. Соработува со менторите од Цивитта и со компанијата во изработка на решението.
4. Биде достапен за образовно/едукативно едно-неделно патување во Естонија. Зависно од условите наметнати од пандемиските околности, датумот на патувањето може да се одложи или одредени членови на групата да не можат да патуваат поради неисполнување на барањата за влез во Естонија. **Секој избран учесник ќе има обврска да провери дали ги задоволува условите за влез во Република Естонија, пред да се планира патувањето. Подетални информации може да се видат ОВДЕ. **
5. Обезбеди пристап до компјутер со интернет врска за работа од далечина.
6. Има пристап до Office (Excel, Word, PowerPoint) алатки. Како алтернатива може да се користат бесплатни алатки како што Libre Office, OpenOffice, Google Docs/Excel/Sheets, Microsoft Office On the Web)

За квалитетна изработката на решенија за секоја од компаниите потребно е секој студент да посвети во просек од 8-10 часа неделно.

Обврски на компаниите

1. Избраните компании мора до крај на проектот да соработуваат со групата студенти.
2. Компаниите се должни да им обезбедат информации и услови за извршување на задачата
3. Бизнис предизвикот/задачата што ќе биде дефинирана од самите компании да може да се сработи во период од 3-4 месеци од интердисциплинарен тим на студенти.

Обврски на менторите

1. Да одвојат најмалку 12 менторски часа за секоја компанија/тим.
2. Да имаат во просек менторски средби еднаш неделно.

Често поставувани прашања?

1. Јас штотуку дипломирав, дали може да се пријавам?

За жал не, овој проект е наменет само за редовни студенти кои се запишани на еден од акредитираните универзитети во С. Македонија.

2. Јас сум вонреден студент, дали може да бидам дел од проектов?

Во оваа фаза, проектот е наменет само за редовни студенти на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија.

3. Јас сум на постдипломски студии, дали може да се пријавам?

Да, секако. Се додека си редовен студент на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија може да се пријавиш.

4. Јас не сум државјанин на С. Македонија, но студирам како редовен студент на еден од акредитираните универзитети во Република Македонија. Дали може да се пријавам? 

Да, секако. Важно е да знаеш англиски јазик. За странските државјани познавањето на македонскиот јазик ќе се смета за предност.

5. Дали мора да сум студент на еден од факултетите лоцирани во (Име на град во Македонија)?

Не, може од било кој град од С. Македонија да се работи на проектот. Овој проект овозможува соработка користејќи ги онлајн алатките и технологијата. Секако дека студентите кои се во иста географска област и би можеле да имаат средби лице-в-лице би имале потесна соработка.

6. Дали е неопходно да знам англиски јазик?

Не е неопходно, но е мношне корисно, бидејќи може еден од менторите да биде од Естонија со кои ќе се комуницира исклучиво на англиски јазик. Важно е барем еден од членовите од тимот да говори англиски јазик.

7. Дали може да го бирам мојот тим?

Не. Тоа ќе биде задачата на менторот да ги спои тимовите за секоја од компаниите.

Сподели на