Повик за учество на панел дискусија: Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните

    Фондација за слободата „Фридриф Науман“, Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИССХС) организираат Панел дискусија: Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните. Настанот ќе се одржи на 2 септември со почеток во 10:00 часот, во живо во Хотел Александар Палас, но и онлајн, за што дополнително ќе биде споделен линк за учество со сите регистрирани учесници.

    Настанот се организира во синергија со проектите поддржани од Фондација за слободата “Фридрих Науман”, спроведувани од страна на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и Инстиутот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИССХС). Истиот ќе придонесе за јавната и експертска дебата за можностите за вистинска дигитализација на услугите, обезбедени од јавната администрација на централно и локално ниво во Северна Македонија и ќе послужи како извор на клучно и стручно знаење за одговорните засегнати страни.

    Врз основа на две компатибилни студии, изработени од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис и Инстиутот за општествени и хуманистички науки, се смета дека постои огромна потреба да се започне разговор помеѓу граѓанското општество, и групите за застапување и креаторите на политиките за тоа како декларираната посветеност на владата кон дигиталната демократија се спроведува. Покрај тоа, прашањето за нејзината децентрализација е од суштинско значење бидејќи е предуслов за правилна, успешна и ефикасна дигитализација на управувањето и општеството. Така, прашањето за дигиталната администрација не е само еден сектор што ги комбинира администрацијата и ИТ под едно министерство, туку пресекува неколку сектори. Бидејќи личните документи и нивната децентрализирана дигитализација се непосредни придобивки од прокламираната дигитализација за граѓаните, нашите студии и овој настан се фокусираат на ова прашање. Се предлагаат решенија за политика за усогласување на „пред-дигиталните“ закони за лични документи со поновите кои опфаќаат лични документи, регистар на население и сродни прашања донесени во 2019 година. Исто така се истражуваат инфраструктурата и капацитетите на општините да спроведат соодветна административна децентрализација во областа на личните документи.

    Настанот е од отворен карактер и на него се очекува да присуствуваат претставници од институции, граѓански организации, медиуми и други засегнати страни. Работен јазик на настанот е македонски јазик, со обезбеден превод на албански и англиски јазик.

    За учество на настанот можете да се регистрирате на следниот линк: https://forms.gle/Mo4emrL9YRHU9MEfA најдоцна до 31 август, 2021 год. Агендата на настанот можете да ја погледнете овде. Непосредно пред настанот, сите регистрирани учесници ќе добијат ZOOM линк за учество.

Сподели на