ДАТУМ: 03-09 ЈУЛИ 2023
ЛОКАЦИЈА: ОХРИД – ХОТЕЛ ГРАНИТ
ОПИС:
Летната школа организирана од Коалиција Маргини е фокусирана на родот, сексуалноста и интерсекционалноста во концептот на човекови права. Школата претставува интензивна програма за учење која има за цел да обезбеди подлабоко разбирање на човековите права на маргинализираните заедници.
Курикулумот на летната школа е дизајниран на начин што ќе допринесе до зголемување на знаењата поврзани со меѓународната и националната правна рамка за човекови права и како таа се однесува на маргинализираните заедници. Низ програмата учесниците заедно со предавачите ќе истражуваат за влијанието на родово заснованото насилство и дискриминација врз маргинализираните заедници и специфичните предизвици со кои се соочуваат маргинализираните жени и ЛГБТИК луѓето. Дополнително, некои од клучните сесии на школата се однесуваат на состојбата на човековите права на маргинализираните заедници во областите на здравство, социјална заштита и образование. Преку интерактивни работилници, предавања и студии на случаи, учесниците ќе имаат можност да развиваат стратегии за застапување и активизам кои ги промовираат и штитат човековите права на маргинализираните заедници.
Една од уникатните и иновативните карактеристики на оваа Летна школа е нејзиниот интерсекциски пристап кон човековите права и еднаквоста. Овој пристап препознава дека луѓето често се маргинализирани поради комбинација на фактори, како што се род, сексуалност, класа, раса/етницитет, религија и др. Учесниците ќе имаат можност да ја истражуваат испреплетената природа на опресијата и идентитетите како еден од најдобрите пристапи за развивање на посеопфатни и поефикасни стратегии за застапување за правата на маргинализираните заедници.
Летната школа има за цел да обезбеди:
- Подлабоко разбирање на човековите права на маргинализираните заедници со фокус на сексуалните и здравствените права на ЛГБТИК поединците, луѓето кои користат дроги и маргинализираните жени.
- Продлабочени знаења за интерсекционалната перспектива за човековите права и еднаквоста.
- Вештини за развивање на стратегии за застапување и активизам насочени кон промоција и заштита на човековите права на маргинализираните заедници.
- Можности за вмрежување со експерти, активисти и професори од областа на човековите права и социјалната правда.
СТРУКТУРА:
Летната школа е замислена како сплет од предавања, групни дискусии, интерактивни работилници и групна работа на студии на случај. Од учесниците ќе се очекува да се вклучат во критичко размислување и анализа на сопствените позиции и искуства и да ги споделат своите сознанија и учења со другите.
ЗА УЧЕСНИЦИТЕ:
Летната школа е отворена за тековни студенти на додипломски и пост-дипломски студии од областа на општествените и хуманистички науки, дипломирани студенти, активисти и професионалци кои работат во областа на човековите права и социјалната правда или се дел од феминистичкото или квир движење. Маргини ги охрабрува учесниците од различно потекло и со различни идентитети, вклучувајќи ги и оние со доживеано искуство на маргинализација да се пријават на школата.
ТРОШОЦИ:
Учество на Летната школа не се наплаќа. Сите трошоци поврзани со пат, сместување, храна и материјали за програмата се обезбедени од Коалиција Маргини.
КАКО ДА АПЛИЦИРАТЕ:
Заинтересираните лица треба да достават кратко мотивационо писмо за учество на Школата (максимум 1 страна) на е-пошта: [email protected], најдоцна до 01.06.2023.
Во писмото апликантите треба накратко да го објаснат својот мотив за пријавување на оваа Школа, своето досегашно искуство и познавања во темите покриени со Школата, како и очекувањата од Школата.
* Од апликантите се очекува посветеност и редовно учество на сите предавања во периодот на одржување на Школата!
За резултатите од изборот апликантите ќе бидат информирани најдоцна до 07.06.2023.
Предавачи:
Проф. Д-р Елена Михајлова Стратилати
Таа е професорка по меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Покрај класичните теми на меѓународното јавно право, нејзина посебна област на интерес се човековите права, граничните области на говор на омраза и дела од омраза, транзиционата правда и демократијата. Член е на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа.
