ЦМА Крик го започнува проектот „Секој ден е ден за тренинг“

Центарот за младински активизам Крик го започна проектот „Секој ден е ден за тренинг“ (анг.„Everyday is a Training Day“), заедно со партнерските организации „Асоцијација Интеградос“ од Шпанија и „Scout Society“ од Романија. Проектот е дел од програмата Ерасмус + стратешко партнерство од мал обем, а финансиран од Шпанската Национална агенција одговорна за Ерасмус +.

Визијата на овој проект е да придонесе во промовирањето на здрав и инклузивен начин на живот кај младите, усогласувајќи се со принципите на Стратегијата за физичка активност на СЗО за Европскиот регион 2016 – 2025, како и Стратегијата на ЕУ за правата на лицата со попреченост 2021 – 2030.

Целта на проектот е промоција на здрави навики преку рекреативно практикување на спортот, создавање на лесно пристапни, достапни и адаптирани инклузивни простори за физичка активност кои ќе можат да бидат користени од страна на луѓе со и без попреченост, како и креирање на ресурси и алатки за спроведување на обуки за подигнување на свеста кај младите луѓе и организациите кои спроведуваат физички активности за луѓе со и без попреченост, спортските клубови и институциите.

За  постигнување на наведените цели ќе биде развиен „Водич со ресурси“ кој ќе содржи информации за јавни простори, игралишта и спортски терени кои се лесно достапни и адаптирани за користење на лица со попреченост во локалната заедница, како и мапирање на постоечките спортски клубови и организации кои спроведуваат спортско-реакреативни активности адаптирани на лица со попреченост. Заедно со водичот, ќе биде развиена и „Обука за спроведување на капацитети“. Водичот со ресурси и Обуката за капацитети ќе бидат насочени кон јакнење на капацитетите на едукаторите, младинските работници, персоналот за поддршка кои работат во полето на спортот и искористувањето на слободното време, младински работници, лица кои работат со млади и млади возрасни лица со или без попреченост, родители во секоја од трите држави.

Спроведувањето на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза ќе опфаќа теренско истражување и спроведување на прашалник со цел да се мапираат сите постоечки капацитети во трите држави, кои потоа ќе бидат содржани во Водичот со ресурси, а втората фаза ќе вклучува серија на настани и работилници насочени кон експерти и организации кои работат со лица со попреченост.

Инаку, ЦМА Крик е невладина, непрофитна организација, основана и водена од млади луѓе, која работи со и за младите. Крик работи на постигнување на социјална инклузија и интеграција на младите луѓе со помали можности, а таргет група се млади луѓе со типичен развој, млади луѓе со попреченост и млади луѓе со потешка социјална и економска позадина.

Повеќе за работата на КРИК можете да погледнете на следниот линк.

Сподели на