М-р Наташа Бошкова
Aдвокатка и правна советничка во Коалиција Маргини. Има дипломирано Правни студии на Правниот факултет Јустинијан Први на УКИМ, а магистрира Родови студии на Универзитетот во Сараево. Приближно две децении е активна во граѓански организации во државата и е дел од регионални и меѓународни мрежи на правници кои работат со маргинализирани заедници. Таа обезбедува бесплатна правна помош и поддршка на луѓето кои употребуваат дроги, сексуални работници/чки, луѓето кои живеат со ХИВ, ЛГБТИ луѓето и жртвите на родово-базирано насилство. Во изминатите декада и половина стратешки застапува пред регионални и меѓународни тела за човекови права и успешно заврши повеќе случаи со кои се унапредени правата на маргинализираните заедници. (X v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia; Trajkovski and Chipovski v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia, A.T. and J.M. v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia; D.H. and others v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia; S.B. and M.B. v. North Macedonia). Наташа Бошкова активно учествува во процесите на подготовка на закони и политики кои ги засегаат маргинализираните заедници, а особено во заштитата од дискриминација, заштитата од родово-базирано насилство, правното признавање на родот, правото на прекинување на бременост и други. Таа е добитничка на наградата за силни жени во Македонија WоW во 2020 година.
Д-р Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ е доктор на науки од областа на Родовите студии. Таа е извршна директорка на Коалицијата Маргини и предава на Институтот за општествени и хуманистички науки во рамки на постдипломските студии на политиките. Нејзиниот истражувачки и активистички интерес е во темите поврзани со родовата еднаквост, сексуалноста, интерсекционалноста, а во последните години активно се занимава и со истражување на развојот на антиродовите иницијативи и движења.
М-р Славчо Димитров
Тој е истражувач, теоретичар, активист и куратор. Има дипломирано Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, а магистрира првин на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа и на Трансдисциплинарни родови студии на Кембриџ Универзитетот во ВБ. Во моментов ја работи неговата докторска дисертација на на Одделот за трансдисциплинарни студии на современите медиуми и уметности на ФМК, Белград. Има работено како асистент на Факултетот за правни и политички науки на ФОН Универзитетот, Институтот Евро-Балкан на последипломските Родови студии и Културни студии, и на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГУДУНУМ, Белград, како и како програмски координатор во Коалицијата МАРГИНИ. Во изминатата декада има координирано голем број на академски проекти, летни школи, и проекти од областа на човековите права и маргинализираните заедници. Основач е на интернационалната летна школа Summer School for Sexualities, Cultures and Politics во Белград, и е еден од основачите на IPAK.Center – Research Center for Identities, Cultures and Politics во Белград. Славчо Димитров има курирано неколку уметнички и културни проекти. Димитров има објавено многу текстови во областа на културните студии, политичката филозофија, студиите на перформансот, телесноста и афектите, квир теоријата итн. во регионални и интернационални списанија и книги. Дoбитник е на годишна награда “Ладислав Баришиќ” на AICA Македонија за 2018, и на Igor Zabel Award for Culture and Theory – Grant – 2020.
М-р Драгана Дрндаревска
Правна советничка во Коалицијата Маргини и се застапува за воведување политики засновани на човекови права и родова еднаквост и обезбедува правна помош за случаи на прекршување на правата на маргинализираните заедници. Координирала различни иницијативи и учествува во процеси на креирање на политики од областа на заштитата од дискриминација и насилство, унапредување на еднаквоста во образованието и човековите права на маргинализираните заедници. Дипломирала на правни студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и магистрирала меѓународно право и меѓународни односи во истата институција, со магистерска теза на стандрдите на Европско право за заштита и спречување од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Драгана е координаторка на Мрежата за заштита од дискриминација и членка на Управниот одбор на ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување. Драгана има широко искуство во пишување и објавување извештаи, истражувачки трудови и спроведување едукативни активности на различни теми како што се родова еднаквост, спречување на насилство и дискриминација, сексуално и репродуктивно здравје и човекови права.
М-р Влатко Деков
На полето на зависностите работи 21 години. Ги има развиено најголемиот дел од програмите за намалување на штети од употреба на дроги во Македонија. Се занимава со истражувања на општествено-маргинализирани заедници, со посебен фокус на социјалните, здравствените, правните и културните аспекти поврзани со употребата на дроги и лицата што употребуваат дроги. Автор е на голем број трудови, публикации и истражувања. Активист е за човекови права на маргинализираните заедници и членува во повеќе национални и меѓународни комисии, тела и стручни форуми
Во моментов работи како менаџер за застапување во ХОПС. Во слободно време пишува, фотографира и патува низ светот.
М-р Мања Величковска
Таа е независна истражувачка со интерес за прашањата поврзани со интерсекцијата на родот, уметноста и културата. Магистирала на филозофија во областа на естетиката на Филозофскиот факултет на УКИМ, а дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при истиот универзитет. Работела и волонтирала во полето на издаваштвото и културните застапувачки политики. Учествувала во реализација на неколку домашни културни фестивали, била членка на Левичарското движење Солидарност и потпретседателка на ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена. Сега работи во Коалиција МАРГИНИ како помлада истражувачка и проектна координаторка и активно членува во регионалната група на критичарки Бунтовни читателки. Дел е од организационите тимови на: Фестивалот за квир култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста и регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“.